Москва го обвини Вашингтон за повреда на суверенитетот на Сирија

AP

AP

Појавувањето на американски војници во Сирија без согласност на Дамаск Москва го смета како повреда на сирискиот суверенитет.

Русија е загрижена поради истоварањето на американски војници во Сирија без усогласување со Дамаск, се соопштува од Министерството за надворешни работи на Русија. „Тоа е повреда на суверенитетот“, вели за новинската агенција ТАСС заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков.

Рускиот дипломат нагласува дека иста оценка претходно ја изнел и Дамаск.

Во сириското Министерство за надворешни работи велат дека „со вознемиреност е дочекана веста за доаѓањето на 150 американски војници во градот Румејлан во Сирија. Сирија ја осудува ваквата агресија која претставува опасна воена интервенција и повреда на сирискиот суверенитет“.

Претседателот на САД Барак Обама на 25 април соопшти дека во Сирија се испратени 250 војници како помош на сојузниците на САД во борбата против екстремистите од организацијата Исламска држава. Според Обама, американските војници нема да учествуваат во борбените дејствија, ами ќе ги обучуваат локалните сили.

Два дена подоцна 150 американски војници стасаа во градот Румејлан на североистокот на Сирија што го контролираат Курдите. Тогаш заменик-министерот на руската дипломатија Генадиј Гатилов изјави дека присуството на американските војници на територијата на Сирија е противзаконско.

Стејт департментот го обвинува Ал Асад

За потегот на Америка своја оценка даде и Генералштабот на вооружените сили на Русија. Според началникот на Генералштабот Валериј Герасимов, меѓународната коалиција која под раководство на САД дејствува во Сирија ги крши „сите канони“ на меѓународното право. „Нашите единици се присутни во Сирија на легитимна основа и по молба на легитимните власти на суверена држава, што не може да се каже за меѓународната коалиција која де јуре ги крши сите канони на меѓународното право“, го цитира Герасимов новинската агенција ТАСС.

Стејт департментот, очигледно, не се сложува со ваквите оценки. На молбата да го коментира соопштението на сириското Министерство за надворешни работи, портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби не го негираше фактот дека Вашингтон не се ни потрудил да добие дозвола од страна на сириските власти. Според него, ваквиот став на САД е поврзан со тоа што режимот на претседателот на Сирија Башар Ал Асад врши агресија врз Сиријците. „...Сметам дека врв на иронијата е во тоа што нашиот потег се смета за дрзок чин на агресија, додека тие продолжуваат да ги користат гасот и барелните бомби против сопствениот народ, и кога, според соопштенијата, ја бомбардираат болницата во Алепо. Токму тоа е дрзок чин на агресија против сопствените граѓани“, изјави претставникот на Стејт департментот.

Кршење на меѓународното право

Ова не е првпат Русија да укажува на нелегитимноста на потезите на САД и на нивните сојузници во Сирија. Од друга страна, ова не претставува пречка за Москва и понатаму да соработува со Вашингтон во поглед на ситуацијата во Сирија. Сергеј Рјабков покрај изјавата за тоа дека САД го нарушуваат суверенитетот, исто така изјави дека контактите по линија на министерствата за одбрана на Русија и САД „се одржуваат секој ден, и сите прашања се дискутираат“.

Како што истакнува Виктор Мураховски, воен експерт и главен уредник на магазинот „Арсенал Отечества“, соопштенијата од руската страна дека станува збор за кршење на суверенитетот на Сирија се целосно оправдани, но тоа не значи дека Руската Федерација „ќе се спротивстави на тоа некако“. Москва само го констатира фактот за кршење на меѓународното право. Практични чекори во вакви околности може да преземе само Дамаск, но и тој се наоѓа во тешка ситуација, со оглед дека силите на коалицијата на чело со Америка, како и нивните сојузници на теренот, се борат против екстремните исламисти, иако е јасно дека таа борба не е толку активна како што се дејствијата на сириската регуларна армија и на руските воздушно-космички сили. Во овој случај американските војници им помагаат на курдските одреди кои се настроени против претседателот Ал Асад, но се борат против Исламската држава.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња