10 прашања за протестите на автопревозниците во Русија

Ројтерс
Во Русија повеќе од еден месец масовно протестираат автопревозниците. Нивните протесни акции се организираат ширум цела Русија. Сопствениците на шлепери, пред сè претставниците на малиот бизнис, сметаат дека дополнителната такса за превоз на стока ќе ги доведе нивните фирми на работ на опстанокот.

1. Што се случи?

Во Русија на 15 ноември стапи на сила системот „Платон“ според кој се наплаќа такса за движење по федералните сообраќајници на товарни возила над 12 тони. Автопревозниците кои се противат на воведувањето дополнителна такса покренаа акции на протест уште пред стапувањето на сила на „Платон“. Протестите сè уште траат.

2. Зошто е потребен „Платон“?

Според статистиката на Федералната агенција за патишта, 58% од оштетувањата на руските патишта ги прават токму камионите потешки од 12 тони. Владата одлучи оваа штета да ја компензираат компаниите и бизнисмените кои ги користат овие камиони. Планирано е парите собрани според системот „Платон“ да се користат за поправка на патишта и за реализација на инфраструктурни проекти.

3. Какви проблеми направи „Платон“?

Во првите денови од функционирањето на „Платон“ постојано доаѓаше до пад на системот. „Платон“ на возачите им пресметуваше повисока такса одошто е предвидено, а официјалниот сајт на проектот често беше недостапен. За волја на вистината, не станува збор само за технички грешки. Многу автопревозници се спротивставија и на самата идеја за воведување дополнителна такса.

4. Зарем компаниите што се занимаваат со превоз немаат пари да ја платат новата такса?

Во Русија со превоз на стока главно се занимаваат малите претпријатија. Често тоа се таканаречени „индивидуални претпријатија“, кои имаат само еден шалтер. Не постои официјална статистика за тоа колкав процент индивидуални бизнисмени и претставници на малиот бизнис има кај автопревозниците, но само тие (како приватниците, така и претставниците на големите компании) се уверени дека малиот бизнис доминира (се споменуваат бројки од 60% до 80%).

5. Како започна протестот?

Автопревозниците почнаа да организираат масовни акции на протест во регионите во Русија уште пред да почне да функционира „Платон“. Камионите се движеа по федералните патишта со минимална брзина и така се создаваа долги колони. На овој начин возачите изразуваа протест против „Платон“, според кој треба да платат 3.73 рубли (0.06 американски долари) за секој километар. Власта реагираше на протестот така што за период од три и пол месеци ја намали таксата на 1.53 рубли (0.02 американски долари) по километар и значително ја намали висината на казната. Првобитната казна (за прваните лица) изнесуваше 450 илјади евра за првиот прекршок и еден милион рубли за секој повторен прекршок.

Намалена е и казната (како за физички, така и за правни лица) и таа изнесува 5 илјади рубли за првиот и 10 илјади рубли за секој следен прекршок.

6. До каде стасаа протестите?

И покрај отстапките на власта масовните протести на автопревозниците продолжуваат. Нивните претставници од регионите во повеќе наврати најавија дека ќе дојдат во Москва и дека таму ќе ја организираат најголемата акција на протест со тоа што ќе го затворат кружниот автопат. Првата акција на автопатот околу Москва возачите ја организираа на 4 декември.

7. Што вели власта?

Власта не изрази подготвеност да го укине системот „Платон“ или привремено да го запре неговото функционирање. Раководителот на Федералната агенција за патишта Роман Старовојт во интервју за порталот РБК тврди дека апсолутното мнозинство автопревозници со разбирање го прифатиле воведувањето на таксата и дека протестираат најмногу 1% од сопствениците на товарните камиони. Според Старовојт досега во системот се регистрирани над две третини од вкупниот број товарни возила над 12 тони.

8. Што сакаат автопревозниците?

Воведувањето на системот „Платон“ пред сè ги загрозува малиот систем и индивидуалните бизнисмени. За големите компании дополнителната такса е непријатност, но не е „крај на светот“. Но, на многу мали автопревозници воопшто не им се исплатува да работат со зголемени такси. Тие бараат или „Платон“ во целост да се укине или неговото функционирање да се замрзне за неколку години.

9. Каков е односот на општеството кон протестите?

Не може да се каже дека протестите на автопревозниците наидоа на значајна поддршка од страна на луѓето што не се во нивната професија. Според мислењето на Денис Волков, социолог од центарот „Левада“, тешко дека спротивставувањето на „Платон“ ќе прерасне во масовен протест, со оглед на популарноста на политичкиот курс на актуелната власт. Возачите велат дека обичните граѓани ги поддржуваат и дека на учесниците на протестите им нудат бесплатно ноќевање и храна.

10. Што може да предизвика протестот?

Политикологот Алексеј Макаркин, заменик на раководителот на Центарот за политички технологии, смета дека власта најверојатно ќе успее да ги задуши протестите со внесување раздор меѓу автопревозниците. „Државата се труди да ги подели сопствениците на товарните возила што протестираат на умерена и радикална струја, со тоа што мнозинството од учесниците на протестите припаѓа на умерената струја, зашто тоа се претставници на големите претпријатија“, вели Макаркин за „Руска реч на македонски“. „Истовремено руските власти прават делумни отстапки: привремено ги намалуваат таксите и казните. Така протестот се подрива однатре“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.