Русија одговора на американското оружје покрај нејзините граници

EPA
Руските експерти сметаат дека на одлуката на САД за преместување на тешкото вооружување во Источна Европа, Москва треба да одговори со поставување на своите офанзивни потенцијали на границите со балтичките земји.

САД можат да постават во Источна Европа тешко вооружување за потребите на контингентот од 5.000 војници „поради одбивање на можноста од руска агресија“. Ова го соопшти весникот „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на извори од раководството на САД и на НАТО. Во споменатото издание новиот план за спротивставување на Москва е карактеризиран како „најсеопфатен од времето на Студената војна“. Веродостојноста на информацијата ја потврдуваат и изјавите на претставник на источноевропските земја за подготвеноста на својата територија да примат техника и воени магацини на САД. Според мислењето на експертите со кои комуницирал весникот „Комерсант“ реализацијата на овој план ќе ја принуди Москва на границите со балтичките земји да постави сопствен офанзивен потенцијал кој може да ги уништи американските објекти во случај на хипотетички конфликт.

Полска и балтичките земји го поздравуваат новиот план

Како што е истакнато во текстот на „Њујорк тајмс“, новиот американски план за зајакнување на безбедноста на сојузниците сè уште не е донесен, но може да биде одобрен во блиска иднина, односно пред средбата на министрите за одбрана на земјите од НАТО, планиран за 24-26 јуни.

Доколку планот биде реализиран, САД во низа земји од Источна Европа ќе постави тешко вооружување кое опслужува три до пет илјади војници (толкаво количество воена техника беше поставено во Кувајт по ирачката воена интервенција од 1990 година). Според податоците кои ги изнесува извор од високите кругови на Пентагон, предвидени е во поранешните советски републики и во земјите од Источниот блок да се постават 1.200 единици воена техника, вклучувајќи 250 тенкови М1-А2, оклопни транспортери Бредли и блиндирани хаубици. Оваа техника веќе го доби називот „Европски сет за активација“. На објавувањето на текстот во „Њујорк тајмс“ први позитивно изреагираа министрите за одбрана на Полска и на балтичките земји. Според нив, американскиот план ќе ја зајакне безбедноста во Европа. Министерот на Полска Томаш Семоњак соопшти дека веќе се разговара за поставување американски магацини за муниција за тешко вооружување на територијата на неговата земја. „САД подготвуваат цел комплекс потези, меѓу кои е мошне важен разместувањето на тешко вооружување во Полска и во други земји“, изјави Семоњак.

Безбедноста на Русија е сериозно загрозена

Од друга страна, доброизвестени извори на рускиот весник „Комерсант“ од Министерството за одбрана а РФ ги карактеризираа плановите за поставување на американска воена техника во Источна Европа како „сериозен фактор за дестабилизација“. „Ваквите чекори секако предизвикуваат стравување, зашто дефакто станува збор за планови за создавање полигон во близина на нашите граници, каде ќе биде поставен прилично голем воен контингент“, смета тој. „Од наша страна ова се оценува како прв чекор на нашите партнери во правец на ревизија на одредбите од Актот Русија – НАТО“.

Да потсетиме, Основниот акт на РФ – НАТО од 1997 година, ѝ забранува на алијансата на источното крило да поставува „поголеми борбени сили“. Но, Москва и НАТО на различен начин ја толкуваат бројноста на „поголеми борбени сили“. На пример, Американците во Бугарија и во Романија поставија своја бригада (2-6 илјади војници), чии припадници „ротираат“, односно се менуваат, така што од гледна точка на САД тие не спаѓаат во категоријата „поголеми“ сили, но Москва смета дека всушност станува збор за трајно поставување на поголеми сили. Русија во 2010 година му предложи на НАТО да најдат заеднички јазик во врска со ова прашање, но договор не беше постигнат. Според Владимир Евсеев, директор на Центарот за општествено-политички истражувања при Руската академија на науките, поставувањето американски магацини за муниција за тешко вооружување во близина на руските граници „сериозно ќе ја загрози безбедноста на Русија“. Евсеев смета дека Москва може да му одговори на Вашингтон со поставување сопствен офанзивен потенцијал на границите со земјите од Балтикот. „Во тој случај балтичките земји секако нема да се чувствуваат побезбедно, ами ќе излезе дека се заложници на конфронтациите помеѓу САД и РФ“, предупредува Владимир Евсеев.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња