Зошто Русија е против стапувањето на Црна Гора во НАТО

AP
На 2 декември годинава Советот на НАТО донесе одлука за почеток на преговорите со Црна Гора во врска со нејзиното стапување во Организацијата на Северноатлантскиот договор. Руските политичари и експертите мошне остро реагираа на оваа вест.

„Ѝ честитам на Црна Гора. Ова е почеток на прекрасен сојуз“, изјави генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг на 2 декември, откако беше објавена одлуката за почеток на преговорите со Црна Гора за стапување на земјата во НАТО. Во заедничката изјава на министрите на НАТО беше забележано дека „членството на Црна Гора во НАТО ќе го зголеми нивото на безбедност во регионот и на алијансата во целина“.

Столтенберг особено подвлече дека одлуката „не е насочена против Русија, туку дека таа се однесува само на Црна Гора и на НАТО“.

Очекувана реакција

Позицијата на Русија во врска со проширувањето на НАТО за сметка на Црна Гореа е одамна определена. Уште во 2011 година Сергеј Лавров го искажа своето мислење во врска со ова прашање, изјавувајќи дека стапувањето во НАТО нема да донесе поголема безбедност ниту во регионот, ниту в алијансата во целост, а во 2014 година можното влегување на Црна Гора во НАТО го нарече „неодговорно и провокациско“.

Во средината на ноември Државната дума излезе со обраќање кон парламентот на Црна Гора, а исто така и кон парламентите на земјите-членки на НАТО и на ОБСЕ. Во текстот беше одбележано дека „стремежот на режимот на Мило Ѓукановиќ, кој владее со Црна Гора веќе 25 години, за влегување во НАТО е против волјата на поголемиот дел од народот на оваа земја“.

Рускиот фактор

Во Црна Гора во последниве две години се водеше агресивна кампања за стапување во НАТО, при што акцент се правеше имено на спротивставувањето на Русија. Според резултатите од направените анкети што ги презентираше премиерот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ во јуни 2015 година, за стапување во НАТО биле 47% од Црногорците, додека 43% биле против, при што 65% од испитаниците биле уверени дека земјата во скоро време ќе стане членка на алијансата. Сепак алтернативните истражувања даваат сосема поинакви резултати, а според нив присоединувањето кон Алијансата го поддржува само 32% од жителите на земјата.

Како што изјави во ексклузивно интервју за „Руска реч на македонски“ претседателот на комитетот на Државната дума Алексеј Пушков, „Ѓукановиќ никако не може да ги натера своите граѓани да го засакаат НАТО, и сета вина за тоа ја префрла на Русија“.

Недовербата кон податоците на владата на Црна Гора во самата земја и надвор од неа се поткрепува со многубројните корупциски скандали, со кои се прослави Ѓукановиќ. Меѓу најновите обвинување е изјавата на рускиот сенатор Фрац Клинцевич за трговија со оружје на режимот на Ѓукановиќ со ИДИЛ.

Дамнешни пријатели

Без оглед на тоа што во НАТО стапија многу земји од поранешниот Варшавски блок, па дури и поранешни советски републики, имено стапувањето на Црна Гора предизвикува емоционална реакција од страна на Русија.

Русија и Црна Гора ги поврзуваат околу 300 години тесна соработка. Имено Русија е таа што направила услови за создавање и за развој на црногорската државност во 19 век и ѝ помогна на земјата да стане независна во 2006 година.

„'Братска' Црна Гора во извесен степен 'политички ја предаде' Русија кога се приклучи на санкциите против Русија што во 2014 година ги воведе ЕУ, а сега направи уште еден чекор кон крајното прекинување на традиционалните односи со Русија“, појаснува за „Руска реч на македонски“ директорот на Балканскиот центар за меѓународна соработка Виктор Колбановски.

Како ќе одговори Русија?

Заменик-претседателот на Државната дума Сергеј Железњак за „Руска реч на македонски“ изјави дека сега Русија и Црна гора „ќе мора на соодветен начин да ги ограничат контактите во економската и во други сфери“.

Началникот на Балканскиот сектор при Рускиот институт за стратешки истражувања Никита Бондарјов смета дека ваквите мерки можат да бидат контрапродуктивни, со оглед на тоа дека тие најпрво ќе удрат по обичните Црногорци и Руси, кои живеат во земјата. Според експертот, Русија пред сè треба да се избори за спроведување на национален референдум во врска со прашањето за влегување на Црна Гора во НАТО.

Постои и поинакво мислење за понатамошниот развој на настаните. Експертот на московскиот центар „Карнеги“ Максим Саморуков смета дека Балканот кој е стратешки за Русија „ја изгубил својата привлечност“ поради неактуелноста на големите енергетски проекти како што беше Јужен тек, затоа поради влегувањето на Црна Гора во НАТО „сериозни практични дејствија Русија тешко дека ќе презема на Балканот“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.