САД го засилуваат системот за ПВО во Европа

AP
Руските експерти сметаат дека Вашингтон ја користи „опасноста од Русија“ како повод за ширење на своите воени системи во Европа.

Пентагон започна да работи на мерките за развој на системот за противвоздушна одбрана во Европа. Ваквиот потег е преземен во контекст на низа долгогодишни обвинувања што Америка и Русија си ги упатуваат една на друга во врска со кршењето на Спогодбата за елиминација на ракети од среден и мал дострел (РСМД). Овој договор предвидува планско намалување на бројот на ваквите ракети.

Помошникот на заменик-министерот за одбрана на САД за политички прашања Брајан Макеон во своето обраќање до Комитетот на американскиот сенат за вооружените сили на 13 април го истакна следново: „Во врска со кршењето на Договорот за елиминација на РСМД од страна на Русија, подготвуваме и воведуваме стратегија која ќе биде одговор на руските воени дејствија. Оваа стратегија опфаќа промена и проширување на системот ПРО за да можеме да се спротивставиме на офанзивните можности на Русија“.

Според воениот аналитичар на ТАСС и поранешен член на воено-индустриската комисија на РФ Виктор Литовкин, потезите на САД се насочени на пласирање и „наметнување“ на сопствените воени системи во Европа. „Вашингтон продолжува да го плаши регионот од некаква опасност од Русија и во земјите (на НАТО) пласира своја техника. Овие пари одат во буџетот на САД, а тоа се дополнителни механизми за вршење политички притисок“, истакнува експертот.

Според Литовкин, Американците се подготвуваат да испорачаат во Европа противвоздушни ракетни системи Patriot PAC-3, што претставува еквивалент на рускиот систем С-300. „Ова оружје ќе го дополнува системот на противракетната одбрана што се гради во Полска и во Романија“, нагласува рускиот експерт.

Америка ја обвинува Русија

Пентагон тврди дека руските крстосувачки ракети Р-500 кои се испорачуваат со оперативно-тактичкиот систем „Искандер-М“ имаат дострел од над 500 километри. САД исто така изјавуваат дека Договорот за елиминација на РСМД важи и за новата руска интерконтинентална балистичка ракета РС-26 „Рубеж“, зашто со неа можат да се гаѓаат цели на оддалеченост од помалку од 5.500 километри, а ваквиот радиус на дејство се коси со нормите од споменатиот договор.

Москва ги отфрла овие тврдења и нагласува дека од Вашингтон нема добиено никакви документирани докази и обвиненија. Според руските дипломати, американските обвинувања се неосновани.

„Тие велат: 'Ете, испукавте ракета, а само вие знаете за што станува збор'. Но, тоа не е многу сериозен разговор“, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на прес-конференција во јуни 2015 година.

Како што истакнува Министерството за надворешни работи на РФ, политичкиот и воен врв на Русија е отворен за билатерална соработка во врска со РСМД.

И покрај тоа, Америка кон крајот на 2015 година ја најави можноста за воведување нови економски санкции против Москва во врска со кршењето на овој договор.

Русија ја обвинува Америка

Москва стравува дека американскиот систем за ПРО во Источна Европа ќе биде преквалификуван во офанзивно вооружување, истакнува заменик-директорот на Институтот за политичка и воена анализа Александар Храмчихин.

„Може да се постави американскиот систем за ПРО и да се постават крстосувачки ракети во лансирачки силоси“, вели Храмчихин. Конкретно, лансерите за противракетен систем Standard SM-3 можат да се користат за лансирање на стратешките крстосувачки ракети Томахавк.

„Русија констатира дека одредбите од Договорот за елиминација на РСМД се однесуваат и на ракетите-мети кои ги прави САД за тестирање на системите за противракетна одбрана. Фактички станува збор за ракети-носачи со среден дострел, само што на нив не се монтирани боеви глави. Но, Американците тоа не го признаваат“, вели експертот.

Според руските експерти, Договорот за елиминација на РСМД треба да важи и за американските јуришни беспилотни летала. Тактичко-техничките карактеристики на овие апарати одговараат на крстосувачки ракети со копнено базирање кои се опфатени со Договорот за елиминација на РСМД.

Треба ли да се раскине договорот?

Сепак, и покрај обостраните несогласувања, Москва и Вашингтон изјавуваат дека се заинтересирани за заедничка работа во врска со РСМД:

„Ние сме отворени за чесен, но конкретен дијалог, без неосновани тврдења, со цел да се отстрани секоја загриженост“, изјави на прес-конференција министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров во јуни минатата година. Белата куќа исто така ја поддржа идејата за потребноста од зачувување на овој договор помеѓу двете земји.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња