Младите луѓе што се родени во Русија и кои сакаат да направат успешна дипломатска кариера имаат две можности за нивна реализација. Првиот е тежок и трнлив пат – најпрво треба да станете успешен политичар, па дури потоа можете да бидете испратени во странство и таму да ги претставувате интересите на земјата, дури и доколку немате соодветно образование. Но, ваквите случаи се ретки – тие се исклучок, а не правило.
Денес е почест вториот пат, со побавно, упорно напредување во кариерата како службеник во Министерството за надворешни односи. Но, за некој да дојде во ова министерство најпрво треба да има завршено соодветен факултет.
Меѓу жителите на Русија најмногу со професијата дипломат се асоцира Московскиот државен институт за меѓународни односи (МДИМО). Тој започнал како Факултет за меѓународни односи при Московскиот државен универзитет (МДУ), но во 1944 година бил одвоен и претворен во самостојна високообразовна установа под водство на Министерството за надворешни работи. Со текот на времето МДИМО се развивал, се отворале нови факултети и нови катедри. Денес тој не подготвува само дипломати, ами и новинари, правници и економисти.
Сепак, овој универзитет, како што велат неговите професори, и понатаму е „ковачница за кадри“ на Министерството за надворешни работи. Ректорот на Дипломатската академија Евгениј Бажанов, кој има дипломирано токму на МДИМО, вели дека „Министерството за надворешни работи вработува околу 90 нови службеници годишно, а од нив половината имаат дипломирано на МДИМО“. На овој универзитет има студирано и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, и тоа во истата генерација со сегашниот ректор Анатолиј Торкунов. Обајцата учеле источни јазици. Торкунов учел корејски, а Лавров синхалски. Инаку, тука се во мода ретките јазици. МДИМО во 2010 година е запишан во Гинисовата книга на рекорди како високообразовна институција на која се изучуваат најмногу странски јазици (54).
Уште во советско време се добило стереотипно мислење дека МДИМО не е институт „за секого“ и дека е речиси невозможно некој да се запише таму без јаки врски и богати родители. Навистина, не е лесно човек да се запише на МДИМО, зашто минималниот број поени за упис расте од година в година.
Но, никако не може да се каже дека на овој универзитет им е затворена вратата на „обичните смртници“. Јуљја Коваљова е денес студентка на магистратура, а пред пет години допатувала од Брјанската област (на западот на Русија) и не се надевала дека ќе се запише. „Ги поднесов документите на неколку универзитети, - вели Јуљја. На МДИМО најтежок беше приемниот испит по англиски јазик. Кога излегов од ипитот си помислив 'Зарем некој може ова да го напише како што треба?'. Но, излезе дека јас сум можела“. Јуљја била изненадена кога дознала дека ќе учи тајландски и лаоски јазик, но сега ѝ е мило што е тоа така. „Посети на амбасадата по повод роденденот на кралот на Тајланд, пет месеци стажирање во Бангкок, културни манифеставии – сето ова неверојатно го разубави мојот студентски живот“.
Ректорот на МДИМО Анатолиј Торкунов нагласува дека овој универзитет треба да им понуди на студентите претстава за дипломатската практика: „Мошне е ваќно на младите да им се пренесе занаетот, да им се пренесат компетенциите што ќе им овозможат рамноправно да конкурираат за работно место“.
Судејќи според разговорот што „Руска реч на македонски“ го направи со дипломатите што завршиле на МДИМО, овој институт во целост успева во тоа. „Странските јазици се најважното нешто што го учевме и кое ни е потребно во работата. Кога работиш во странство, луѓето се јавуваат и почнуваат да објаснуваат нешто на арапски. Доколку не го знаеш јазикот не можеш да направиш ништо“, вели Олег Оваров, кој неодамна дипломирал на МДИМО, а сега е службеник во руска амбасада во една од арапските земји.
Дипломатската академија е втората високообразовна установа која подготвува идни службеници за Министерството за надворешни работи. Основана е во 1934 година. За 80 години работа, Академијата има изведени над 8.000 дипломати и 700 амбасадори во различни државу. Главната умешност што професорите од академијата се обидуваат да им ја предадат на студентите е правилно составување официјални документи и мајсторски да настапуваат пред слушателите. Освен тоа, како што вели за „Руска реч на македонски“ студентот на магистерските студии на Дипломатската академија Максим Свирдов, кој додипломските студии ги завршил на МДИМО, тука поголемо внимание им се обрнува на формалностите, на пример кодексот на облекување во Министерствоти за надворешни работи: „Тука атмосферата е поофицијална. Најдобро е да доаѓате во костим, оти можете да имате проблеми“.
Конзервативноста на Дипломатската академија воопшто не зачудува. До неодамна академијата имаше само магистратура, програма за стекнување на второ високо образование и курсеви за активни дипломати. Дури во 2011 година беа започнати и основните академски студии. Тогаш Дипломатската академија им ги отвори своите врати на довчерашните ученици, но сепак остана престижна високообразовна институција која подготвува кадри за Министерството за надворешни работи. Тука предавања држат угледни научници и политичари од странство, а а дипломатите и амбасадорите предаваат, но и самите стекнуваат дополнителна квалификација на курсевите. Ректорот на академијата Евгениј Бажанов не се сомнева во квалитетот на обуката на руските дипломати. „Сметам дека ние имаме мошне силна дипломатија“, вели тој.
- На МДИМО студираат околу илјада странски студенти. Некои од нив на буџетска основа (доколку постојат соодветни спогодби помеѓу Русија и државите од кои доаѓа студентот), а останатите се со самофинансирање, со тоа што е можна и обука на англиски јазик. Условите за запишуавње се истакнати на веб-сајтот на МДИМО.
- На Дипломатската академија студираат неколку стотини странци Како и во МДИМО, едни се на товар на буџетот, во согласност со квотите за странски државјани, а други самите се финанцираат. За упис неопходно е да се положи испит по руски јазик.
- За да студираат на руски факултет, странците мораат да имаат соодветна виза.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче