РФ со нова нацрт-резолуција за борба против ИДИЛ

Виталиј Чуркин

Виталиј Чуркин

AP
Русија на Советот за безбедност на ОН му предложи обновена варијанта на резолуцијата за борба со екстремистичката група „Исламска држава“. Според рускиот потпретседател, во новиот проект се става акцент на заедничките дејствија против ИДИЛ.

Русија на 18 ноември предложи обновена нацрт-резолуција за координација на силите за борба со тероризмот, а пред се со ИДИЛ, во Советот за безбедност на ОН. Според постојаниот претставник на Русија во ОН Виталиј Чуркин, во преработениот текст „голем акцент е ставен на борбата со ИДИЛ (претходно означена како ИД) и на неопходноста од заеднички напори“, го цитира ТАСС рускиот дипломат.

Претходната нацрт-резолуција за спротивставување на тероризмот РФ му ја предложи на Советот за безбедност на 30 септември. Ова се случи два дена по обраќањето на претседателот на Русија Владимир Путин на Генералната асамблеја на ОН, во кое тој предложи да се координираат дејствијата за борба со ИДИЛ и со другите терористички структури.

Како што соопштува агенцијата Ројтерс, оваа нацрт-резолуција беше блокирана од страна на Велика Британија. Велика Британија, а исто така и САД и Франција не беа задоволни од точките во кои се бараше координација на дејствијата за борба против тероризмот со оние земји на чии територии се води оваа борба. Во случајот со Сирија тоа значи дека земјите од Западот ќе треба да работат со режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, чиј легитимитет тие го оспоруваат. Според оценките на претставниците на земјите-членки на Советот за безбедност, според агенцијата, во новиот руски проект нема значајни измени.

Чуркин исто така потврди дека делот за неопходност од соработка со сириските власти не е изземен од обновената варијанта на документот. „Сето тоа останува“, изјави рускиот дипломат. Како што пренесува агенцијата Франс-прес, тој подвлекува дека обидите „за игнорирање на сириската влада... е она што навистина ќе ги ослаби можностите за нашата заедничка борба“.

По терористичките напади

Според Андреј Кортунов, генерален директор на Рускиот совет за меѓународни работи, Москва се обидува „да направи уште еден пробив“ со резолуцијата, веќе во нови услови, по трагедијата на Синај и по парискиот напад, кога притисокот на светските лидери е зголемен и постои барање за поактивна борба со тероризмот. Русија може да смета дека во вакви услови на западните земји ќе им биде потешко да се спротивстават на предлозите на Москва. Во исто време, експертот укажува дека за Вашингтон координацијата на дејствијата со Дамаск е неприфатлив услов. Затоа, како што претпоставува аналитичарот, во новата варијанта на документот оваа точка може да биде поинаку формулирана.

Француска нацрт-резолуција

Според Виталиј Чуркин, рускиот проект бил позитивно прифатен од другите членови на Советот за безбедност. Притоа, како што подвлече тој, текстот на документот е универзален и „е напишан на начин кој е прифатлив за сите“ оние што не бараат повод за противречност.

Во исто време Русија не е единствената земја која предлага своја резолуција во врска со ова прашање. Потпретседателот на Франција при ОН Франсоа Делатр изјави дека Париз работи над нова нацрт-резолуција. Текстот на резолуцијата, според дипломатот, ќе биде „кус, силен и фокусиран на борбата со ДАИШ (арапска абревијатура за ИДИЛ – заб. ред.)“. Говорејќи за намерите на Франција за своја резолуција, Чуркин изјави дека не би сакал да види „натпреварување на двата документа“. „За време на нашите дискусии се зборуваше дека во Советот за безбедност треба да постои единство“, подвлекува рускиот дипломат.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.