Москва и Анкара нема да се смират наскоро

Претседателот на Русија Владимир Путин

Претседателот на Русија Владимир Путин

Ројтерс
Рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган не се сретнаа во Париз на конференцијата на ОН за климатските промени, но дадоа неколку остри изјави по кои, според мислењето на експертите, не постои шанса двајцата лидери да се смират.

• Путин смета дека Анкара ја прикрива испораката на нелегална нафта за Турција

• Ердоган е подготвен да поднесе оставка доколку обвинувањата на Русија се докажат

• Русија и Турција ја прекинаа политичката соработка, а тоа може да трае долго

• Подобрување на односите помеѓу двете земји е можно само во случај на смена на режимот

• Руско-турската криза не може да биде пречка во борбата против ИДИЛ во Сирија

Конференцијата на ОН за климатските промени која беше отворена во Париз на 30 ноември, изобилуваше со политички изјави кои не се однесуваат на темата на самитот. Меѓу најинтересните беше прашањето дали претседателот на РФ Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган ќе се сретнат и ќе поразговараат за инцидентот поврзан со соборувањето на рускиот бомбардер недалеку од сириско-турската граница. И покрај низата билатерални средби на рускиот претседател (Путин успеа да се сретне со претседателот на САД, со претседателот на Кина, со германската канцеларка, со корејскиот лидер и со премиерот на Израел), сепак не се сретна со Ердоган. „Не се видовме“, потврди Владимир Путин, а потоа изјави дека Русија поседува детални податоци за настаните поврзани со рускиот Су-24, и дека тврдењето на Турција дека на тој начин ги штити Туркмените служи само како параван.

„Постојат основи да сметаме дека одлуката за соборување на нашиот авион била условена од потребата да се заштитат тие патишта за испорака на нафта за Турција“, изјави Путин на прес-конференција на крајот од самитот. Според него, Анкара не реагирала ниту на загриженоста на Москва во врска со слободното движење на терористите кое беше овозможено благодарение на безвизниот режим помеѓу РФ и Турција. „Ние одамна молевме да се обрне внимание на фактот дека претставници на терористички организации, кои во определени региони на Русија војуваа и се обидуваа да војуваат против нас со оружје во рака <...> „испливуваат“ на територијата на Турција“, рече Путин.

Ердоган не одолговлекуваше со одговорот и истата вечер вети дека ќе поднесе оставка доколку се потврдат обвинувањата дека Турција купува нафта од припадниците на ИДИЛ (организација забранета во Русија – заб. ред.).

„Одлично ја знаеме цената на изјавите на Ердоган. Него веќе го фатија во лага турските новинари, кои дознаа дека Турција им испорачува на терористите оружје камуфлирано како хуманитарна помош. Поради тоа тие новинари се сега во затвор. Господинот Ердоган нема да се повлече и нема ништо да признае, макар и лицето да му биде измачкано со нафта“, рече заменик-министерот за одбрана на Русија Анатолиј Антонов.

Истата состојба до промена на режимот

Ќе биде мошне тешко Русија и Турција да се вратат на она ниво на соработка што го имаа пред инцидентот со соборувањето на Су-24, зашто соработката е реално „со многу напор“ од почетокот на минатата деценија, истакна во интервју за „Руска реч на македонски“ Леонид Исаев, постар предавач на Катедрата за општа политикологија при универзитетот Виша школа за економија, кој инаку е арабист и стручњак за мониторинг на конфликти. „Острата изјава на Путин, испровоцирана од прилично острите изјави на турската страна, може да предизвика долгогодишен прекин на билатералните врски“, смета експертот и додава дека сега руско-турските односи ќе бидат минимизирани. Се разбира, ваквата конфронтација во крајна линија не им се исплатува ниту на Русија, ниту на Турција, ниту на НАТО, чиј член е Турција, но за да се заборави реториката од кулоарите на „климатскиот “ самите ќе биде потребно „да дојде до смена на режимот, во најмала рака“, зашто ваквите изјави од двете страни се доживуваат премногу лично.

Директорот на Центарот за ориенталистичко проучување на меѓународните односи и јава дипломатија, туркологот Владимир Аватков, исто така смета дека само смената на режимот ќе овозможи излез од оваа криза, со тоа што не треба да се поистоветува турскиот режим со турскиот народ, предупредува тој. „Точно е дека турскиот режим се консолидираше со терористите кога го соборија нашиот авион, но ние треба да размислуваме за иднината“. И покрај сè, тешко дека Турција ќе биде во целост заборавена од Русија, со оглед на тоа дека станува збор за перспективен партнер.

Ќе интервенира ли НАТО?

Дали прекинот на руско-турските односи ќе влијае на соработката меѓу актерите во настаните во Сирија? На ова прашање добро одговори Путин во Париз, истакнува Виктор Надеин-Раевски, водечки научен соработник на Институтот за меѓународна економија и меѓународни односи при Руската академија на науките. „За каква широка коалиција може да стане збор кога некој ти забива нож во грб?“, се прашува тој. Сепак, Русија е заинтересирана за борба против ИДИЛ и не се откажува од соработката со Французите.

Во овој контекст тешко може да се очекува влошување на ситуацијата поврзана со борбата против тероризмот во Сирија. Ситуацијата всушност само се подобри, смета Надеин-Раевски. Појавувањето на системот за ПВО С-400 во Сирија од корен го смени односот на силите. Радиусот на дејствувањето на радарските системи ги покрива практично сите делови на фронтот. Турските авиони нема да влегуваат во зоната на дејствието на радарот и нема да се дрзнат да бомбардираат подрачја на кои се наоѓаат одредите на народната самоодбрана на сириските Курди. „Турците го бомбардираа практично секој ден, а овие одреди всушност мошне ефикасно се борат против исламските екстремисти на сета територија“, смета Надеин-Раевски.

Згора на тоа, според него, доколку дејствувањето на Турција биде претставено како голема пречка во заедничката борба на земјите-партнери во борбата против ИДИЛ во Сирија, НАТО може да се обиде да ја одвои Анкара и да ја тргне настрана од овој процес. „Ситуацијата во Сирија и онака е напната, па доколку таму ескалира уште еден конфликт на линијата Русија-Турција, тоа ќе биде само од полза на ИДИЛ. Алијансата формално ќе биде на страната на Турците, како што беше случај во соборувањето на бомбардерот, но ќе направи сè за да не дојде до заострување на таа конфронтација“, вели Исаев.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.