Животот во руската воена база Хмејмим во Сирија е бурен и дење и ноќе. Без оглед на објавеното примирје од 27 февруари, војната со ИДИЛ и со „Џебхат ан Нусра“ продолжува.
Нашиот авион пристигнува на воената база во осум часот наутро. Во тоа време во целосна опрема се наоѓаат членовите за воено дежурство и за исполнување на задачите на небото и на земјата. Исклучок се само војниците и офицерите кои ја продолжуваат својата служба на местата од претходниот ден и кои ја чекаат својата смена.
Додека ги брифираат новинарите за тоа што „може, а што не“, војниците ги подготвуваат ловците и бомбардерите за лет. Пред моите очи тие товарат две 500-килограмски шрапнелно-фугасни бомби на напредниот домашен ловец-бонбардер Су-34С.
Како што вели за „Руска реч на македонски“ началникот на службата за односи со јавноста на Министерството за одбрана на РФ генерал-мајор Игор Конашенков, неколку линии на Руската авијација заминуваат на извршување борбени задачи во градовите Рака, Арак, а исто така и во Дејр ез Зор, кој се наоѓа под блокада на терористите.
„Во предградијата на Дејр ез Зор се водат тешки борби, а жителите на градот се отсечени од останатиот свет. Секои 10 дена во градот авионите на военотранспортната авијација фрлаат платформи со хуманитарна помош за населението. Ситуацијата во градот е тешка“, вели генерал-мајорот.
Руската и сириската војска исто така доставуваат хуманитарна помош за жителите на блокираниот град Алепо. Владините сили успеаја да ослободат од терористите еден од маршрутите и сега редовно им ги доставуваат на жителите неопходните продукти. „Минатата недела терористите се обидоа да ја попречат испораката и го нападнаа конвојот. Сепак, ние можевме да го одбиеме нападот и ја задржавме маршрутата под контрола“, додава Конашенков.
Генерал-мајорот подвлече дека руските ВКС не вршат напади врз градот Алепо.
Од авиобазата Хмејмим заедно со руските војници и со единиците на вооружените сили на Сирија доаѓаме во месноста Каукаб (на арапски тоа значи „планета“ – заб. ред, населба во градот Хама) на десет километри од линијата на фронтот.
Претходниот ден од ова населено место беше потисната основната единица на припадниците на „Џебхат ан Нусра“. Помалите групи што останаа решија да се предадат и да бидат верни на владата на Сирија.
Домовите и ѕидовите се изрешетени од автоматско и огнострелно оружје, на некои ѕидови се гледаат дупки од 122-милиметарско оружје. Без оглед на сите ужаси на војната, отсуството на вода и на струја, во селото царува радост – жителите се враќаат дома по ослободувањето на месноста од терористите. Пред нас старешините на селото потпишуваат договор за верност на законската влада, а борците кои се одделија од „Џебхат ан Нусра“ пред конвојот од сириските војници го положуваат оружјето.
Како што вели за „Руска реч на македонски“ еден од сириските офицери, бунтовниците кои не извршиле тешки злосторства, можат да му се вратат на нормалниот живот: да ги поправат домовите и да им се вратат на своите семејства. Според него, кога во месноста дошле борците на „Џебхат ан Нусра“ поголемиот дел од жителите немале избор – или да го изгубат животот или да се борат на страната на терористите. Оваа ситуација има општ карактер на територијата на земјата, која е распарчена од граѓанската војна, па затоа владата донесе одлука да дозволи на дел од поранешните борци да започнат нов живот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче