Во дворот на една станбена зграда на Николојамската укица (недалеку од центарот на Москва) стојат десетина луѓе со различен изглед. Двајца намуртени старци со разбушавени бради, еден маж од Средна Азија кој делува прилично исцрпено, една жена со валкана коса и со насмевка на лицето... Од другата страна на оградата се наѕираат неколку шатори и фургони. Ова лични на мал полски камп во центарот на главниот град на Русија. Чуварот, сталожен човек во средни години, го отклучува катанецот на капијата и ги повикува луѓето да влезат. Едни влегуваат самоуверено, а други со плашливи чекори. Сите тие се бездомници. Дошле тука нешто да каснат, да добијат помош или да се згреат.
„Хангарот на спасот“ ги храни, им дава облека и им нуди лекарска помош на бездомниците. Фото: Олег Егоров
„Кампот“ во кој влегуваат бездомниците е всушност социјален центар за помош „Хангар на спасот“ кој го основаше православната хуманитарна организација „Милосрдие“. Луѓето без покрив на главата редовно доаѓаат тука. Тука ги хранат, им даваат облека и им нудат лекарска помош. Бездомниците на ова место можат да се избањаат и да се потстрижат, можат да добијат поддршка доколку сакаат да извадат некакви документи. Раководителот на центарот Роман Скоросов вели дека понекогаш во центарот доаѓаат и по стотина луѓе на ден. Синиот шатор каде бездомниците можат да се згреат и да каснат, може да прими најмногу 55 лица. Во него е топло благодарение на моќниот агрегат. Влегувам внатре и гледам дека речиси сите столчиња се зафатени. Едни јадат (бесплатниот оброк се состои од порција јуфки, парче леб и топол чај), други спијат или разговараат. Има и млади и стари, и жени и мажи. Некои изгледаат доста запуштено, а за други не би можело да се каже дека живеат на улица, некои имаат дури и смартфони.
Роман Скоросов, раководител на центарот за помош на бездомници „Хангар на спасот“. Фото: Олег Егоров.
На бездомниците им е особено тешко навечер кога температурата ќе падне на -20. Додека стојат пред кабините за туширање си раскажуваат кој каде наоѓа засолниште. Навечер, секој што сака може од „Хангарот“ да оди да преноќува во Центарот за социјална адаптација (ЦСА) со бесплатен автобус на „Социјална патрола“. Но, во ЦСА често нема место, зашто тоа е единствен центар во Москва.
„Таму често е преполно. Има само 570 места. Некои спијат во седечка положба на под“, вели бездомникот Јура, силен маж во средни години. „А, инаку преноќуваме во влезовите од зградите и на автобуските и железничките станици. Поретко во канализација. Таму цевките се топли, само ќе си го ставиш душекот и можеш да спиеш“.
Јура има големо искуство, така што може да му се верува. Тој веќе две зими по ред живее во Москва како бездомник. Тој за својот живот размислува филозофски: „Сè е во ред. Има каде да се преспие, всушност има многу такви места. А, постојат и многу места каде може да се добие оброк. Најважно е да се знае каде треба да се побара“. Но, тој не сака да го фотоградираме. „Немојте. Ние помладите не сакаме камери. Подобро снимајте ги овие постарите“.
Синиот шатор каде бездомниците можат да се згреат и да каснат, може да прими најмногу 55 лица. Фото: Олег Егоров.
Саша не е старец, но сепак со задоволство сака да се фотографира. Пред неколку години се нашол на улица поради проблемите со алкохолот, но ги сретнал луѓето од „Милосрдие“, тие му помогнале, па го оставил алкохолот и оттогаш работи во „Хангарот на спасот“. Според мислењето на Саша, најголема опасност за бездомниците во зимско време е алкохолот.
„Луѓето се наоѓаат на улиците од различни причини. Некои поради конфликт во семејството, на некои преку ујдурма му го зеле станот, така што сега немаат каде да живеат. И сè би било подобро кога ваквите луѓе би се обиделе да се извлечат, нешто да преземат за повторно да си добијат документи. Но, тие не го прават тоа. Многумина почнуваат да пијат. Тоа е опасно за бездомниците. Затоа некои замрзнуваат и умираат“.
Саша, поранешен алкохоличар и бездомник сега работи во „Хангарот на спасот“. Фото: Олег Егоров.
Во последно време смртноста кај бездомниците во зимскиот период е значително намалена. Според податоците што ги дава Канцеларијата за социјална заштита во текот на есента и зимата 2002-2003 година од замрзнување починале над 1.200 бездомници, а во 2014-2015 само 57. Раководителот на „Хангарот на спасот“ Роман Скоросов е уверен дека тоа е така зашто луѓето почнале подобро да се однесуваат кон бездомниците.
„Се појавуваат нови невладини организации кои им помагаат на бездомниците. Канцеларијата за социјална заштита на Москва посветува повеќе внимание на овој проблем, а и самите граѓани, откако ќе ја видат оваа активност, стануваат подобри и покажуваат поголемо сочувство. Претходно кога некој ќе видеше бездомник во влезот на зградата, веднаш ќе го истераше надвор на ладното. Денес, пак, луѓето имаат разбирање и сфаќаат дека треба да се јават во социјалната служба, која ќе му помогне на човекот и ќе го однесе да се згрее, и нема да го остави на улица. Поради тоа и смртноста е помала“.
Возилото на „Социјална патрола“ може да го однесе секој оној што сака да преноќи во Центарот за социјална адаптација. Фото: Олег Егоров.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче