Како ќе изгледа годинашнава Парада на победата

EPA
На 28 април колоните со оклопна техника излегоа на првата победа за Парадата на победата на Црвениот плоштад. Екипата на „Руска реч на македонски“ го посети полигонот каде е привремено базирана техниката и дозна кога и каде можеме да видиме како поминува воената техника низ улиците на Москва.

Вооружените сили на Руската Федерација на 28 април ја имаа првата проба за Парадата на победата на Црвенио0т плоштад. Неколку дена претходно во западното предградие на Москва беше подигнат привремен логор каде армијата ги базираше борбените машини што ќе учествуваат на свеченоста.

Над 100 возила на борбената техника беа поделени и построени во неколку колони според родовите на војската.

Во првите два „реда“ се построија борбените возила на пешадијата БМП-3, оклопните транспортери БТР-82А, како и најновите борбени возила „Тигар“.

Зад пешадијата се тенкистите со својата техника. Меѓу нив, по традиција, се на прво место тенковите Т-34, кои направија пресврт во Големата татковинска војна. Покрај нив се основните борбени машини на Вооружените сили на Руската Федерација: Т-90 и најновиот Т-14 на платформата „Армата“, со топови со калибар од 125 милиметри.

Како техниката се подготвува за парадата?

Додека минуваме низ редовите борбени возила војниците ги „гланцаат“, односно ги чистат оклопите за да блескаат, ги премачкуваат со црн лак гасениците и гумите, и проверуваат дали работат моторите и другите механизми, Како што вели еден од офицерите во разговор со нас, сè треба да биде идеално кога техниката ќе тргне на улиците од градот.

Посебна колона е онаа на артилеријата со напредните зенитни ракетни системи „Панцир-С1“, „Тор-М2У“ и „Бук-М2“. Низ улиците на престолнината на Русија ќе минат и самоодечките хаубици „МСТА-С“ и „Коалиција-СВ“ со калибар од 152 милиметри, кои можат да гаѓаат цели на оддалеченост од 40 километри.

Додека ја гледаме техниката еден офицер објаснува: „Главната точка на програмата се мобилните системи Јарс и Искандер-М со интерконтинентални и балистички ракети“. Тие, според него се еден од најважните „аргументи“ на Вооружените сили на РФ.

Маршрутата на воената техника низ улиците

Веќе е изведена првата ноќна проба на Парадата на победата на Црвениот плоштад. Остануваат уште две, така што московјаните и гостите вечерва и на 7 мај ќе можат да ја видат оваа техника на улиците на Москва.

Додека траат пробите сообраќајот во престолнината на Русија ќе биде делумно ограничен, но заинтересираните ќе можат од московските тротоари и од алеите да го видат движењето на техниката од стартот на колоната на западот на градот, па сè до Црвениот плоштад.

Минувањето на механизирани колони непосредно на Црвениот плоштад вечерва ќе започне во 22 часот. Стартот на техниката на западот започна во 17 часот.

Генералната проба ќе се одржи на 7 мај. Тогаш колоната ќе тргне наутро, точно во 6 часот.

Што значи Парадата на победата за Русија?

Како што истакнува за „Руска реч на македонски“ воениот аналитичар на „Известија“ Дмитриј Литовкин, Парадата на победата за Русија не е само демонстрација на воената моќ, ами и рапорт за државниот врв за тоа како се потрошени средствата што се издвоени за модернизација на вооружените сили.

„Во модернизацијата на вооружувањето на армијата до 2020 година се вложени 22 билиони рубли (340 милијарди американски долари – заб. ред.). Ова за буџетот е огромна сума, дури и кога ќе се земе предвид дека е распределена на 10 години. Поради тоа Парадата на победата е еден од начините на кој на сета земја ѝ се поднесува извештај за потрошените средства“, истакнува експертот.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња