Зошто ја замолија Русија да го напушти Иран

AP
Далечните и фронтовските бомбардери Ту-22МЗ и Су-34 веќе нема да ја користат базата во Хамад, Иран, за извршување на борбени задачи во небото над Сирија. Според воени експерти и експерти за Блискиот Исток првиот обид за воена соработка помеѓу Русија и Иран не успеа поради голем број дипломатски и технички недостатоци кај Москва.

Руската борбена авијација веќе нема да ја користи иранската база во Хамад во војната со терористите од Исламската држава во Сирија. Ова го изјави во вторникот (22 август) портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков.

Тој истакна дека сите задачи поставени пред далечните и фронтовските бомбардери Ту-22МЗ и Су-34 се исполнети. А, авионите, активирани во борбените летови од Хамад, се вратени на руска територија.

Конашенков додаде дека авиобазата во Исламската република можат да се користат повторно во зависност од ситуацијата во Сирија.

Првата грешка

„Русите сакаат да покажат дека се наддржава, за да го осигурат својот удел во политичката иднина на Сирија и, се разбира, во врска со ова, покажаа и извесно неџентлменско (однесување)“, реагира иранскиот министер за одбрана Хосеин Дехган во интервју за агенција Associated press, откако Москва изјави дека од авиобазата во Хамад почнаа борбени летови на Ту-22МЗ.

Заменик-директорот на Институтот за ЗНД и воен аналитичар Владимир Евсеев смета дека Техеран се налутил поради тоа што руските политички лидери не ја усогласиле реториката со иранската страна.

„Техеран е многу сложен партнер и информациите во медиумите треба да ги презентираат заедно. Требаше да се организира изјава на амбасадорот на Иран во Москва Мехди Сана со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, каде страните требаше да дадат заедничка изјава за почетокот на користењето на воената база. Во печатот информациите се појавуваа еднострано преку воените лица“, истакна експертот.

Експертот смета дека во моментов се присутни и голем број политички причини за Ту-22МЗ и Су-34 да бидат вратени назад во Русија.

Политички причини

Евсеев наведува дека Русија мора да се консултира и со Саудиска Арабија за регулирањето на сириската криза. А, за Ријад распоредувањето на руска војска на територијата на неговиот главен противник во регионот (Иран), е како „црвено парче ткаенина за бик“.

„За време на Женева 3 Русија ќе одржи преговори со сите учесници во конфликтот - како со западните партнери, така и со сириската опозиција. За сите држави, употребата на иранската авиобаза за руските авиони е своевиден иритант во преговорите“, истакнува експертот.

Технички проблеми

Русија веќе го има користено Хамад како место за полнење на авионите пред почетокот на операцијата во Сирија кога се транспортираше воениот контингент во Хмејмим есента 2015 година

„Првично базата се користеше како аеродром за попатно полнење на нашите авиони. Истото се случи и (сега) со Ту-22МЗ кои запираа таму за проверка на техничката работа и за понатамошни борбени летови“, изјави во интервју за „Руска реч на македонски“ директорот на секторот за Иран во Институтот за ориенталистика при Руската академија на науките Нина Мамедова.

Таа додава дека по првите 2 дена на боиштата во август 2016 година се појавиле голем број технички проблеми.

За да може авијацијата да биде целосно оперативна, беше неопходно во Иран да се постави пункт за управување со соодветните канали за врска. Требало да се изгради и хангар за складирање на вооружување за Ту-22МЗ (секоја машина може да носи до 20 тони резерва), кои  исто така треба да се сервисираат и да се одржуваат.

„Статусот на руските војници во Иран, исто така продолжува да е големо прашање. Во случај на некаков инцидент, би настанале сериозни проблеми. Тие немаат дипломатски имунитет, како нашите војници во Сирија“, забележува Евсеев.

Експертите нагласуваат дека парламентите на двете земји треба да потпишат договор за изнајмување и за користење на авиобазата во кој се изложени сите технички и дипломатски аспекти на престојот на руските војници во Иран.

Идна воена соработка

Аналитичарите гледаат на повлекувањето на рускиот контингент како на привремена мерка.

„Руската авијација претставува единствено покритие за иранските војници во Сирија. Според последните податоци во борбите на територијата на земјата загинале над 400 ирански војници. Тоа се многу големи загуби“, тврди Евсеев.

Експертот додава дека во моментов е потребна напорна работа по прашањето за користењето на Хамад од страна на руската воена авијација. Но, во случај на продлабочување на кризата, авионите веднаш ќе бидат префрлени таму.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња