Преговори за Сирија: нема компромиси

AFP/East News
Во петокот во Виена се одржаа неколку средби на ниво на шефови на надворешни работи во врска со решавањето на сириската криза. Започнува да се раѓа широка коалиција против ИДИЛ, сметаат руските експерти, но речиси никој од учесниците не е подготвен за компромиси.

Првата средба на министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров и на државниот секретар на САД Џон Кери по започнувањето на руската воена операција во Сирија се одржа во Виена на 23 октомври. По затворените преговори очи в очи на разговорите се приклучија и шефовите за надворешни работи на Саудиска Арабија и на Турција. И во двата случаи стануваше збор за решавањето на сириската криза и за создавање широка коалиција против ИДИЛ.

По два часа „четворката“ изјави дека се договориле да продолжат со контактите и дека следната средба треба да се одржи по една недела. Сепак, за какви имено „конкретни идеи“ се разговарале, министрите не објаснија. Ова беше тешка, но полесна дискусија, ја коментираше средбата рускиот шеф на дипломатијата.

Чекор напред

Од изјавата на Лавров се дознава дека нема никаков договор за заминување на претседателот Башар ал Асад, а „квартет“ не е форматот во кој е планирано да бидат продолжени преговорите. Нам, се надева руската страна, ќе ни се приклучат барем Иран и Египет, а во перспектива и Катар, ОАР, Јордан и останатите клучни играчи во регионот. Патем речено, истиот ден Сергеј Лавров успеа да се сретне со министерот за надворешни работи на Јордан, при што беше постигнат договор за координирање на воените дејствија во Аман. Потребни се сестрани преговори помеѓу Башар ал Асад и „сиот спектар“ на опозицијата“, „како внатрешна, така и надворешна, и со активна поддршка на надворешните играчи“, уште еднаш подвлече рускиот министер.

Тоа што се успеало на преговорите да се приклучат веднаш неколку играчи, дел од руските експерти сметаат дека претставува суштински прогрес. „Беше јасно дека од една средба нема да се најде решението, но спротивставеностите се толку големи, што дури и самиот факт за средбата претставува чекор напред. Меѓународните играчи навистина го разгледуваат прашањето за можна меѓународна коалиција“, смета раководителот на Центарот за Азија и за Блискиот Исток при Рускиот институт за стратешки истражувања Елена Супонина. Постариот научен соработник на Центарот за арапски и исламски истражувања при Институтот за ориенталистика на Руската академија на науките Борис Долгов се согласува: одлуката за продолжување на средбите е најважен потег. Без оглед на тоа, соговорниците на „Руска реч на македонски“ не сметаат дека сега темпото на преговарачкиот процес многу ќе се измени.

Да се зачува образот

Една од главните точки на несогласувањето, како и претходно, е политичката судбина на сирискиот претседател. Најреалистична варијанта е таа тема засега да се остави настрана, а фокусот да се насочи кон борбата со тероризмот, „со постоење политичка волја проблемот со Ал Асад е решлив“, вели Супонина. Но, прашање е дали за такво нешто постои политичка волја кај претседателот на САД Барак Обама, со оглед на тоа дека во САД веќе е започната предизборната кампања, додава таа.

Предизборје е и во Турција, потсетува арабистот, вишиот предавач на катедрата за општа политикологија при Вишата школа за економија Леонид Исаев, каде следната недела ќе се одржат парламентарни избори, а претседателот Реџеп Таип Ердоган треба да добие парламентарно мнозинство. Откажувањето од барањето дека Ал Асад мора веднаш да замина, ќе значи дека тој е неуспешен во надворешната политика и ќе влезе во политички банкрот. „Не можам да си претставам ситуација, во која Ердоган со неговиот авторитарен режим на управување, пред сопствениот електорат ќе истапи како слаб политичар“,  вели Исаев.

Испораките на оружје за радикалните исламистички групи во Сирија е уште еден проблем. „Сегашното раководство на чело со Ердоган се умерени исламисти, кои доаѓаат од турските „Муслимански браќа“ (организација која е забранета во Русија – заб. ред.), а тие имаат врски со „Муслиманските браќа“ во Сирија. Ова е само една од причините зошто тие ја поддржуваат радикалната сириска опозиција“, појаснува Долгов. Според него, тоа е вистинскиот проблем, а не Башар Ал Асад. Ситуацијата во Сирија навистина се менува, успесите на сириската армија се очигледни – ослободени се териториите во провинциите Хомс, Хама и Алепо, така што да се зборува за заминување на Ал Асад сега е „едноставно нонсенс“, смета експертот.

Соговорниците на „Руска реч на македонски“ се согласуваат дека во моментов принципиелното прашање лежи во имиџот. Сириската криза, која трае веќе четири и пол години, стана извор за сериозни трошоци на репутацијата како за Москва, така и за Вашингтон. Сега главно е да се најде начин како никој повеќе да не го губи образот. Но, ете, со целосно разбирање на целата ситуација, речиси никој не сака да се сложи на компромис, резимира Исаев.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.