На местото на падот на патничкиот авион Боинг 737-800 на авиокомпанијата FlyDubai во Ростов на Дон се завршени теренските работи, а експертите пристапија кон идентификација на телата на загинатите. Процедурата на идентификација се врши преку анализа на ДНК, а не директно. Според специјалистите, на експертите ќе им бидат потребни две недели за ова. Помеѓу урнатините се најдени двете црни кутии од авионот кои веднаш беа испратени во Москва на дешифрирање. Во моментот специјалистите на Московскиот авијатички комитет се занимаваат со дешифрирање на податоците од снимачите на авионот.
Истрагата за падот на Боингот на авиокомпанијата FlyDubai ќе биде долга, изјави за новинарите министерот за транспорт на РФ и прв човек на владината комисија за истрага на авионската несреќа Максим Соколов. Според него, со таа работа ќе се занимаваат специјалистите од Истражниот комитет и од Меѓудржавниот авијатички комитет.
Во моментов на местото на падот се наоѓа комисија од 14 соработници на авиокомпанијата FlyDubai. Според агенцијата ТАСС, поголемиот дел од експертите се соработници на одделот за кадри, кои ќе се занимаваат со прашањето за исплата на компензација на семејствата на загинатите. Според изјавата на сајтот на компанијата, оваа нискобуџетна компанија на семејствата на загинатите ќе им исплати по 20.000 американски долари.
На Интернет се појавија наводни разговори на диспечерот од аеродромот во Ростов на Дон со пилотот на паднатиот Боинг 737-800. Сепак, официјалните лица засега ниту ја потврдуваат, ниту, пак, ја негираат оригиналноста на снимката.
Доколку се утврди дека снимката е оригинална, тогаш може да се утврди што зборувале пилотот и диспечерот сè до уривањето на авионот. Екипажот бара информација за временската состојба на аеродромот, диспечерот го предупредува на силен ветар, со видливост од 6 километри, силен дожд и силна турбуленција.
Потоа, капетанот на авионот изјавува дека „заминува на втор обид“ и привремено се простува со диспечерот. Тука снимката прекинува.
Според првиот човек на Росавијација Александар Нерадко, не постои основа да се стави под знак прашање работата на диспечерите на аеродромот и таа да се доведува во врска со падот на Боингот на Ростов на Дон. Како што забележа тој, во согласност со меѓународните правила за летање, одлуката за полетување и за слетување ја носи капетанот на леталото – само тој ги знае внатрешните правила на компанијата, а исто така и техничките можности на авионот за време на сложени метеоролошки услови.
Како што забележа во интервју за „Руска реч на македонски“ извршниот директор на агенцијата „Авиопорт“ Олег Пантелеев, земните служби пред полетувањето го информирале екипажот на Боингот 737 за тешките метеоролошки услови во Ростов на Дон, меѓу другото и за ветрот со брзина од 28 метри во секунда.
Руските експерти не можат да дадат одговор на прашањето зошто капетанот не донел одлука да замине на резервниот аеродром. Сепак, како што соопштува за агенцијата ТАСС претседателот на комисијата за цивилна авијација на Општествениот совет на Ространснадзор, заслужениот пилот на СССР Олег Смирнов, нискобуџетните компании „не им препорачуваат на капетаните на авионите да заминат на резервен аеродром, зашто тоа значи дополнително гориво и дополнителни расходи“.
Како што забележа тој, сите причини ќе ги бидат објаснети од страна на експертската комисија.
Освен 20.000 американски долари од компанијата FlyDubai, семејствата на загинатите ќе добијат и по еден милион рубли (14.600 американски долари) од владата на РФ,
„На пензискиот фонд на Русија му е дадена наредба заедно со органите за социјална заштита на Ростовската област да определат кои лица имаат право на социјални исплати, меѓу другото и на пензија за загуба на лице кое го прехранува семејството“, изјави министерот за труд и социјална заштита на РФ Максим Топилин.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче