Експерти: бомбата ја поставил некој од персоналот на аеродромот

AP
Денес првиот човек на Федералната служба за безбедност на РФ објави дека причина за падот на авионот во Египет е терористички напад. „Руска реч на македонски“ ги запраша авијатичките експерти како експлозивната направа можела да дојде во авионот и зошто никој тоа не го забележал.

На 17 ноември Федералната служба за безбедност на РФ изјави дека падот на патничкиот авион Ербас А321 на авиокомпанијата „Когалимавиа“ се случил поради терористички напад – била активирана експлозивна направа со моќност од 1.3 килограми во тротилов еквивалент. За информација за терористите специјалната служба објави награда од 50 милиони американски долари. Половина час потоа новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на сопствени извори, соопшти за апсење на двајца работници од аеродромот во Шарм ел Шејк. Подоцна оваа информација беше демантирана.

По сè изгледа, немало пропусти во прегледот на патниците или на багажот непосредно на аеродромот. Експертите за авијација се согласуваат во мислењето дека наједноставно е бомбата да била поставена од аеродромските служби што го опслужувале авионот.

Превозник на багаж

Експлозивната направа можела да се најде во авионот на три начина. Првата варијанта е терорист-самоубиец. Впрочем ваквата варијанта во овој случај е најмалку веројатна, смета независниот експерт на космичкиот оддел на фондот „Сколково“ Вадим Лукашевич. „Самоубиецот можел да се најде во авионот со експлозивна направа на телото или во различни состојки кои ги мешал за време на полетувањето. Но, во случајов е најверојатно дека бомбата се наоѓала во багажот или во одделот за багаж, некаде во конструкцијата на авионот“, вели експертот во интервју за „Руска реч на македонски“.

Членот на управата на Руската асоцијација на пилоти и сопственик на летала Леонид Кошељов не исклучува дека бомбата навистина можела да биде поставена во багажот, како што беше случајот со експлозијата во 1988 година над Локерби во Боингот 747. Но, доколку тоа е така, таа се нашла таму дури по скенирањето на аеродромот, а можел да ја постави некој од вработените, да кажеме превозникот на багажот. По проверката, багажот од лентата доаѓа кај превозниците на багажот, тие ги  ставаат на колички или во контејнер за превоз, ги довезуваат до авионот и рачно го товарат багажот во авионот. По натоварувањето никој не го прегледува багажот повторно. „Во авионот има две одделенија за багаж – пред центропланот и зад центропланот. На Ербасот му се отцепил опашот, што значи дека бомбата била зад центропланот“, смета Лукашевич.

„Наш“ човек

Портпаролот на МНР РФ го сподели симболот на трагедијата на рускиот А321 - „Солидарност„

Портпаролот на МНР РФ Марија Захарова на својот профил го сподели симболот на трагедијата што однесе 224 човечки животи.

Секако, доколку терористи има меѓу вработените на аеродромот, тогаш бомбата можела да биде поставена не само во одделот за багаж, туку и на многу други места во авионот. „Постојат технички места каде има пристап човек кој ја познава конструкцијата на авионот. А, при опслужувањето на авионот во тие места може да се стави што било“, вели за „Руска реч на македонски“ почесниот претседател на Меѓународниот авијатичко-космички салон МАКС и тест-пилот Магомед Толбоев. Притоа за моќна експлозија доволно е да се постави 200 грама експлозив во капсули. Тоа може да го направи оној што последен ги затворал и ги проверувал тие места. Претходно во авионите постоеше авионски инженер, но сега таа должност ја нема. „Се работи за чартер, долетал – одлетал. Кој го опслужува, кој го презема авионот пред полетувањето? Не знаеме“, вели Толбоев.

На земја бомбата исто така може да се постави на шасијата. Додека авионот стои, деловите од шасијата се отворени. „Ставиле магнет и поставиле направа некаде кај багажот“, објаснува Лукашевич. Освен тоа, за време на опслужувањето во авионот можат да се качат неколку луѓе „од локалните“, кои го чистат салонот и тоалетите. Доколку екипажот земал храна, тогаш бомбата можела да биде ставена во контејнерот со храна, како во филмот „Спасете го Конкорд“, така што според експертот тоа е исто така едно од можните сценарија.

Ги прегледувале ли тие луѓе? Теоретски, секако, да. Тоа е дел од авијатичката безбедност, како и скенирањето на патниците при влегувањето. Вработените во аеродромските служби ги проверуваат на различен начин, а меѓу другото се обидуваат да префрлат нешто преку градата и гледаат дали тие тоа ќе го забележат или не, вели Кошељов. Сепак, во Египет можеле да не вршат темелна проверка, смета експертот, од едноставна причина што се смета дека е тоа „наш“ човек.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.