Прирачник за преживување: Денот на ВДВ

EPA
Доколку сте љубители на авантури и не можете да ѝ одолеете на желбата да видите момчиња во морнарски маички и во сини беретки, тогаш ова упатство е токму за вас.

Родителите и пријателите ми советуваа да не излегувам надвор на Денот на десантните падобрански единици. Ми велеа дека на 2 август пијаните падобранци само бараат жртва, односно кандидат за болничко лекување. Но, јас, не можев да одолеам и отидов сам во московскиот парк Горки да поминам еден ден во друштво на припадниците на десантните падобрански единици.

Следуваат неколку совет за оние кои, како и јас, си го бараат со боринче.

1. Мора да бидете „упатени“

Најдобар начин да најдете заеднички јазик со пијаните „џомби“ е самите да поминете низ „школата“ на вооружените сили на РФ. Животот во касарната и односите помеѓу војниците оставаат посебен печат во душата – човек поинаку почнува да гледа на нештата, поостро и погрубо да реагира на настаните, а во говорот му се појавуваат манири и изрази карактеристични за луѓето во војска. Ако го имате сето тоа, тогаш за нив сте „наш човек“.

Исто така, потребно е јасно и брзо да се одговори на цела низа прашања: каде си служел, во која единица, од кое оружје си пукал итн.

Но, најважното прашање што падобранците сакаат да го поставуваат е: „Дали си бил во војна?“ Од тука произлегува втората точка на нашето упатство: не правете се важни!

2. Не правете се важни

Александар, кој го отслужил својот воен рок непосредно пред почетокот на Првата чеченска војна (од 11 декември 1994 до 31 август 1996 година), вели дека никој од неговите помлади другари и пријатели никогаш не зборува за она што го има преживеано во војната.

„Никој никогаш нема да се фали и да раскажува како убил десетина луѓе. Пред неколку години низ разговор со еден другар што го знам уште од школските клупи, дознав дека тој имал помалку среќа од мене – него војната сепак го закачила. Тој со болка во гласот ми раскажуваше што преживеал“, вели поранешниот припадник на десантните падобрански сили.

Имено, неговиот другар бил заробен и мачен. Го тепале и не му давале да јаде и да спие.

„Тоа е болка која тој се обидува да ја заборави. Фалбаџиите веднаш ги читаме како буквар. Не дај Боже некој да се обиде да ни раскажува измислени приказни за своите доживување во војна“, вели Александар.

3. Капете се во фонтана. Во костим.

По кус „другарски“ разговор ми беше предложено да изберам: или да пијам вотка или заедно со останатите падобранци да се капеме во фонтана, онака во костим.

Веднаш се сложив да се „намокрам“ заедно со припадниците на десантните сили. Кога влеговме во вода, го пуштив својот соговорник прв да доплива до центарот на фонтаната, па сите веднаш ме прифатија во друштвото. Тоа го сфатив кога Александар кој сјаеше од среќа, реши на мене да проба еден зафат што го има вежбано во младоста, ме крева во вис и ме фрла на грб.

По кусо борење во фонтаната излеговме на „копното“ мокри и задоволни. Александар дури и го викна сина си и му рече да ми направи сендвич и да ми донесе лименка кола, како да сакаше да каже: „заслужи“.

4. Подготовка на варијанти за повлекување

Доколку не сте служеле војска, но сепак сакате во своите очи да видите како го прославуваат својот празник луѓето во сини беретки, мора да се подготвите и однапред да смислите на која страна ќе бегате доколку ситуацијата стане затегната.

Градските власти на Денот на десантните падобрански единици ги затворија сите киосци, продавници и кафулиња во градските паркови.

Сепак, и јас успеав да најдам решение. Треба да контактирате со администрацијата на паркот во кој сакате да одите и да ги прашате каде можете за се скриете ако стане „густо“. Таму ми дадоа телефон од едно „затворено“ кафуле во паркот Горки, кое е подготвено да ги прифати невнимателните туристи.

5. Тренирајте трчање

Доколку не ви одговара ниту еден од овие совети, а сепак решите малку да се направите важни пред падобранците, тогаш можат да ве спасат само брзите нозе.

Оние што се најпаметни и најитро сиве овие прашања ги решаваат на тој начин што на 2 август си седат дома. Тоа е најдобар начин да се преживее Денот на десантните падобрански единици во Русија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња