- Позицијата на САД во врска со економското ембарго и воено-морската база Гвантанамо е непроменета.
- По посетата на Обама на Куба се очекуваат големи инвестиции, сметаат експертите.
- Кубанското раководство ја користи Русија како противтежа на САД.
- Активноста на САД во Хавана нема да ги измени плановите на Русија во регионот.
Претседателот на САД Барак Обама во вторникот на 22 март, ја заврши дводневната посета на Куба, која беше наречена „историска“. Со своето доаѓање на чело на делегацијата која беше составена од членови на Конгресот, на бизнис-круговите и семејството, американскиот лидер фактички го стартуваше обновувањето на односите помеѓу САД и Куба.
Последен пат претседател на САД се појавил на Островот на Слободата пред 88 години. Ембаргото на Вашингтон кое трае повеќе од половина век и целосното раскинување на дипломатските односи го направија островот единствено „жариште“ на студена војна во Западната хемисфера. Сега, билатералната средба Обама-Раул Кастро дава определени надежи за долгорочно затоплување на односите помеѓу двете земји.
„Решивме да се сконцентрираме на 'она што нè обединува'“, резимираше Раул Кастро. Ова фактички значи дека двете принципиелни прашања – економската блокада и воено-морската база во Гвантанамо – остануваат статус-кво.
Впрочем, сега поинаку и не би можело да биде, смета научниот соработник на Рускиот државен хуманистички универзитет, експерт за Латинска Америка Михаил Бељат. Обама уште пред посетата забележа дека оди да ги обнови пред сè врските со народот на Куба, а не со владата и со државата. Санкциите против Куба ги воведе Конгресот на САД, а за 53 години беа донесени стотици ограничувачки закони. За тие да бидат повлечени ќе треба повторно да минат низ истиот тој Конгрес кого денес го сочинуваат мнозинство републиканци кои се против ваквиот чекор.
Барак Обама и Раул Кастро, Хавана, Куба, 21 март 2016. Фото: АР
Кога станува збор за базата Гвантанамо и со истоимениот затвор, нејзиното затворање исто така не се разгледува сериозно, иако тоа беше едно од предизборните ветувања во кампањата на Обама. Куба смета дека тоа е окупирана територија, а Вашингтон настојува на законските основи.
Она за што мнозинството во Конгресот го критикува Обама се неоправданите отстапки на кубанската диктатура, „без ништо да бара за возврат“, забележува изданието Вашингтон Пост. Куба сè уште се наоѓа на американскиот список земји кои го поддржуваат тероризмот. Хавана, пак, од своја страна, даде на знаење дека нема намера да го менува политичкиот систем, одрекувајќи го фактот за постоење политички затвореници. Но, на крајот на краиштата, ваквиот историски настан беше потребен за обете страни, сметаат руските експерти.
„Куба е многу заинтересирана, таа сега нема никакви спонзори на енергетското поле откако Венецуела престана да ги исполнува своите обврски. Таа практично бесплатно испорачуваше половина од нафтата што ѝ е потребна на Куба“, смета професорот од катедрата за историја и за политика на земјите од Европа и Америка при Московскиот државен институт за меѓународни односи Владимир Сударев.
Во овој однос сега може да се очекува дека од САД ќе започнат стабилни инвестиции. Ова пред сè се однесува на развојот на туризмот. Не за џабе Обама допатува со толку голема бизнис-делегација. Еден ден пред посетата на Куба, Вашингтон и Хавана се договорија за отворање на авиолинии (кои се исто така не постојат 53 години), а американската мрежа хотели Starwood Hotels & Resorts Worldwide го потпиша првиот договор на Куба по речиси 60 години.
Секако, тука американските инвеститори ќе треба да се борат со кинеските кои исто така се свртеа кон Куба. Во првите три квартали од 2015 години трговскиот обрт помеѓу Куба и Кина порасна за 57% (на 1.5 милијарди американски долари), и сега Кина е на второто место помеѓу трговските партнери на Куба (на прво место е Венецуела).
Но, најглавното достигнување на Обама е отворањето на „вратите“ кон целата Латинска Америка. Клуч кон неа беше Куба, зашто мнозинството латиноамерикански земји беа на страната на Хавана против ембаргото во овој „замрзнат“ конфликт.
Тешко дека САД ќе ги задуши Кубанците во своите прегратки: тие немаат намера да ги напуштат своите позиции и да го сменат политичкото уредување, подвлекува директорот на Институтот за Латинска Америка при Руската академија на науките Владимир Давидов. Тука очекувањата на САД се илузорни. Но, тие насочено ќе размислуваат „како да не ги стават сите јајца во иста кошница“. Една од противтежите на американската политика е Русија.
„Ние практично заминавме од Куба на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, отфрлајќи ги освен перспективите и производствените објекти, многу позиции“, забележува Давидов. Денес тешко може да се каже дека Куба е сладок залак за Русија, се согласуваат сите соговорници на „Руска реч на македонски“, иако Москва успеа да реализира проекти во сферите на нафтата и гасот и на металургијата. Исто така, Кремљ засега не гледа основа за загриженост во врска со активноста на САД во регионот. Ова побргу се сфаќа како враќање на односите во нормалниот тек. „Ова не ги загрозува ниту нашите перспективи, ниту нашите планови на континентот, кои се доволно скромни, мора да се каже“, вели Бељат.
И, без разлика на тоа, Москва, иако бавно, но ги обновува своите врски со Хавана. Според експертите, како дел од присуството на континентот Куба е исто така политичка резерва, како што се и Венецуела и Бразил. Треба само да се спомене дека во 2014 година Русија ѝ прости на Куба 30 милијарди американски долари долг, а кон крајот на 2015 година ѝ даде кредит од 1.2 милијарди евра за изградба на енергетски блокови.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче