Зошто НАТО ја обвинува Москва за бегалската криза?

Ројтерс
НАТО ги обвини Русија и властите на Сирија за предизвикување на кризата со сириските бегалци со цел да се дестабилизира Европа. Според мислењето на експертите, Западот на овој начин сака да ја префрли на Русија вината за миграциската криза, која е еден од најакутните проблеми на современа Европа.

Командантот на силите на НАТО во Европа, американскиот генерал Филип Бридлав, ги обвини Русија и сирискиот претседател Башар ал Асад за намерно користење на бегалската криза. „Русија и режимот на Ал Асад намерно ја користат миграцијата во обид да ги разнишаат европските структури и да ги уништат европските стандарди“, изјави генералот на почетокот од месецов во своето излагање пред комисијата на сенатот за прашањата на вооружените сили.

Командантот на НАТО за Европа исто така нагласи дека меѓу бегалците кои доаѓаат во Европа има и терористи, криминалци и обучени легионери, што претставува сериозна опасност од терористички напади.

Стари обвинувања

Обвинувањата на генералот Бридлав не се први изјави од ваков вид. Експертите потсетуваат дека на Русија ѝ беа упатени слични обвинувања пред почетокот на воената кампања во Сирија кон крајот на септември минатата година.

Логиката на овие изјави се состоеше во тоа што Русија, која ѝ дава поддршка на власта на Ал Асад, придонесува за продолжување на сириската криза, и со самото тоа, за сè поголем број бегалци. Во сегашната фаза аналитичарите ги поврзуваат вистинските причини за критиките на дејствијата на Русија со успесите на руската воена авијација и на сириската армија. Москва успеа да ги стабилизира позициите на сириската власт. Војската на Ал Асад успешно напредуваше до примирјето кое беше прогласено неодамна.

Од друга страна, експертите со кои се консултираше „Руска реч“, обрнуваат внимание на фактот дека бегалците во Европа се појавија пред почетокот на руската операција. Како што истакнува Александар Циганок, шеф на Центарот за воено прогнозирање, бегалците од земјите од Блискиот Исток и од Северна Африка се појавија по втората војна во Ирак и се засили по конфликтите во Либија и во Сирија, во кои учествуваа некои западни земји.

Префрлање на вината

Освен тоа, од Сирија доаѓаат само една третина од сите бегалци кои ја преплавија Европа, истакнува Михаил Александров од Центарот за воено-политички истражувања при Московскиот државен институт за меѓународни односи. Доколку се погледне структурата, може да се види дека преовладуваат државјани на Либија, Ирак, Авганистан, Јемен и на Мали.

„Се користи пропаганда, се води информациска војна и се прават обиди да се излажат западните жители“, објаснува Александров во контекст на изјавите на Бридлав.

Западот мора да го објасни сè поголемиот број бегалци што стигнуваат, зашто тоа стана еден од најсериозните политички проблеми. Во врска со ова треба да се најде виновникот за оваа криза и да се префрли вината на некој друг, се сложува со Александров претседателот на Институтот за стратешки проценки Александар Коновалов.

Втора по бројот мигранти

Русија од објективни причини не може да биде заинтересирана за стимулирање на миграциската криза во Европа.

Како што нагласуваат експертите, голем број бегалци во Европската Унија се потенцијални бегалци во Русија. Освен тоа, Русија, според податоците на ОН, веќе сега е втора земја во светот, по САД, според бројот на бегалци. Ова се податоци од септември 2013 година. Потоа, поради конфликтот во Украина, во Русија дојдоа над милион лица.

Токму тоа е причината зошто Русија не може да остане настрана кога станува збор за миграциската криза во Европа. Бегалците ја користат нејзината територија како привремена база преку која заминуваат во државите од Европската Унија. Преку северните предели на Руската Федерација бегалците се обидуваат да продрат во Финска и во Норвешка. Претходно медиумите соопштуваа за подготвеноста на властите на Финска да ја затворат границата со Руската Федерација кога станува збор за преминувањето на бегалци, што зборува за големите проблеми во тој поглед.

Стабилност во Европа и во Сирија

Експертите се исто така уверени дека секоја дестабилизација на Европа е во спротивност со фундаменталните интереси на Русија. „Нам ни е потребна стабилна Европа за да можеме со нејзина помош да ги решиме своите проблеми“, изјавува Александар Коновалов.

На Русија исто така ѝ е потребна стабилност во Сирија, која е единствен гарант за трајно решение со сириските бегалци. Москва смета дека до такво решение може да се дојде доколку се зајакнат позициите на Ал Асад. Тоа треба да ја поттикне опозицијата на преговори со претседателот и на барање решение за конфликтот по мирен пат.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.