Путин: Не сакаме религиски конфликт во Сирија

Владимир Путин.

Владимир Путин.

Алексеј Никољски / ТАСС
На 11 октомври во програмата „Во недела навечер“ на телевизискиот канал Росија беше прикажано ексклузивно интервју со претседателот на Русија Владимир Путин. Во него лидерот на нацијата одговори на прашања во врска со операцијата во Сирија, борбата со терористите, трката за вооружување и за амбициите на руската надворешна политика.

За терористите

„Треба да се обединат сите сили во борбата против злото. Она што се случи во Турција е безобразен терористички чин. <…> Станува збор за очигледна провокација за време на изборната кампања“.

„Нашите колеги од Европа и од САД велат дека се борат со тероризмот, а ние не гледаме реални резултати. Згора на тоа, во Америка ја затворија програмата за подготовка на таканаречената Слободна сириска армија. Најпрво беше планирано да се подготват 12 илјади лица. Потоа рекоа дека ќе подготват 6 илјади. На крајот подготвија само 60 војници, а реално со ИДИЛ војуваат само 4-5 лица. Испратија 500 милиони долари. Подобро нам да ни ги дадоа тие 500 милиони долари. Ние подобро ќе ги распределевме од гледна точка на борбата со меѓународниот тероризам“.

За Сирија

„Ние однапред ги предупредивме сите наши партнери, особено земјите од регионот, за нашите намери и за нашите планови. Некои велат дека мошне доцна сме реагирале. Но, сакам да ви обрнам внимание дека нас никој и никогаш при планирањето и почетокот на слични вакви операции не нè предупредува. А, ние тоа го направивме“.

„<…> како одговор на обвинувањата за тоа дека ја бомбардираме умерената опозиција, а не ИДИЛ и другите терористички организации, ние одговараме: да кажеме дека вие подобро ја знаете ситуацијата на територијата, вие сте таму повеќе од една година и тоа незаконски, дајте ни ги целите, а ние ќе ги одработиме. нè одбија? нè одбија“.

„Ние се подготвувавме за воени акции. Ние сосредоточивме на потребното место и во потребното време доволно количество сили, средства и муниција. Подолго време извршувавме разузнавање од космосот и од воздух. <…> Со размена на податоци добивме и дополнителни информации. Па, така, сето она што се случува на небо и на земја не се спонтани дејствија, туку исполнување на претходно зацртаните планови“.

„Ние не правиме разлика помеѓу шиити и сунити. Кај нас голем дел од населението, 10% се муслимани. Тие се исто така граѓани на Русија, исто како и христијаните и Евреите. Ние во Сирија воопшто не сакаме да се вовлечеме во меѓурелигиски конфликт“.

За вооружувањето и за дејствијата на Русија

„Не станува збор за трка за вооружување. <…> Нашата државна програма за вооружување се креираше неколку години во услови на мирна меѓународна ситуација. Програмата се реализира не зашто ние се подготвувавме за некакви агресивни дејствија, туку зашто основните ударни комплекси, системот за одбрана што го имаме во вооружувањето на руската армија е застарен и веќе се отпишува. Дојде време да се замени“.

„Надворешната политика на Русија е мирољубива без какво е и да е преувеличување. Доколку се погледне на картата на светот и се види што претставува Русија, тогаш станува очигледно дека нам не ни се потребни туѓи територии, не ни се потребни туѓи природни богатства. Русија е самодоволна земја“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња