Конфликтот во Нагорно Карабах претставува етнички конфликт помеѓу Азербејџан и Ерменија од почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Во текот на две години страните водеа воени дејствија за контрола над територијата, која во времето на СССР беше дел од Азербејџан, но каде што во најголем дел живееја етнички Ерменци. Како резултат на воените дејствија, во кои загинаа повеќе од 15 илјади лица, се појави непризнаената Република Нагорно Карабах, која е поддржана од Ерменија.
Руските експерти се уверени дека иницијатор на ескалацијата на конфликтот е Азербејџан. Во услови на економски пад, властите се заинтересирани да го одвлечат вниманието на населението и да ги сплотат луѓето на патриотска основа, укажувајќи на надворешен непријател. Притоа, според мислењето на аналитичарите, Ереван нема никакви внатрешно-политички причини кои би можеле да ја повлечат власта во Ерменија кон ескалација на конфликтот.
Оној што може да биде заинтересиран во одмрзнување на карабашкиот конфликт од надворешните играчи е Анкара. Како што претпоставува Александар Скаков од Институтот за ориенталистика при Руската академија на науките, Турција може да одигра провокациска улога, со цел уште еднаш да го покаже своето значење во регионот. Во исто време шефот на руската дипломатија на Русија Сергеј Лавров изјави дека Русија не ја обвинува Анкара за наметнување затегнатост во Нагорно Карабах.
Притоа сегашното заострување тешко може да се нарече неочекувано. Ситуацијата се вжештуваше извесно време, а на крајот од септември минатата година во регионот за првпат по 20 години беше применета артилерија, од која настрадаа 10 војници. Уште есента експертите со кои се консултираше „Руска реч на македонски“ изјавија дека регионот „балансира на границата на вистинска војна“.
Сегашното заострување ја става Москва во сложена ситуација, со оглед на тоа дека Русија би сакала да одржува добри односи и со Азербејџан и со Ерменија. Русија има сојузнички односи со Ерменија, па затоа зголемувањето на конфликтот може да ја натера Москва да го поддржи Ереван. Сепак, ова веднаш ќе ги стави под знак прашање „посебните односи“ кои, како што вели Скаков, Москва ги гради со Баку.
Пројавата на овие посебни односи, меѓу другото, се и активните контакти на двете земји во областа на трговијата со оружје. Според информациите на медиумите, Русија му има испорачано на Азербејџан вооружување во вредност од 4 милијарди американски долари. Според Скаков, испораката на оружје за Баку од страна на Москва претставува грешка, која им беше добредојдена на оние што се заинтересирани за сегашното заострување. Сепак, Владимир Евсеев од Институтот за земјите од ЗНД во интервју за „Руска реч на македонски“ подвлече дека РФ воопшто не е единствениот доставувач на оружје за Азербејџан.
Русија засега користи дипломатски средства за да влијае врз страните од конфликтот. Владимир Путин се обрати до претседателите на двете земји со повик да се прекинат воените дејствија и да се седне на преговори. Министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу имаше преговори со своите колеги од двете земји со цел деескалација на ситуацијата.
Во случај на понатамошна ескалација, азербејџанско-ерменскиот конфликт може да се излее од Нагорно Карабах и да прерасне во вистинска војна помеѓу Азербејџан и Ерменија. Русија, со оглед на стратешкото партнерство со Ерменија, може да биде принудена да ја употреби својата војска која се наоѓа на ерменската територија и, на тој начин, да биде вовлечена во воен конфликт. Освен тоа, заострувањето во Нагорно Карабах може да предизвика дестабилизација на ситуацијата во Закавказје и во руските републики од Кавказот.
Експертите претпоставуваат дека нема да дојде до вистинска војна, а сегашните настани претставуваат обид од страна на Баку да ја дознае ситуацијата на сите заинтересирани страни. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека посредниците во решавањето на конфликтот, меѓу кои е и Москва, треба да настојуваат на тоа во Нагорно Карабах да бидат стационирани меѓународни набљудувачи и да биде создаден механизам за набљудување на конфликтот. Инаку, ново заострување е неизбежно.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче