Изјавата за отсуство на условот за прекинување на огнот Башар ал Асад ја даде во Дамаск на средбата со водечките правници во земјата. „Тие (меѓународните посредници) велат дека сакаат да објават примирје во трекот на неделата. Кој може да ги исполни неопходните услови за такво нешто? Никој“, изјави сирискиот лидер.
На овој начин тој ја смета за нереална иницијативата на меѓународната група за поддршка на Сирија, чии членови минатата недела во Минхен ги разгледуваа можностите за објавување примирје. Меѓу другото, Москва, заедно со Вашингтон, играше клучна улога во преговарачкиот процес.
Сирискиот лидер побрза да го излади ентузијазмот кој се појави во врска со последните успеси на заложбите на руско-американската дипломатија. Тој даде на знаење дека: дури и доколку биде објавено примирје, „сите страни ќе продолжат да го користат оружјето“. Со тоа Ал Асад ја повтори клучната теза од интервјуто на AFP за неопходноста да се води војна до победа.
Во едно друго интервју Ал Асад зборуваше за тоа дека политички договор може да се постигне само во согласност со Уставот на Сирија, со што даде на знаење дека не гледа смисла во преговорите.
Неколкуте последни изјави на Башар ал Асад сведочат за тоа дека позициите на Москва и на Дамаск во врска со клучните прашања за регулирање на сириската криза сериозно се разликуваат. Москва повикува на политичко решение во рамките на женевскиот мировен процес, додека Дамаск претпочита воено сценарио заедно со „локални примирја“.
Спред руските експерти со кои контактираше весникот Комерсант, курсот на Башар ал Асад не само што не ѝ овозможува на Русија да ги конвертира воените успеси во Сирија во политичка дивиденда, ами се заканува со понатамошно влошување на односите со Западотг и со арапскиот свет.
„Повикувајќи на минирање на женевскиот договор, Башар ал Асад ги става Русија и Иран во тешка положба. Во решавањето на сирискиот конфликт настапува моментот на вистината, кога надворешните играчи треба да извршат притисок врз своите клиенти – учесниците во конфликтот на лице место“, појаснува за Комерсант директорот на Рускиот совет за меѓународни работи Андреј Кортунов. Според експертот, и покрај значајните победи на сириската армија, воениот потенцијал на Дамаск не е доволен за победа, но и за задржување на моменталните позиции.
„Дејствијата на претседателот Ал Асад се пример за тоа како опашката почнува да влијае на кучето. Тој се обидува да ѝ каже на Москва дека кој и да дојде по него, нема да има никаква љубов“, вели експертот на Московскиот центар „Карнеги“ Алексеј Малашенко. Според соговорникот на Комерсант, сирискиот лидер тргнува од тоа дека додека тој е на власт, Русија ќе ги задржи своите позиции во регионот, а дека во случај на негово заминување ќе ги изгуби.
Експертите кои ги консултираше „Комерсант“ се уверени дека Дамаск се обидува да ги диктира своите услови на Москва, играјќи на тоа дека влогот во сирискиот конфликт е мошне висок. Тие повикуваат на ситуацијата во Сирија да се гледа како на еден од примерите кога големите држави, влегувајќи во локални конфликти на страната на земјата што ги повикува, неретко стануваат нивни заложници.
„Како што покажува советското искуство во Авганистан и американското во Виетнам, за време на ваквите операции мошне е важно да не се испушта од вид политичкиот процес на односите на патронот и клиентот. Неретко излегува дека влоговите на големата држава се толку високи, што нејзините клиенти се обидуваат со тоа да шпекулираат“, вели за Комерсант академикот на Руската академија на науките Алексеј Арбатов.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче