По медиумската кампања поврзана за панамската офшор-зона официјалните лица и културните работници на Русија ги понудија своите објаснувања за податоците кои се изнесени за руските политичари и за бизнисмените. Руската државна телевизија објави прилог во кој се наведуваат изјави на претседателот Владимир Путин, на директорот на Ермитаж Михаил Пиотросвки, „главниот јунак“ на западните медиуми Сергеј Ролдугин и на други компетентни личности.
Во неделата, на 10 април, во програмата „Вести на неделата“ на каналот „Росија 1“ објавен е прилог за „панамското досие“ и за неговиот „главен јунак“ (според верзијата на западните медиуми, прочуениот виолончелист и пријател на Путин – Сергеј Ролдугин). Во прилогот е прикажано интервју со Ролдугин, кому во таканареченото истражување на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ) му се припишуваат компании во офшор-зоната со вкупен промет од 2 милијарди долари.
Сергеј Ролдугин не заработува милијарди, иако се обидува да се занимава со бизнис, „како и многумина креативни луѓе во Русија“ – ова а форумот на Серускиот национален фронт им го изјави претседателот Путин, кому Ролдугин му е навистина стар пријател. „Но, каков е тој бизнис? Ролдугин е малцински акционер на една наша компанија и од тоа има определена заработка“, објаснува рускиот лидер.
Познато е дека пријателот на Путин е малцински сопственик на банката „Росија“. Според документите од оваа банка, прочуениот виолончелист во 2005 година купил 3.96% од акциите за 375 милиони рубли (13 милиони долари според курсот од 2005 година).
Ролдугин објасни дека често од бизнисмените барал и добивал пари за музички инструменти наменети за младите таленти. „Барав од секој што можев зашто инструментите се скапи. <...> Сакав да имаме најдобри инструменти, најдобри професори и најдобри сали. <> Тоа чини многу. Затоа и барав пари“. Ролдугин навистина добивал пари од бизнис-круговите, и во тоа, како што вели тој, определена улога можеби одиграло и неговото пријателство со Путин. Потоа бизнисмените му предложиле и тој да стане сопственик на помал процент акции и самостојно да ја поддржува културата со сопствени средства.
Така Ролдугин, благодарение на своите акции, можел да заработи доволно за да купува мошне скапи инструменти во странство, а кои ги носел во Русија и ги подарувал на државните институции. Речиси сите пари се користени за тоа, објасни Владимир Путин на форумот на Серускиот национален фронт.
Една од акциите на прочуениот виолончелист беше и спасувањето на Алексеевскиот дворец на реката Мојка. Сега во него се наоѓа санктпетербуршкиот Дом на музиката, а Сергеј Ролдугин е негов уметнички директор од 2005 година.
Според Ролдугин, дворецот долго време бил запуштен, особено во периодот кога под прозорците „постојано се пукало“ (така во Санкт Петербург се прави поделбата на сферата на влијание во деведесеттите години од минатиот век), а во самиот дворец се „шетале девојки подготвени за разно-разни бандити“. Фирмата која 11 години го изнајмуваше дворецот не водеше сметка за него. „Олуците беа свртени кон подрумот, за сè да се наводни и да се уништи, со цел зградата потоа да биде урната или да се купи за мали пари. Ние фактички го спасивме овој дворец“, вели Ролдугин.
Во прилогот на телевизискиот канал „Росија 1“ опишан е и еден специфичен настан поврзан за фирмите во офшор-зоната во која се чуваат парите на руските компании. Станува збор за специјална операција на Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија.
Имено, ФСБ во 2008 година дознала дека американските специјални служби се заинтересирани за руските телекомуникациски активи. За ова во „Вести на неделата“ зборува еден службеник на ФСБ. Американците биле заинтересирани за холдингот „Национални телекомуникации“ на рускиот бизнисмен Сулејман Керимов. САД преку американските компании речиси успеале да го откупат холдингот на Керимов, чиј аудиториум брои неколку десетици милиони гледачи, а сопственикот тогаш ги пренел активите во офшор-зоната за да ги продаде.
Откако сфатило дека кабелската мрежа во секој момент може да премине во сопственост на странски оператор, руското раководство одлучило активите итно да ги врати во Русија. Во тој момент било проценето дека акциите на „Национални телекомуникации“ вредат милијарда и пол долари. Државата не можела да обезбеди толкави средства во Офшор-зоната („а, нашите кабелски мрежи може да бидат откупени токму во офшор-зоната“, објаснува службеникот на ФСБ), па затоа, без да губи време, се обратила до бизнис-круговите. Така во април 2008 година формиран бил пул руски компании и банки, во кои се најдоа и компаниите „Национална медиа-групација“, „Северстаљ“ и „Сургутнефтгас“, како и банките „Сбербанк“, ВТБ и „Гаспромбанк“. Тие во офшор-зоната ги откупиле сите акции на „Национални телекомуникации“ и пота за истите пари ги продале на државната компанија „Ростелеком“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче