Третиот човек во Русија: Кој е Сергеј Иванов?

Рускиот претседател Владимир Путин зборува со Сергеј Иванов, шеф на претседателскиот кабинет, за време на состанок во московскиот Кремљ, 24 март, 2014.

Рускиот претседател Владимир Путин зборува со Сергеј Иванов, шеф на претседателскиот кабинет, за време на состанок во московскиот Кремљ, 24 март, 2014.

Ројтерс
Сергеј Иванов, еден од најлојалните и најблиски соработници на рускиот претседател, е сменет од функцијата шеф на кабинетот на Путин. Иванов на „политичкиот Олимп“ на Русија се наоѓа откако Владимир Путин за првпат стана претседател на државата.

Владимир Путин на 12 август го ослободи Сергеј Иванов (по негова желба) од должноста шеф на претседателскиот кабинет и го премести на полесна и на помирна должност – специјален претставник на претседателот на Русија за прашања поврзани со зачувувањето на природната средина, екологијата и сообраќајот.

Во хиерархиската власт Иванов дефакто беше третиот човек во земјата, мошне близок до Путин, „префинет интелектуалец со одлично познавање на англиски јазик“, кој во кариерата напредуваше од агент до мошне висок државен функционер. Колегите од Кремљ и неговите познаници велат дека внимателноста на Иванов е највпечатливата професионална карактеристика. Тој секогаш умееше да се држи на безбедна дистанца од крајно чувствителните прашања и воедно да се одржи на својата положба.

Советски Џејмс Бонд

За успешната кариера со брзо напредување на Сергеј Иванов му помогнал фактот што тој е стар пријател на Путин. Тие двајцата се запознале кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век на служба во КГБ. И двајцата имаат служено во странство – Путин во Западна Германија, а Иванов во Финска и во Кенија.

„Тој е идеален советски разузнавач. По ништо не се издвојува од другите – ниту според изгледот, ниту според името. Тој е нешто како мистер Смит од 'Матрикс'. Во деведесеттите години од минатиот век за него се бореа двете главни руски специјални служби – Федералната служба за безбедност (ФСБ) и Службата за надворешно разузнавање“, ова за Иванов во својата книга „Сета дружина од Кремљ“ го пишува новинарот Михаил Зигар.

Во Службата за надворешно разузнавање Иванов е поставен за прв заменик на директорот на Европскиот оддел и на свои четириесетина години веќе стана генерал. Но, во борбата за агентот сепак победи ФСБ, кога на негово чело дојде Путин. Тој во 1998 година го постави Иванов за свој заменик, со што го зајакна аналитичкиот блок на државната безбедност (Иванов беше на чело на одделот за анализа, прогноза и стратешко планирање). А, кога Путин стана премиер, тој му ја довери на Иванов должноста секретар на Советот за безбедност на РФ, што е клучна функција во овој орган.

Министер за одбрана со финансии

Со оглед на тоа дека се покажа добро, Сергеј Иванов во 2001 година беше поставен на чело на Министерството за одбрана, кое во тоа време беше еден од најнеуспешните ресори во руската влада. Армијата и морнарицата во тоа време беа во лоша состојба, а целата земја сè уште беше потресена од трагедијата на нуклеарната подморница „Курск“. Иванов мораше да работи на рехабилитацијата на авторитетот на руските воени лица (пред сè во очите на жителите на сопствената земја). Не правеше никакви нагли кадровски потези, ами започна да го реализира преминот на систем на служење на воениот рок по договор. Во негово време платите на воените лица беа зголемени за 50 до 100%, а се појавија и стабилни извори за финансирање и за ново вооружување и модернизација.

Сето ова се одвиваше додека беснееше Втората чеченска војна. Министерот Иванов во своите изјави не ги штедеше терористите, а во борбата против нив дозволуваше „да се користи сè, освен атомско оружје“, „само да биде ефикасно“. „За методите и начините на борба, секако, нема ни да разговараме“, додаде тој.

Од 2005 година покрај функцијата министер за одбрана ја доби и должноста вицепремиер, а во 2007 година беше ослободен од овие должности и беше поставен за прв вицепремиер.

Несуден наследник

Во првиот вицепремиерски мандат Иванов беше задолжен за воената индустрија, која му беше добро позната. Тој започна да го развива овој сектор со помош на државните холдинзи, а неговиот главен успех во ова поле е основањето на Обединетата корпорација за производство на авиони (тој беше и претседател на управниот одбор на корпорацијата од крајот на 2006 година). Негови највпечатливи проекти се Sukhoi Superjet 100 и Глобалниот навигациски сателитски систем (ГЛОНАСС).

Неговата втора важна функција во системот на власта беше поврзана за Вашингтон. Иванов фактички беше ополномоштеник на Путин за врски со администрацијата на Џорџ Буш Помладиот, даваше остри надворешнополитички изјави и стана второ лице на надворешнополитичката сцена, веднаш по Путин.

Во тоа време во кулоарите на Кремљ почна да се зборува за Иванов како за наследник на Путин, со оглед на тоа што му се ближеше крајот на мандатот. Вториот кандидат беше Дмитриј Медведев кој одговараше за националните проекти, но имаше помало влијание во странство. Еден познаник на Иванов ја објаснува причината зошто Медведев стана претседател, а не Иванов на следниов начин: „Иванов е лојален и мошне близок на Путин, но според него секогаш има извесно внимание, зашто Иванов е веќе афирмиран професионалец, и тоа никој не го заборава. Што ќе се случи, да кажеме, ако во него се разбудат амбиции?“

Кога во 2011 година Путин беше повторно избран за претседател. Сергеј Иванов го доби местото шеф на кабинетот, но, како што истакнуваат медиумите, уште тогаш беше во сенка, зашто во кабинетот други луѓе се грижеа за внатрешната политика.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња