Москва не е подготвена за Јужна Осетија

Локалните жители ја прославуваат првата годишнина од Декларацијата за независност на Јужна Осетија со возење велосипеди во Цхинвал. 26 август, 2009.

Локалните жители ја прославуваат првата годишнина од Декларацијата за независност на Јужна Осетија со возење велосипеди во Цхинвал. 26 август, 2009.

Ројтерс
Претседателот на Јужна Осетија изјави дека има намера да спроведе референдум за присоединување на републиката кон Русија. Без оглед на тоа, Москва не е подготвена на ваков развој на настаните, сметаат извори блиски до Кремљ.

Претседателот на Јужна Осетија Леонид Тибилов има намера да спроведе референдум за присоединување на републиката со Русија. Како што соопштува службата за односи со јавноста на претседателот, ова тој го изјавил на 19 октомври на средбата со помошникот на претседателот на РФ Владислав Сурков во Цхинвал. „Денешната политичка опстановка е таква што ние сме должни да направиме свој историски избор“, рече Тибилов, додавајќи дека присоединувањето со Русија претставува вековна мечта на јужноосетинскиот народ.

Проблематично прашање

Во Москва, по сè изгледа, не ја земаат сериозно ваквата изјава и немаат намера да го поддржат референдумот. „Москва е задоволна со сегашната брзина на интеграциските процеси. Не постои некаква неопходност да им се дава нов стимул“, изјавува за „Руска реч на македонски“ Алексеј Чеснаков, политиколог близок до Кремљ и поранешен заменик-началник на Управата за внатрешна политика на претседателот на РФ. Изјавата на Тибилов, според Чеснаков само ги фиксира непроменетите стратешки приоритети за Јужна Осетија, „но не означува итно започнување на организација на референдум“.

Претседателот на комитетот на Државната дума за ЗНД, евроазиски интеграции и врски со сонародниците Леонид Слуцки исто така смета дека договорот за сојузништво што беше потпишан во март годинава е доволен. Договорот, всушност, претпоставува слевање на јужноосетинската и на руската гранична служба, на МВР и на армијата. А, освен тоа, „Русија и онака максимално вложува во економијата на Јужна Осетија“, додава пратеникот во интервју за „Руска реч на македонски“. Буџетот на републиката 90% зависи од Руската Федерација. „Ние ќе ја почитуваме волјата на народот, но поради тешката геостратешка ситуација, ова прашање (присоединувањето кон РФ) е проблематично. Сега би се воздржал од позитивно или од негативно мислење во врска со тоа“, додава Слуцки.

Впрочем, „тешко е да се претпостави дека поткован човек како што е претседателот на Јужна Осетија не знае за ова и дека во врска со овие прашања не се консултирал со Москва“, забележува директорот на Институтот за земјите од ЗНД Константин Затулин. Тибилов не е единствен висок претставник на републиката што од време на време дава вакви изјави, а таму сите знаат дека волјата не значи исполнување на тој план, вели Затулин, со оглед на тоа дека оваа идеја е мошне популарна кај електоратот. „Тешко е да се каже зошто имено сега Тибилов решил да даде ваква изјава. Но, јас безусловно гледам разлика помеѓу Јужна Осетија, која се стреми да се присоедини на Русија, и Абхазија, која сака да изгради независна држава“, вели експертот.

Јужна Осетија е делумно признаена република (нејзината независност од Грузија ја имаат признаено пет држави – Русија, Никарагва, Науру, Венецуела и Тувалу). Русија ја призна независноста по „петдневната војна“ со Грузија во 2008 година. Леонид Тибилов потсети дека во 1992 година жителите на Јужна Осетија веќе гласаа на референдум за влегување во состав на РФ (тогаш ЗА се изјаснија 99.89% од оние што гласаа), а во 2006 година републиката спроведе уште еден референдум – за статус на независна држава.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.