Ќе се врати ли Москва во „осумката“?

Ројтерс
Во мај ќе се одржи самит на „земјите од големата седумка“, и тоа повторно без Русија. Но, разговорите за нејзиното можно враќање во овој „елитен клуб“ почнаа да се слушаат на сиот глас. Првиот човек на германското МНР ги објави условите за Русија, а „Руска реч на македонски“ ги запраша експертите дали тоа ја интересира Русија.

Русија се враќа на агендата на земјите од „големата седумка“. Во пресрет на мајскиот самит на Г-7, разговорите за враќање на Русија во овој формат ги започна првиот човек на германското МНР Франк Валтер Штајнмаер. „Очигледно е дека ниту еден сериозен меѓународен конфликт не може да се реши без учество на Русија“, вели тој во интервју за агенцијата ДПА, при што ги објави и условите. Како прво, Русија треба да се заложи за постигнување на политичко решавање на кризата во Украина, а како второ, да одигра конструктивна улога во воспоставувањето мир во Сирија.

Тоа што Русија во овој формат ќе биде поканета по година и пол – две од нејзиното исклучување, беше прогнозирано од страна на експертите. Впрочем, дали веќе ја канат? Како што во интервју за „Руска реч на македонски“ забележа вишиот научен соработник на аналитичкиот центар на Московскиот државен институт за меѓународни односи Леонид Гусев, Штајнмаер ја претставува социјал-демократската партија на Германија, во која многу раководни лица, започнувајќи од поранешниот канцелар Герхард Шредер, историски се однесуваат позитивно кон Русија. Згора на тоа, социјал-демократите сега не се владејачка партија, тие се во тандем со христијанските демократи и со христијанските социјалисти. „Така што, тешко дека ова е едногласна позиција на Германија. Крајната одлука останува на госпоѓа Меркел и на целиот кабинет, и тоа само доколку се земе предвид само Германија“.

Без оглед на тоа, некои ова не го сметаат за случајност, ами за целосен закономерен и своевремен сигнал за Русија.

Одмрзнување на платформата

Освен Германија, во овој „елитен клуб“ членски билет имаат и САД, Франција, Италија, Канада, Велика Британија и Јапонија. Русија ја напушти „осумката“ во 2014 година поради украинската криза и присоединувањето на Крим, со што го прекина своето долгогодишно присуство во овој формат. Денес не само Германија би можела да го поддржи нејзиното враќање. „Практично сите земји од 'седумката' на овој или на оној начин ја разгледуваат интеракцијата со Русија како нешто важно. Можеби посложена е ситуацијата со САД, со оглед на тоа што на Обама му завршува мандатот, а не е јасно што ќе се случи идната година, така што не постои желба да се направи некако симболичен чекор во блиска иднина“, вели шефот на одделот за стратешки оценки на Центарот за ситуациска анализа при Руската академија на науките Сергеј Уткин. Најголемо расположение за зближување со Москва постои кај Италија и кај Франција, забележува тој.

Секако, никој нема да прави избрзани чекори, зашто тоа не води никаде, сметаат соговорниците на „Руска реч на македонски“. Сепак е потребен виден прогрес кон оние места каде и се поставија условите за исклучување на Русија, односно во Украина. Определени надежи на дел од руската експертска јавност се поврзуваат со новата украинска влада – таа може да заземе позиција и навистина да се насочи кон „болната точка“ на југоистокот од земјата. Згора на тоа, сè повидна е неопходноста да се врати Русија во различните преговарачки формати со Западот. 

Не е наш стил да се затрчуваме

Кога станува збор за Русија, не е едноставно да се прогнозира како таа ќе реагира доколку биде поканета да се врати во „седумката“. Можни се варијанти.

„Сега Европа треба да нè убеди дека ни е потребна 'големата осумка'“, вели за „Руска реч на македонски“ членот на комитетот за меѓународни работи на Државната дума Роман Худјаков. „Санкциите против РФ нѐ научија најпрво да мислиме на иднината. Ние ја отеравме нашата земја во зависност од Европа. Затоа сега ќе размислиме и, можеби, ќе развиваме сопствени формати“, претпоставува пратеникот.

Сепак, Гусев смета дека тоа е помалку реална варијанта. Русија долго време беше член на оваа група, а и никогаш отсечно не се откажала од неа. Згора на тоа, прашањето за престижот никаде не исчезнало, без оглед на сите изјави за смртта на „седумката“/„осумката“. Секако, никој нема да се затрча по „клубот“, зашто не е наш стил да се затрчуваме, се согласува Уткин. Но, сега е јасно дека постои желба да се зачува поексклузивниот формат. Уште пред руско-украинскиот проблем многумина зборуваа дека Г-20 постепено оди кон тоа да го замени Г-8, сепак таму е Кина и нејзината економија која е втора во светот, а исто така и Индија со своите важни пазари. Но, засега овие два самита си имаат свои „полиња“. „Г-20 практично не се занимава со прашањата за меѓународната безбедност, тоа паѓа на грбот на Г-8“, забележува Уткин.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња