Операцијата што смени сè: Русија и Сирија

AP
Британското Министерство за надворешни работи ја обвини Русија за распламтување на граѓанската војна во Сирија. Русите, наводно, многу зборуваат, а всушност го кочат решавањето на политичката криза, додека истовремено режимето на сирискиот претседател Башар ал Асад станува сè посилен. Да видиме што всушност Русија направи откако дојде во Сирија.

Во понеделникот шефот на британската дипломатија Филип Хамонд ја обвини Русија за распламтување на граѓанската војна во Сирија. Откако Москва ги вклучи своите воздушно-космички сили (ВКС), се саботираат сите напади на Западот да се реши политичката криза, рече тој во интервју за Ројтерс. „Извор на моето постојано разочарување е тоа што Русите сè повеќе ги саботираат нашите напори“, ијазвува Хамонд. „Тие велат 'ајде да разговараме' и потоа само разговараат, разговараат, разговараат...“ Проблемот е во тоа што Русите разговараат, и изтовремено продолжуваат со воздушните напади и со поддршката за Ал Асад, сметаат претставниците на британското Министерство за надворешни работи.

Но, експертите констатираат дека токму руската воена операција во голема мера го измени односот на силите во сирискиот конфликт, без оглед на тоа колку Западот ја доживува Русија како кнедла во грлото. Во Сирија кончено е отпочнат преговарачки процес и се смени расположението на општеството, а сценариото со промената на границите на земјата веќе не е толку извесно.

Процесот е конечно отпочнат

Власта на Ал Асад, која не им е по волја на Соединетите Американски Држави, на Турција, на Саудиска Арабија и на други нејзини противници, навистина зајакна благодарение на руската поддршка од воздух. Пред доаѓањето на ВКС на Русија во Сирија регуларната војска изгуби речиси 70% од оклопната техника, а според некои податоци, половината војници, измачени од четиригодишната борба, едноставно го напуштија фронтот.

Сегашниот епилог беше очигледен од самиот почеток. Имено, колку е посилна армијата на Ал Асад, посилни се и неговите лични позиции. Но, многу поважен е фактот дека се создадени услови за почеток на преговарачкиот процес, вели во интервју за „Руска реч на македонски“ Алексеј Малашенко, член на научниот совет на Московскиот центар „Карнеги“. Прашање е колку овој процес ќе трае и како истиот ќе заврши: „Доволна е една идиотска провокација за целиот процес да се саботира, а постојат луѓе што се подготвени за такви провокации“.

Згора на тоа, сега повеќе не може да стане збор за поделба на Сирија на повеќе државни ентитети, иако пред само неколку месеци постоеше голема веројатност дека тоа и ќе се случи. Секако, и понатаму останува ризикот дека ќе се формира некаква алавитска држава на чело со Башар Ал Асад (алавитите се верско малцинство во Сирија на кое и му припаѓа Ал Асад – заб. ред.). Но, реално гледано, никој не е заинтересиран за такво прекројување на границите (освен, можеби, самиот Ал Асад). „Сирија не е изолирано парче од Блискиот Исток кое може да се огради со жица. Прекројувањето на границите на идната Сирија би значело дека повеќе нема да постои ни сегашен Ирак, а не е јасно ни што би се случило со Либан. Да не зборуваме за ИДИЛ и Саудиска  Арабија“, истакнува Малашенко.

Да се затвори преминот од Турција

Откако армијата на Ал Асад премина во офанзива јавното мислење го промени својот став за сирискиот претседател. За неколку години исцрпувачка граѓанска војна половината од сириското население (11 од вкупно 20 милиони жители) го има сменето местото на својот престој и избега од својата татковина, вели Виктор Надеин-Раевски, постар научен соработник на Институтот за меѓународна економија и меѓународни односи (ИМЕМО) при Руската академија на науките. Сега луѓето се враќаат во регуларната војска и во помошните доброволни одреди.

И можностите на Курдите се сè поголеми, особено откако Турција го собори рускиот Су-24 над сириската територија, а Русија одговори со поставување противракетни системи С-400 во Сирија. „Сега Турците немаат одважност да ги бомбардира камповите на Курдите кои војуваат против ИДИЛ“, смета Надеин-Раевски. Во борбата против терористите се вклучи и дел од демократската опозиција на Сирија, поточно „Слободната сириска армија“.

Ова е удар за ИДИЛ, најбогатата терористичка организација на светот според верзијата на магазинот Форбс, со годишен приход од 2 милијарди долари. Во нејзините борбени редови нагло се зголеми бројот на дезертери. Цели единици го напуштаат фронтот. Освен тоа, Русија има уништено најмалку 1.200 цистерни за превоз на нафта, а тоа за нив е важен извор за финансирање. „Според нашите процени, тие поседуваат од 9.000 до 12.000 вакви цистерни, така што сè уште имаат резерви, но и покрај тоа претрпеа голема загуба“, вели Надеин-Раевски.

„Ситуацијата се измени откако ние се вмешавме. Постојат шанси да се затвори преминот широк 8 километри на сириско турската граница, зашто по тој пат се доставува помош за терористите“, се сложува Семјон Багдасаров, директор на Центарот за проучување на земјите од Блискиот Исток и од Централна Азија. И претставниците на Соединетите Американски Држави констатираа дека по должината на сириско-турската граница постојат неконтролирани зони кои ИДИЛ ги користи за превоз на луѓе и на стока. Руското Министерство за надворешни работи и Министерството за одбрана сметаат дека на терористите во Сирија им се дава помош благодарение на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и на членовите на неговото семејство, кои го организаираа „нафтоводот“ преку границата.

Регуларната армија на Сирија веќе ја ослободи провинцијата Латакиа, делови во Алепо и провинцијата Дара на југот од земјата, како и градот Рабија кој е од големо стратешко значење, но сепак е сèуште рано да се зборува за крај на граѓанската војна. Провладините сили сега контролираат голем дел од Сирија. Но, според различни проценки, војната ќе трае уште најмалку две години. Сега светот во Сирија е претерано мултиполарен. За завршување на војната повеќе не е доволен еден телефонски повик од Вашингтон за Москва, или од Москва за Вашингтон.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња