Го спаси ли Русија Ердоган?

Ројтерс
Медиумите проширија информации дека руското разузнавање го предупредило турскиот претседател за подготвувањето на воениот удар од 16 јули и дека токму тоа му овозможило да го запре заземањето на власта од страна на војската. Самиот Ердоган изјави дека дознал за воениот удар од својот зет.

Информациите дека руското разузнавање го предупредило претседателот на Турција за воениот удар и дека на тој начин му е овозможено да се спаси и да ја задржи власта, беа распространети од медиумите вечерта на 20 јули. Не се знае сепак колку извештаите дека Русија помогнала на Ердоган се точни.

Верига извори

Медиумите кои ја проширија верзијата за руско учество во победата на Ердоган, се потпираат на водечката иранска новинска агенција Fars, која цитираше информации од голем број арапски изданија (особено суданската Al Sudan Al Youm). Како извор арапските медиуми посочуваат анонимни турски дипломати.

Според верзијата што ја проширија медиумите руското воено разузнавање, сместено во базата „Хмејмим“ во Сирија, успеала да пресретне и да дешифрираат радиопораки на војската. Заговорниците планирале да испратат неколку хеликоптери до хотелот на Ердоган во Мармарис, за да го заробат или да го убијат претседателот. Руското Министерство за одбрана ги испратило информациите за нивните планови на турското разузнавање, што му овозможило на Ердоган да избега навреме, а потоа да ја преземе иницијативата во свои раце.

Демант на Ердоган

Практично истовременo додека беше објавена информацијата за улогата на Русија за победата на Ердоган, самиот турски претседател во интервју за катарската телевизија „Ал Џезира“ (Al Jazeera) излезе со друга верзија. Според него прв за подготовка на воениот удар го информирал зет му. Отпрвин тој не му поверувал, но откако разговарал со шефот на разузнавањето, решил да преземе мерки. Заедно со семејството го напуштил Мармарис со хеликоптер и се упатил кон Истанбул.

Претходно службата за односи со јавноста на турските вооружени сили соопшти дека турските тајни служби всушност се договориле за подготвуваниот воен удар порано: во 16:00 часот на 15 јули (околу 5 часа пред почетокот на превратот).

Изворот на информацијата, сепак не беше наведен. Турските власти засега не ја коментираат верзијата за улогата на Русија при задушувањето на воениот удар. Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека не располага со информации за тоа дека руското разузнавање е вмешано во информирањето на Ердоган за воениот удар.

Политички игри

Според туркологот Виктор Надеин-Раевски, водечки научен соработник во Институтот за светска економија и меѓународни односи при Руската академија на науките, во моментов не е можно да се дознае дали Русија всушност му помогнала на Ердоган. „Самите сфаќате дека разузнавањето нема да каже ништо и никој не може да го потврди или да го негира фактот за пренос на информации“, вели Надеин-Раевски за „Руска реч на македонски“.

Без разлика дали гласовите распространети во медиумите се праведни или не, самата појава е важен сигнал за подобрување на односите помеѓу Русија и Турција, посочува експертот.

„Во тек е политичка игра и е сосема можно оваа порака исто да е дел од играта“, смета Надеин-Раевски. „Објавувањето на слични гласови не е лош потег за да се демонстрира затоплувањето на односите и да се покаже дека веќе се одвива сериозна соработка“.

Како што смета експертот, во моментов Ердоган има потреба од затоплување на односите со Русија и прави сè што е можно за тоа: „Ердоган веќе изјави дека ги испитува активностите на двајцата пилоти во авионот (бомбардерот Су-24 беше соборен над Сирија на 24 ноември 2015 година од турската војска). Тоа е демонстративен чекор. Сега Ердоган се најде во изолација од страна на Западот и му е потребна соработката со Русија“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња