Рускиот заменик-министер за надворешни работи Григориј Карасин на средба со амбасадорите на САД и на Франција на 6 јули изјави дека заострувањето на ситуацијата во Донбас е знак дека украинските воени сили подготвуваат моќна операција. Карасин ги замоли амбасадорите на двете земји, чии лидери и претседателите на Русија и Украина се учесници во таканаречената Нормандиска четворка за решавање на кризата во Донбас, да „го употребат своето влијание за да извршат притисок врз Киев со цел да не се дозволи воено сценарио...“
Следниот ден ситуацијата во источна Украина беше тема на телефонскиот разговор меѓу претседателите на САД и на Русија. Овој пат со сличен повик се обратија кон самиот руски лидер - само што овој пат тоа се однесуваше на Донецк и на Луганск, кои уживаат поддршка од Москва. Обама побара Путин да „преземе мерки за да се стави крај на избувнувањето на судирите во источниот дел од земјата“.
Загриженост од сериозно активирање на борбите во Донбас звучеше не само во Русија, туку и во Украина. Во Киев оваа можност традиционално се поврзува со желбата на Кремљ да ја дестабилизира ситуацијата во Украина во целина и во Донбас особено. Како што рече претседателот на парламентот Андреј Парубиј, Москва може да биде во искушение да го стори тоа на фонот на „изборите во САД и на кризните појави во ЕУ“.
Доколку по прашањето кој треба да придонесе за стабилизирање на Источна Украина нема единствено мислење, тогаш порастот на тензиите по линијата на поделба во Донбас во последно време не е никакво изненадување. Според медиумите во последниве недели бројот на бомбардирањата во Донбас се зголемил за една третина. ОБСЕ исто така објави за зачестени прекршувања на договорот за прекин на огнот.
Во исто време руските експерти не гледаат причина да се зборува дека украинските воени сили се подготвуваат за големата офанзива во бунтовничките области на Донбас. Според заменик-директорот на Институтот за ЗНД Владимир Евсеев „не може да се зборува за распоредување на голем број војници (од страна на Киев)“. Побрзо станува збор за провокација од страна на радикално расположените групи (на линијата има многу борци од доброволнички организации, познати според радикалните ставови), кои имаат интерес односите меѓу Русија и Западот да се влошат.
Во интервју за „Руска реч на македонски“ воениот експерт и главен уредник на списанието „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски рече дека не располага со податоци кои говорат дека украинската страна подготвува „некакви големи воени дејствија“.
Во исто време, според заменик-директорот на Институтот за политички и воени анализи Александар Храмчихин, покрај отсуството на пораки дека Киев подготвува офанзива, воените дејствија во Донбас никогаш не запреле целосно и секој момент може повторно да избувне вистинска војна. Причината за тоа експертот ја гледа во незадоволството и на двете страни од ситуацијата во моментов - и Киев, и Донецк и Луганск би сакале повеќе.
Обидите на Русија за апел до европските учесници во нормандиската четворка продолжија и во петокот, 8 јули. Овој пат на повисоко ниво. Во телефонски разговор Путин ги повика лидерите на Германија и на Франција да влијаат на Киев, за да може украинските воени сили да ги прекинат „активностите од провокативен карактер“.
Мураховски нагласува дека „украинската страна периодично пушта свои единици во локални операции, вклучително со користење на тешко вооружување“. Според експертот ова особено се однесува на доброволничките баталјони. Во врска со ова тој потсетува на неодамнешните судири во реонот на Дебаљцево, област контролирана од поддржувачите на ДНР. Според експертот две чети украински војници сакале да ја заземат неутралната зона, но добиле отпор и биле принудени да отстапат. „Од воена гледна точка резултатот (од оваа операција) е апсолутно бесмислен“, заклучува воениот експерт.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче