Москва и Вашингтон почнуваат заедничка акција во Сирија

Ројтерс
Претседателот на САД Барак Обама ѝ предложи на Русија да започнат заеднички борбени операции против борците на „Џебхат ан Нусра“ за зајакнување на позициите на демократите во предизборната трка во САД, сметаат руски експерти. За Москва, сепак овој чекор, исто така има позитивно значење.

Белата куќа се изјасни за спроведување воени операции против „Џебхат ан Нусра“ во Сирија. Претседателот на САД Барак Обама изјави дека е подготвен да ја прошири соработката со Москва, доколку бидат прекинати бомбардирањата на голем број прозападни сили – „Џејшал-Ислам“ и „Ахрараш-шам“.

Реакцијата на Министерството за одбрана на Руската Федерација на предлогот на американската страна беше позитивна и оттаму потсетија дека во мај оваа година рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу исто се изјасни за спроведување на заеднички операции.

Москва е заинтересирана за проширување на соработката, тоа ќе биде силен поттик во решавањето не само на сириската криза, туку и ќе доведе до напредок во решавањето на проблемот во Ирак и во Авганистан.

Што го попречува успехот

Москва сепак е загрижена од фактот што Пентагон не планира да ги предаде на Министерството за одбрана на Русија точните координати на формациите, туку само да се ограничи со листа на зоните, „ослободени од удари на ВВС на Сирија и Русија“.

„Соработката може да биде комплицирана од бројни фактори. Првиот меѓу нив е неподготвеноста на Пентагон да ги сподели со Москва координатите на единиците на прозападните сили, туку само да ги објави зоните на борбените дејства“, вели за „Руска реч на македонски“ воениот набљудувач на весникот Известија Дмитриј Литовкин. Ваквата таинственост може да се одрази негативно на ефикасноста на заедничките активности.

И некои американски експерти изразуваат таква загриженост. На пример поранешниот амбасадор на САД во Сирија Роберт Форд во интервју за „Вашингтон пост“ (The Washington Post) изјави дека дури и доколку Дамаск се согласи да го прекине бомбардирањето на областите каде што се базирани прозападните групи, ништо нема да ги попречи борците на „Џебхат ан Нусра“ да ги повлечат своите војници во регионите, означени како забранети за бомбардирање.

Каде ќе се водат главните борби

Според заменик-директорот на Институтот за ЗНД и воен експерт Владимир Евсеев, за САД главната цел на воените дејствија е ослободувањето на градот Рака од борците на „Исламска држава“.

„Обама сака да ги ослободи мирните жители и да остави свој белег во историјата. А, додека сириската армија излегува од провинција Рака и фактички запира со напредувањето кон главниот град на покраината, прозападните сили, со поддршка на американската авијација, наскоро ќе започнат офанзива врз градот“, забележува Евсеев.

А основен правец за сириската владина армија ќе остане Алепо, чие ослободување за Башар ал Асад е клучот за успехот во оваа војна. Токму таму ќе биде дислоцирана неговата војска.

„Од воено-тактичка гледна точка Рака не е од големо значење - многу важно во оваа фаза од војната е да се врати контролата над северните региони на Алепо. Ова ќе овозможи „да се исчисти“ транспортниот коридор на терористите на кој тие добиваат провизија, муниција, лекови и засилување“, вели Евсеев.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња