Што значи за Москва назначувањето на новиот турски премиер?

Ројтерс
„Руска реч на македонски“ се консултираше со експерти во врска со прашањето за тоа дало постои надеж односите меѓу двете земји да се нормализираат откако турската влада доби нов премиер.

На 22 мај на вонредна седница на владејачката турска Партија на правдата и развојот (АПР) Бинали Јилдирим беше избран за нов лидер на политичката партија. Според турското законодавство тој стана и премиер на земјата. Јилдирим е близок соработник на претседателот Реџеп Таип Ердоган и до неодамна ја вршеше функцијата министер за транспорт, навигација и комуникации.

За разлика од својот претходник, Ахмет Давутоглу, тој е познат по неговиот прагматизам. Голем број аналитичари предвидуваат дека со новиот премиер турската надворешна политика ќе стане поумерена отколку со Давутоглу.

Ги прашавме турските и руските експерти како ќе влијае назначувањето на Јилдирим врз руско-турските односи кои се во криза од ноември 2015 година, кога Турција го собори руски бомбардер Су-24 со тврдење дека тој го нарушил нејзиниот воздушен простор.

Што да очекува Русија?

Мислењата на експертите со кои разговараше „Руска реч на македонски“ се согласија со мислењето дека Бинали Јилдирим тешко може да иницира нормализирање на односите со Москва.

Иван Стародубцев, политиколог, експерт од Институтот за Блискиот Исток и специјалист за турска политика и економија, претпоставува дека назначувањето на Јилдирим нема да има којзнае какво значење за руско-турските односи.

„Доаѓањето на премиерската функција на технократ е сигнал дека центарот на идеологијата и донесувањето одлуки на надворешнополитичката арена конечно се префрли на теренот на претседателот. Покрај тоа, новото назначување значи забрзување на транзицијата на земјата од парламентарна република кон претседателска форма на управување“, смета Стародубцев.

Со него се согласува и Илшат Саетов, ориенталист-турколог, директор на Центарот за проучување на современа Турција. „Ова назначување значи дека сега владата ќе биде раководена од фигура, која не е 99% (Давутоглу), туку 100% лојална на Ердоган - истакна експертот. - Јилдирим е дамнешен соработник на Ердоган, но главното е дека тој е целосно вграден во сите корупциски шеми, за разлика од Давутоглу, и никогаш, дури ни хипотетички, нема да му падне на ум да стане вистински премиер“.

Сè е во рацете на претседателот

Сепак, постојат голем број експерти, кои не ја исклучуваат можноста турската страна да го искористи „новиот премиер“ како фигура која не е „лоша“ во сегашната криза со Русија, односно која лично не ја издаде наредбата да биде уништен рускиот борбен авион во ноември 2015 година.

Хакан Аксај, турски политиколог и автор на колумнна на интернет-изданието T24, забележува: „Доколку во Анкара се појави потреба од еден вид обновување на односите со Русија, тогаш, се разбира, „новиот премиер“е една прекрасна можност да се влезе во контакт со Москва“. Според политикологот сето тоа зависи од фактот како ќе се развива ситуацијата во Сирија.

Кери Хас, експерт од провладиниот турски центар за анализи USAK (Меѓународна организација за стратешко истражување / Центар за евроазиски науки), смета дека судбината на руско-турските односи е во рацете на претседателот Ердоган, а новиот премиер е само погодна фигура за него при сегашните услови.

„Назначувањето на Јилдирим не ветува позитивна промена за односите меѓу Москва и Анкара. Не верувам дека со него ќе има нормализација на руско-турските односи. Кај новиот премиер тие најверојатно ќе влезат во фаза на „контролирана затегнатост“, изјави турскиот експерт за „Руска реч на македонски“.

Според Стародубцев прашањето за нормализацијата на односите меѓу двете земји се заклучува првенствено во тоа дали Русија би можела во моментов да се очекува какви било чекори од страна на Турција кои се насочени кон нормализација на односите. „Поаѓајќи од реториката на руските федерални канали, тешко е да се предвидат очекувањата. Кога станува збор за новиот турски премиер, според сè изгледа дека тој најпрво ќе се концентрира на политичките реформи во земјата и на економските проблеми, и ќе ја тргне настрана сета надворешнополитички агенда на претседателот Ердоган“, предвидува експертот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња