„Бесмртниот полк“ и во Македонија

Денес напладне во просториите на хотелот „Амбасадор“ во центарот на Скопје беше одржан брифинг за новинари, на кој говореа аташеите на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија Станислав Лупин и Михаил Лушин. Повод за брифингот беше одбележувањето на Денот на победата во Република Македонија и учеството на Руската амбасада во оваа манифестација. „Руска реч на македонски“ го проследи настанот, со цел на своите читатели да им раскаже каде и како можат да бидат дел од овие случувања.

По повод Денот на победата, денес во хотелот „Амбасадор“ во Скопје беше одржан брифинг, на кој со новинарите зборуваа Станислав Лупин и Михаил Лушин, аташеи на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија. На средбата со новинарите тие ги најавија и настаните што Руската амбасада ги подготвува по повод одбележувањето на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот.

На почетокот на присутните им се обрати портпаролот на Руската амбасада Станислав Лупин. Тој ги потсети новинарите за тоа како победата над фашизмот е дело на сите оние земји што влегле во состав на антихитлеровската коалиција. „Во Русија овој празник е свет празник, кој се слави наголемо во сите градови низ целата држава, меѓутоа овој празник не го одвојуваме и не го славиме како Руска Федерација, туку го славиме заедно со другите земји кои беа во состав на антихитлеровската коалиција. Во тој контекст би сакале овој празник, празникот на победата над најголемото зло на 20 век, оваа радост би сакале да ја споделиме со нашите македонски пријатели, затоа што македонските партизани, македонските борци-антифашисти дадоа голем влог во победата над фашизмот. И поради тоа сакаме да им оддадеме почит на сите оние што го дадоа својот живот во борбата против фашизмот, и благодарение на нивните подвизи, благодарение на нивните животи, сега можеме да живееме во слободни земји, во слободна и независна Европа“, рече Лупин.

Треба да се истакне дека Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија во организацијата на настаните има голема соработка со Сојузот на борците од Народноослободителната борба во Македонија, како и со руските сонародници и со голем број институции.

Еден од централните настани оваа година е концертот кој ќе се одржи под мотото „За да се памети“. Концертот ќе започне во 19.30 на 8 мај на платото пред  спортскиот центар „Јане Сандански“ во населбата Аеродром. Концертот се организира во соработка со Сојузот на руските сонародници, како и со хотелот „Русија“, кој помага во организацијата на свеченоста. За време на концертот ќе биде презентиран мошне интересен спот, наречен „Бесмртниот полк“. Овој спот е дел од големата меѓународна акција која веќе неколку години се одржува како во Русија, така и во другите земји низ целиот свет во кои живеат Руси, потомци на борците против фашизмот. Тие луѓе организираат марш на кој ги носат портретите на своите предци кои загинале во борбата против нацистичкиот режим. Со оглед на околностите во Република Македонија, беше решено да не се спроведе овој марш, а наместо него да биде снимен видеоспот со портретите на предците на руските сонародници кои живеат во Република Македонија. На концертот ќе настапат македонски пејачи и групи, како и руските културно-уметнички друштва од Република Македонија.

Следниот настан во организација на Руската амбасада ќе се одржи на 9 мај , на кој ќе се положи свежо цвеќе пред споменикот на партизаните-антифашисти од 12 Ударна бригада кои загинале при ослободувањето на градот Скопје. На овој споменик, освен имињата на повеќе Македонци, се наоѓа и името на Италијанецот Николо Малдини и на Русинот Иван Колосенко.

Во рамките на одбележувањето на Денот на победата, ќе бидат прикажани и советски воени филмови, а настаните се организираат во соработка со Кинотеката на Македонија. На 12 мај во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Ослободување“ на режисерот Николај Озеров во киносалата на Кинотеката. Исто така, во низа градови низ Македонија ќе се одржат филмски ревии. Оваа година советските и руски филмови ќе пропатуваат низ Битола, Прилеп, Штип и Охрид. Во овие градови во текот на месецов ќе се прикажат 4 филма.

Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија по повод Денот на победата над фашизмот организира и предавања посветени на Втората светска војна. Првото ќе се одржи веќе в петок, на 6 мај, во Рускиот центар при УКИМ со почеток во 19 часот. Следното предавање ќе биде организирано на универзитетот МИТ на 12 мај во 11 часот.

Влезот на сите настани е слободен.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња