Помилувањето на украинскиот војник Надежда Савченко и нејзината замена за двајца Руси – Евгениј Ерофеев и Александар Александров, кои беа заробени во Украина, претставува неочекуван настан за јавноста, како во Русија, така и во Украина. Од утрото до самото полетување од Русија, нејзините адвокати не знаеја ништо за планиранара операција. Не можеше да биде избран подобар ден за ваква операција, со оглед на тоа дека точно пред две години на должноста претседател на Украина стапи Петро Порошенко кој се колнеше дека ќе успее да ја ослободи Савченко, која беше обвинета за учество во убиство. „Како што ја вративме Надежда, така ќе ги вратиме и Донбас и Крим“, вети Порошенко на заедничката конференција со Савченко.
Цвеќе, куп новинари, лидери на парламентарни фракции, премиерот – во татковината Савченко беше пречекана како херој. Во Русија, каде вниманието на јавноста кон неа беше многу пониско, исто така се почувствува олеснување.
Во Ростов на Дон (1.100 километри јужно од Москва – заб. ред.) по постариот потполковник Савченко долета претседателскиот авион. Претседателот на Украина не беше во авионот, но тој ја чекаше на аеродромот Бориспољ, каде што слета леталото. Ослободената се симна без обувки – сакаше да стапне на родната земја боса. „На аеродромот се чувствува возбуда. Новинарите поставуваат клупи што ги имаат донесено од постојките за да ја видат Савченко. Вработените на аеродромот се шокирани“, вели репортерот на украинското издание „Страна“.
Откако излезе кај новинарите, Савченко ги замоли да го „почитуваат личниот простор“ и да се повлечат од неа на три метри. „Две години бев во самица, не сум навикната на луѓе, затоа може да регирам нагло“. Потоа следуваше емоционална, но кратка реч, победничко селфи во претседателската поворка, врачување на наградата Херој на Украина и свечен прием кај претседателот, кадешто новинарите немаа многу можност да поразговаат со постариот потполковник. „Со цел новинарите да не поставуваат никакви прашања на Надежда Савченко во холот на Банковаја (администрацијата на престедателот), тие беа неколку минути затворени во салата за државни свечености. Едноставноста е залог на успехот“, известува Свјатослав Хоменко од украинската служба на Би-Би-Си.
„Поради хистеријата за Савченко некако подзаборавија дека двајца наши државјани се вратија во татковината“, напиша на својот профил на Твитер познатиот телевизиски водител Владимир Соловјов. Многумина го забележаа контрастот во пречекот на ослободените. На московскиот аеродром „Внуково“ немаше никаква мешаница. На паркингот на терминалот стоеше кола со дипломатски таблички, а поранешните војници ги пречекаа нивните сопруги и неколку федерални телевизиски станици. Ослободените не дадоа никакви изјави. „Не знам што се случува во Бориспољ. Кај нас да ги пречекаат Ерофеев и Александров ги пуштија само Раша Тудеј, Првиот канал и НТВ. Згора на тоа не дозволија да се поставуваат прашања, само беше направено фотографирање“, вели новинарот на либералната „Новаја газета“ Павел Канигин.
Патриотските кругови на јавноста не почнаа да ликуваат во врска со враќањето на војниците во татковината. Без оглед на тоа каков став имаат во Русија кон Савченко, зборовите „фала Богу, заврши и оваа приказна“ се слушаа почесто отколку обвинувањата за покажување „слабост“.
„Ќе влијае ли оваа размена на односите меѓу Русија и Украина? Се сомневам. Украинската страна ќе се обиде да добие максимум пропагандистичка антируска придобивка... Но, мораше задолжително да се направи размена на Савченко, тоа беше принуден чекор, немаше друг начин“, напиша новинарот Владимир Познер на својот сајт.
По направената размена и по „откривањето“ на подробностите, почна да се зборува за конкретните нешта во врска со настанот: претседателот на РФ Владимир Путин подвлече дека одлуката била наметната „пред сè од хуманитарен карактер“, а спикерот на горниот дом на парламентот Валентина Матвиенко обрна внимание на тоа дека „не станува збор за размена“, туку за опција од меѓународниот договор. „Русија и Украина ја ратификуваа Европската конвенција за предавање на осудени лица за извршување на казната во друга земја“.
Без оглед на тоа, размената претставува помилување, слабост или пројава на дипломатска еластичност – долгата приказна на Савченко по себе ќе остави долг привкус, сметаат во двете земји. И доколку Москва на крајот се ослободи од „раздразнувачот“, Украина си доби пратеник во Радата (Савченко има мандат од 2014 година) со прилично цврст став. „Таа фактички ќе стане детонатор за многу процеси... Таа ќе биде против законот за избори во Донбас, а нејзиното присуство нема да дозволи тој да се „провлече“, што ќе биде проблем за Петро Порошенко“, претпоставува пратеникот од Радикалната партија Игор Попов.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче