Кери во Москва: Америка почнува да ја разбира Русија

EPA
Посетата на американскиот државен секретар Џон Кери на Москва се изделува од претходните кои се заборавија во однос на руско-американските односи. На оваа средба ја немаше таа затегнатост што беше карактеристична за контактите помеѓу Москва и Вашингтон во последниве две години.

Џон Кери беше во Москва два дена – на 23 и на 24 март. Програмата на неговата посета беше преполна. Освен повеќечасовните преговори со својот руски колега Сергеј Лавров и со претседателот Владимир Путин, тој се сретна  со првиот човек на германското МНТ, а исто така и со наследниот принц на Абу Даби.

Фактот што овие средби се случија имено во Москва им противречат на оние изјави за неопходноста од изолација на Русија, кои претходно доаѓаа од Западот во врска со украинскиот конфликт. За тоа како поминаа преговорите на Кери со Лавров и со Путин, исто така сведочи и фактот дека курсот на изолацијата заминува во минатото.

„Промена на акцентите“

Како што забележуваат медиумите, посетата поминала во пријателска атмосфера, која веќе многумина ја беа заборавиле. „Од заемните обвинување, Џон Кери и Сергеј Лавров преминаа кон дијалог. За смената на акцентите сведочи и лежерната атмосфера која одамна не сме ја виделе во руско-американските преговори“, пишува „Комерсант“ за посетата на Кери, која, според мислењето на изданието, дава курс на ограничено партнерство помеѓу РФ и САД.

Сепак, без оглед на лежерниот стил на разговорите на политичарите, очигледно е дека преговорите не биле едноставни. Средбата на Кери со Лавров траеше четири часа. Исто толку траеја и преговорите на државниот секретар со Путин. Тие, во основа, се однесуваа на две прашања – на Сирија и на Украина. Во врска со нив Москва и Вашингтон имаат многу несогласувања.

Сепак, како што забележуваат руските експерти, преговорите во Москва покажуваат дека позициите на САД и на Русија во врска со најгорливите прашања веќе не се толку далечни една од друга, како што беше случајот порано. „Во однос на Сирија може со 100-процентна сигурност да се каже дека позициите на Москва и на Вашингтон се приближуваат“, Смета Јуриј Рогуљов, првиот човек на Центарот за проучување на САД „Френклин Рузвелт“ при Московскиот државен универзитет.

На прес-конференцијата во Кремљ, Кери го изрази своето „пријатно изненадување“ во врска со тоа што примирјето во Сирија е можно и дека тоа трае речиси цел месец. Според Рогуљов, ова сведочи за заинтересираноста на двете страни за продолжување на потрагата за решение за Сирија.

Иднината на Сирија и на Ал Асад

Како што изјави Кери во Москва, процесот на преминот на власта, појавувањето на привремена влада во Сирија и создавањето на нов устав треба да бидат завршени до август оваа година. Според Кери, во врска со ова и Москва, и Вашингтон се обидуваат да го убедат претседателот на Сирија Башар Ал Асад да донесе „правилна одлука“ и да се приклучи на преговорите за создавање преодна влада.

Експертите не сметаат дека прашањето за судбината на Ал Асад, за кого уште одамна категорично настојува Западот, а кого го поддржува Москва, е нерешливо. Секако, тие ги повторуваат претходно изречените решенија.

Според Сергеј Ознобишев, експерт-американист, директор на независниот Институт за стратешки оценки, Ал Асад, секако, е важен за Москва како елемент за стабилност во Сирија. Сепак, доколку сценариото за создавање преодна влада биде реализирано успешно, РФ може да му обезбеди „достоинствено заминување“.

Во исто време, според Јуриј Рогуљов, во последниве месеци, меѓу другото и за време на примирјето, позицијата на Ал Асад во Сирија е многу поцврста, па затоа САД ќе мораат да се пресметаат со сирискиот претседател. Во таков случај, неговото заминување не е сосема сигурно.

Москва сака рамноправност

Во однос на кризата во Украина Кери изјави дека претседателот Обама е подготвен да се откаже од санкциите против Русија доколку биле исполнет договорот од Минск, кој претставува патоказ за мир во Донбас, а е усогласен од страна на лидерите на Русија, Германија, Франција и на Украина пред една година.

Како што подвлекуваат експертите, важно е тоа што Москва и Вашингтон на фонот на престрелките што не прекинуваат на истокот на Украина уште еднаш потврдуваат дека не постои алтернатива на минскиот процес.

Во целост, според Сергеј Ознобишев, посетата на Кери сведочи за обостраната желба на Москва и на Вашингтон за нормализирање на односите. Притоа, Москва сака односите да се подигнат на едно ново ниво и да се градат врз основа на вистинска рамноправност. Во Кремљ сметаат дека до неодамна тоа не беше така. Затоа, Западот не се консултираше со мислењето на Русија кога ја поддржуваше смената на власта во Украина. Како што забележуваат експертите „сега ја гледаме подготвеноста на Америка и на Европа да започнат да нè разбираат“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња