Зошто Путин и Обама не можат да се договорат?

EPA
Средбата на Владимир Путин со Барак Обама на маргините на 70 заседание на Генералната асамблеја на ОН ги остави нерешени основните спорни прашања што ги поставија страните. „Руска реч на македонски“ на своите читатели им го претставува списокот на основните моменти кои претставуваат пречка за двете страни да се договорат за соработка во борбата против ИДИЛ.

Судбината на Ал Асад

Ова главниот повод за несогласувањето. Се добива впечаток дека за Америка отстранувањето на Башар Ал Асад од власта е дури и многу поважно прашање, одошто борбата со ИДИЛ. Премногу политички капитал и пропагандни ресурси се потрошени на борбата, на почетокот со Хафез, а потоа со Ал Асад. Откажувањето од своите барања значи да се признае грешката и да се покаже слабост.

Затоа САД се надеваат на светската опозиција и не сакаат да соработуваат со Башар Ал Асад, кого тие официјално го претставија како „тиранин“. Американците настојуваат на тоа дека сирискиот претседател мора да си оди од власта, а потоа групите на опозицијата да се обединат со остатоците од армијата и да ја продолжат борбата со исламските екстремисти.

Русија, пак, напротив, подвлекува дека само Ал Асад може да се смета за легитимен лидер на Сирија, кого во моментов никој не може да го замени, и имено неговата армија води реална борба со ИДИЛ. Притоа Москва не го идеализира Ал Асад и дава на знаење дека на Сирија ѝ се потребни политички реформи, но без мешање однадвор. Кремљ се залага за прагматичен приод: на почетокот уништување на ИДИЛ, потоа преговори на власта со опозицијата.

Улогата на ОН во решавањето на кризата

Москва стави на знаење дека е подготвена да се приклучи кон антиџихадистичката коалиција што ја создадоа САД, со цел таа да добие мандат од ОН. Тоа е потребно за јасно да се пропишат „правилата на игра“ и да се избегне повторувањето на либиското сценарио, кога под предлогот на заштита на мирното население западните земји фактички го симнаа Моамер Гадафи. На Кремљ му е потребна резолуција на СБ на ОН, со која би биле определени целите на меѓународната коалиција и средствата за борба против ИДИЛ.

Улогата на регионалните играчи

Москва се залага за привлекување на Иран во борбата против ИДИЛ и за решавање на сириската Криза. Сепак на ова се противат монархиите од Персиските залив кои им се лојални на САД, а во прв ред тоа се Саудиска Арабија и Катар, за кои Иран е ривал во борбата за доминација во регионот. Всушност, сириската криза во голем дел стана последица на судирот помеѓу Иран и Саудиска Арабија: Техеран му помага на Ал Асад, а џихадистите добиваат финансиска помош од земјите од Заливот.

Спогодбата за иранската нуклеарна програма што беше потпишана во јули треба Иран во очите на западното јавно мислење да го претвори од меѓународен отпадник во сосема прифатлив партнер за преговори. Проблемот, најверојатно, е во тоа дали ќе сакаат арапските монархии да бараат компромис со Техеран.

Засега во регионот де-факто функционираат две антиџихадистски коалиции кои си конкурираат една на друга. Првата е под закрилата на САД и на Саудиска Арабија, а во втората влегуваат Русија, Ирак, Иран и владата на Ал Асад.

Внатрешно-политички мотиви на Путин и на Обама

Во САД започна претседателската трка. Едно од обвинувањата упатено на адреса на демократите е нерешителната надворешна политика. На Обама му е важно да покаже цврстина и постојаност. Особено во однос на Русија, која американските медиуми ја позиционираат како нова „империја на злото“.

За Путин можниот успех во борбата против ИДИЛ дава можност повторно да му покаже на населението дека на чело на нацијата стои решителен лидер кој може да ѝ го врати на Русија статусот на голема држава.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.