Диверзијата во Крим: Што ќе прави Москва понатаму

РИА Новости
Во средата (10-ти август) и онака сложените односи помеѓу Русија и Украина се влошија уште повеќе: Москва го обвини Киев за подготовка на терористички напади на територијата на Крим.

Во средата (на 10 август) и онака затегнатите односи помеѓу Русија и Украина се влошија уште повеќе: Москва го обвини Киев за подготовка на терористички напади на територијата на Крим. Украинските диверзанти, како што тврдат од руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), се членови на актуелниот состав на украинските тајни служби. Биле поделени во две групи и се обиделе да навлезат во Крим со рачно изработени бомби, муниција, гранати, мини и оружје. Диверзантите се приведени, откако при нивното сослушување ФСБ дозна дека на полуостровот дејствува цела мрежа. Во судирите загинаа двајца руски офицери.

Активностите на Украина се „многу опасна игра“ и Русија нема да ги затвори очите на „вакви работи“, вети рускиот претседател Владимир Путин кој активностите на украинските власти ги нарече „практика на теророт“. Тој додаде дека во моментов не гледа смисла од спроведувањето на средби за решавање на југоисточниот конфликт во Донбас во нормандискиот формат (ваква средба е планирана за септември во Кина).

Највисокото раководство на Украина целосно негира дека е поврзано со приведените терористи и инцидентот го квалификува како „фантазија“ и повод „за уште една воена закана на адреса на Украина“. Украинската верзија е дека руски војници стрелале на вработените на граничните служби на ФСБ на Русија. 

„Не можеме да земеме и да ја нападнеме Украина“

Патем, од ФСБ тврдат дека приведените (државјани на Русија и Украина) веќе даваат признанија. Познато е дека целта им биле туристички објекти - тие носеле со себе експлозивни материи со моќност 40 кг во тротилов еквивалент. Само што, како што тврдат диверзантите, немале намера да ги активираат меѓу луѓето, туку само да направат серија експлозии на различни точки на одморалиштата за да предизвикаат паника и да го „убијат туризмот“.

Додека едната група навлегувала на руско-украинската граница со автомобили на украинските вооружени сили, другата поминала по алтернативен пат и требало да ги остави експлозивите во однапред подготвено складиштето.

Каков точно ќе биде одговорот на Русија на овој инцидент ќе зависи од Украина, сметаат експертите со кои разговараше „Руска реч на македонски“. „Не можеме поради тоа што една група разузнавачи се обидела да навлезе (во Крим), да земеме и да нападнеме воени објекти во Украина. Тоа е спротивно на меѓународното право“, смета заменик-претседателот на Комисијата за одбрана во Советот на федерацијата Франц Клинцевич. Но, слична воена операција е веројатна доколку Украина продолжи со провокациите во истиот дух, смета заменик-директорот на Институтот за политички и воени анализи Александар Храмчихин.

Во моментов Москва ќе се ограничи на дипломатски мерки – со остри предупредувања - и оперативни настани во линијата на тајните служби во внатрешноста на земјата. Според информација на весникот Комерсант, во северниот дел на Крим веќе се поставени дополнителни оклопни возила и војска.

„Да одговориме на тоа е безумно комплицирано. Никогаш ниту една земја во светот нема да признае дека испраќа групи за диверзии. И сега главното е да не се дава повод Русија да биде обвинувана за агресија против Украина. Ниту еден руски куршум не смее да биде истрелан кон украинската територија“, смета продеканот на Факултетот за светска економија и политика на Вишата економска школа Андреј Суздаљцев.

Сè е поради Донбас?

Дел од експертите гледаат на случувањата не само како на провокација, туку како на планиран повеќеетапен план од страна на Украина.

„Тука не станува збор за Крим; станува збор за Донбас“, смета Суздаљцев. Крим е посебна територија и токму борбата за бунтовниот Исток ја тера Украина да дејствува на овој начин“.

Киев бара можности да ги влоши односите со Русија, за да се откаже од извршувањето на договорите „Минск 2“, а потоа да ја обвини Москва за агресивни намери, изјавува за РБК раководителот на Центарот за политичка конјуктура близок до Кремљ Алексеј Чеснаков. Според Суздаљцев, на украинското раководство му требаат некакви успеси пред изборите - како на пример враќање на Донбас под пазувите на Украина, а со Русија зад грбот на Донбас тоа е невозможно.

Во исто време точно e дека Украина сама се стави во тешка положба. Од ФСБ раскажаа што се случило во Крим неколку дена по инцидентот, додека собираа докази. Оттаму посочуваат дека предводник на диверзантите бил уапсениот 39-годишен Евгениј Панов, кадровски соработник на Главната разузнавачка агенција во украинското Министерство за одбрана. „Имаме два трупа. Тие беа убиени од Украинците на руска територија. Ова е многу сериозно“, потсетува Суздаљцев. Во слична очигледна ситуација, преку записи од распитите, Советот за безбедност на ОН нема да ризикува целосно да поддржи Порошенко, смета Клинцевич.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња