Односите помеѓу Русија и Турција ќе се влошат поради Сирија?

AP
Турската армија започна операција против Исламска држава во северна Сирија. Според експертите, главната цел на Истанбул е да ја спречи доминацијата на Курдите на сириско-турската граница, а во однос на овој проблем Русија зазема неутрален став, за да избегне судир на интереси.

На 24 август претставниците на турските Вооружени сили го најавија почетокот на воената операција „Штитот на Еуфрат“ против борците на Исламска држава (забранета во Русија) на сириско-турската граница, во реонот на градот Џараблус. Операцијата ја изведуваат Турција и силите на сириската опозиција, со поддршка на западната коалиција. Наводно, бунтовниците се нападнати од турската артилерија и авијација, а на територијата на Сирија се префрлени делови на турските специјални сили и вооружени формации.

Турскиот канал NTV соопшти дека власта во Турција ја информирала Русија за почетокот на операцијата во Сирија. Министерството за надворешни работи на Сирија ја осуди турската операција, нарекувајќи ја нарушување на суверенитетот на републиката.

Операцијата е насочена против Курдите

До почетокот на турската операција Џараблус се наоѓаше под контрола на Исламска држава, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека операцијата се спроведува и против курдските формации активни на границата на Сирија и Турција (Анкара ги смета за терористи).

Леонид Исаев, виш предавач на катедрата за политички науки на Високата школа за економија смета дека главна цел на операцијата е токму борба против Курдите. Експертот потсетува дека како резултат на последните успеси на курдските сили во регионот против Исламска држава, се појави можност за обединување на курдските кантони на границата помеѓу Турција и Сирија во единствена територија што е неприфатливо за Ердоган.

„За Турција тоа е многу сериозна закана, затоа започна операцијата во пограничниот регион - со цел да се спречи обединувањето на курдските кантони“, вели Исаев. Тој смета дека за Ердоган е од витално значење да не се создаде енклава меѓу курдските терористи, која би можеле да ја контролираат групите на туркомани кои се пријателски настроени кон Турција.

Русија нема да се меша

На фонот на затоплувањето на руско-турските односи, Москва, според Исаев, ќе се воздржи од критики на адреса на Анкара и ќе стори се за да избегне влошување на односите.

„Русија и Турција би сакале по секоја цена да избегнат инциденти, слични на оној кој се случи во ноември 2015 година“, уверен е Исаев. Тогаш рускиот бомбардер Су-24 беше соборен од турските воздухопловни сили во реонот на турско-сириската граница.

Експертот признава дека северна Сирија не е територија на која Русија има значително влијание или интереси. „Ние намерно се дистанцираме од случувањата на турско-сириската граница, за да не поттикнуваме никакви конфликти“, појаснува Исаев. Според експертот Русија се концентрира на другите области на Сирија, претежно околу Алепо и се дистанцира од случувањата на северот.

Позицијата на Русија, според Исаев, може да предизвика критики од страна на курдските формации кои Москва дипломатски ги поддржува. „Курдите го доживуваат нашето однесување, најблаго речено, како некоректно, - вели Исаев. - Но, ние не ја поддржуваме Турција против Курдите, ние поаѓаме од позицијата на неутралност“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња