Првиот авиопревозник на аеродромот Жуковски ќе биде Air Kyrgyzstan, официјалната авиокомпанија на поранешната република на СССР Киргистан. Сите линии на оваа авиокомпанија ќе бидат префрлени од Домодедово на Жуковски. Промотивниот лет е планиран за 20 јуни, а редовните летови ќе започнат на 1 јули 2016 година.
Подоцна на компанијата Air Kyrgyzstan ќе ѝ се приклучи и SCAT Airlines од Казахстан, азиска земја која порано исто така беше во состав на Советскиот Сојуз. Со текот на времето на Жуковски можат да бидат воведени линиите на големата малезиска компанија Air Asia. Претставниците на оваа авиокомпанија ваквата можност ја најавија во март оваа година.
Аеродромот е со капацитет од 4 милиони патници годишно. Првобитно беше планирано основната компанија што ќе го користи овој аеродром да биде „Доброљот“. Тоа беше нискотарифна авиокомпанија што ја основаше „Аерофлот“, но поради западните санкции беше ликвидирана. Аерофлот потоа основаше нова нискотарифна компанија „Победа“, но таа го користи московскиот аеродром Внуково.
Жуковски е единствениот московски аеродром чиј контролен пакет акции припаѓа на странци. Со изградбата раководеше структурата „Рампорт Аеро“ која контролира литванската Avia Solutions Group, со тоа што 24% плус една акција ѝ припаѓа на државната компанија „Ростех“.
Идејата за отворање нов аеродром се појави уште на почетокот на деведесеттите години од минатиот век благодарение на наглиот пораст на бројот на патниците на московските аеродроми. Но, роковите повеќепати беа пролонгирани, со оглед на тоа што менаџерската компанија поради бирократски процедури не стасуваше да ја добие потребната документација.
За разлика од останатите московски аеродроми, Жуковски не е поврзан со градот со специјалната железничка линија „Аероекспрес“, така што до него може да се стаса само со кола или со обичен воз од приградските железнички станици. Од метро-станицата „Комсомољскаја“, во чија близина се сместени три московски железнички станици, за околу еден час со приградски воз може да се стаса до станицата „Отдих“, а оттаму патниците ќе бидат превезувани до аеродромот со бесплатни минибуси.
Во реконструкцијата се вложени вкупно 27 милиони американски долари. Се очекува дека вложените средства ќе се исплатат за седум години.
Аеродромот 70% од своите приходи ќе ги добива од споредни дејности: паркинг, трговски и деловни центри, трговски терминал и слично.
Жуковски планира во 2017 година да стане првиот руски аеродром кој ќе објави иницијална јавна понуда (IPO).
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче