Русија пред избор: инертност или мобилизација

Ројтерс
Каква ќе биде иднината на Русија до 2018 година, кога треба да се одржат претседателските избори, и што ја очекува најголемата држава во светот во следниве три години?

Кога во 2014 година започна украинската криза, Кремљ мораше да избере дали ќе ја преиспита стратегијата за развој и ќе ги мобилизира ресурсите поради конфронтацијата со Западот или ќе се обиде во новите услови да ја спроведува истата политичка линија кон која се придржуваше претходно. Конечната одлука во врска со ова прашање сѐ уште не е донесена – уверени се политиколозите, кои во средината на септември годинава се собраа на презентацијата на извештајот „Руска власт 2015: тактика без стратегија“, чиј автор е Александар Колесников, раководител на програмата „Руската внатрешна политика и политичките институции“ при московскиот центар „Карнеги“.

Експертите ги опишаа најверојатните сценарија за развој на Русија во следниве години.

Дмитриј Орлов, директор на компанијата „Агенција за политички и економски комуникации“. 

Од минатата есен (по пакетот антируски санкции) сѐ повеќе се чувствува потребата за донесување стратегиски одлуки. Уште тогаш пред Русија имаше две патеки од кои требаше да се избере една, и до овој момент во таа смисла ништо се нема променето. Првата варијанта е „инклузивна стратегија“, односно потпирање на традиционално конзервативното мнозинство, на работниците што добиваат плата од буџетот, на пензионерите и на инертните слоеви од населението. Во истиот пакет се и динамичната социјално-економска тематика на дневната политика ориентирана на привлекување на капитал, како на западни така и на внатрешни извори на инвестиции, и потпирањето на „активистичките“ слоеви на населението. Ова подразбира и дистанцирање од непомирливите групи, односно од оние што се формираа и кои се издвоија од традиционалното мнозинство минатата есен (односно од почетната фаза на украинската криза, кога дојде со обединување на Крим со Русија и востанието во Донбас, заб. ред.). Другата варијанта е „тврдина за време на опколување“, кога се сѐ поактивни оние непомирливите, кои бараат обновување на Советскиот Сојуз, обновување на социјално-економските повластици и обновување на национализацијата.

Власта засега се нема определено, но најверојатно ќе се реши за првата варијанта. Сепак, системска одлука нема да биде донесена до 2018 година.

Александар Колесников, раководител на програмата „Руската внатрешна политика и политичките институции“ при московскиот центар „Карнеги“.

Горе-долу е јасно што ќе се случи до 2018 година (односно до претседателските избори во Русија – заб. ред.). Развојот ќе се засновува на инерција, и тоа во нејзиниот сегашен облик. Нема да има поголеми протести. Социјалните протести нема да се конвертираат во политички. Тешко е да се предвиди што ќе се случува во економијата, но судејќи според развојот на економската инерција, станува збор за бавна депресија.

Елитата ја дочекува 2018 година без стратегија. Воопшто не е јасно што ќе се случува понатаму. Варијантата „А“ е ист ваков инертен развој. Варијантата „Б“ е бодрење на квазипатриотскиот националистички антизападен вектор, кој се залага за јакнење на државноста. Притоа е можна демонстрација на Русија како квазиимперија што управува со светските процеси. Гледаме дека постојат знаци на ваков модел, зашто сме сѐ поблиски со Сирија. Варијантата „В“ е економско чудо. Но, тоа е веќе апсолутна утопија, со оглед на тоа што во современата елита не гледам какво било движење во тој правец.

Мислам дека ситуацијата ќе се одвива според најлошото сценарио, но полека. Ќе продолжи оваа економска депресија и депресија на граѓанското расположение каде што нема никакви социјални експлозии.

Василиј Жарков, шеф на катедрата за политикологија на Московската висока школа за социјални и економски науки.

Инертното сценарио мошне долго играше позитивна улога. Во текот на минатата деценија беше водена објаснива и сосема успешна (внатрешна) политика, а во надворешната политика на сила беше линијата на неврзаност.

Статусот кво е прекинат со (украинската) криза во февруари 2014 година. Украинската револуција детонираше длабоко во внатрешноста на територијата на Русија. Таа нѐ доведе во ситуација да избираме дали сакаме да градиме империја и повторно да започнеме студена војна, односно дали ќе се мобилизираме и ќе го фрлиме во оган остатокот од силите што го имаме по 20 век или ќе свртиме лист и ќе се обидеме да го реализираме она што Дмитриј Иванович (Орлов) го карактеризираше како „инклузивно сценарио“.

Русија треба да се воздржи од какви било одлуки што се условени од нејзината културна меморија. Еден од проблемите се огледа во тоа што не е поминато доволно време за да се ослободиме од нашите претстави за тоа како во овој свет треба да ја играме улогата на империја.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.