Новата реалност на Медведев

Ројтерс
Премиерот на Русија Дмитриј Медведев ја објави статијата „Нова реалност: Русија и глобалните предизвици“, во која, според него, се обидел да ги „проанализира големите промени што сега се случуваат во светската економија и кои директно влијаат врз ситуацијата на нашата земја“. „Руска реч на македонски“ ви ги презентира основните тези на публикацијата на премиерот.

Не е едноставно да се надминат тешкотиите што се појавуваат денес, ниту, пак, оние застарените, ниту кризните појави, дефицитите и диспропорциите. Со целата важност на оваа работа, со сите неедноставни ситуации на денешнината важно е за себе да се формулираат стратешките цели, задачи што сакаме да ги решиме. Дури и ако целта изгледа далечна, а решението многу сложено. Сепак, ваквата цел се формулира мошне едноставно: да се влезе (сакам да кажам: „да се направи пробив“, но воената технологија на ова место не е мошне умесна) во групата земји со највисоко ниво на благосостојба.

New normal

При разгледувањето на моменталните и на перспективните проблеми на глобалниот развој се почесто почнав да го користам терминот new normal. Тој се појави пред пет години, по завршувањето на острата фаза на глобалната криза, и мошне брзо доби популарност. New normal е „нова нормалност“, или, можеби, може да се преведе како „нова реалност“. Тоа се оние клучни карактеристики кои ќе го определуваат развојот на глобалната економија во претстојниот период – всушност, до следната голема, структурна криза.

Станува сè поочигледно дека водечките земји во светот тргнуваат по нова траекторија на раст. Не станува збор само за ново темпо, туку и за квалитетот на тој пораст – во појавата на нови сектори на производство, во новата географија каде тие се наоѓаат. Обновувањето се однесува на сите сфери на животната способност на општеството – технологијата, економијата, хуманистичката сфера.

Односите со Западот и со Истокот

Без оглед на моменталниот, во голем дел и кризен карактер на овие односи (со Западот) обновувањето на соработката е сепак неизбежно. Русија нема намера да го напушти Европскиот континент ниту економски, ниту политички, ниту ментално <...>  Односите можат да се менуваат и во иднина, но стратешкиот правец ќе остане неизбежен – соработка, партнерство, а при благопријатен развој на настаните и формирање на заедничко економско пространство.

Географската и геополитичката положба на Русија не само што овозможува, туку во определена смисла и изискува од нас сè поактивен развој на соработката во “источниот правец“. Притоа станува збор и за земји како што се Кина, Виетнам, Јапонија, Кореа и, во целина, за државите од Азиско-Тихоокеанскиот регион, како и за земјите-членки на ШОС и на БРИКС, кои се наоѓаат на различни делови од светот.

Печатењето пари не е извор на порастот

<…> Клучна задача сега претставува обезбедувањето не само на темпо, туку и на нов квалитет на економски пораст.

Создавањето комфорни услови започнува со обезбедување на макроекономска стабилност. Ниската инфлација и балансираниот буџет остануваат приоритети за цврст развој на земјата.

Неопходно е да се формираат современи механизми за финансирање на економскиот пораст и на модернизацијата. Несомнено, државните инвестиции тука треба да ја одиграат својата улога. Особено сега, кога тие овозможуваат во определена мера да се компензира ниската активност на приватните инвеститори.

Но, државните инвестиции не можат да бидат главен извор за пораст засекогаш. Државата исто така не може да стане машина за печатење пари: слободата на неконтролираната емисија на пари е една од најопасните слободи. Повикувањето на западното искуство на емисиско стимулирање е неодржливо.

Привлекувањето на приватните инвеститори треба да излезе на прв план во дејноста на органите на државното управување на сите нивоа.

Внатрешни заштеди

Важен извор на инвестициите треба да бидат и внатрешните заштеди. Ова е стратешка задача за долги години, но треба да се движиме кон оваа цел. Во овој контекст ќе го разгледуваме и прашањето за ефикасното користење на пензиските заштеди. Пензискиот, а потоа и осигурителниот систем се главен извор за формирање „долгорочни пари“ во економијата.

Без оглед на геополитичката сложеност, санкциите и разните видови ограничувања, не треба да се заборава и на проблемот со привлекување странски инвестиции. Ако нив не ги земеме предвид, тоа значи дека ние ја прифаќаме логиката на изолација што ни е наметната.

Развојот на малиот и на средниот бизнис е еден од условите за стабилен економски пораст и истовремено претставува фактор за обезбедување социјална стабилност.

Конкуренцијата и несуровинскиот сектор

Стимулирање на конкуренцијата. Една од главните причини за слабата конкуренција е стравувањето за социјалната стабилност во претпријатијата и во регионите. Затоа развојот на современиот пазар на труд станува и социјален и економски проблем. Формалниот приод кон неговото решавање ќе го попречи забрзаното создавање високопроизводни работни места.

Стимулирањето на несуровинскиот извоз (во апсолутни цифри и во делови од вкупниот обем на извозот). Покрај другото, ова стана показател за тоа дека замената за увозот всушност функционира и почна да носи позитивни резултати.

Квалитативни напредувања во ефикасноста на државното управување. Претстои формирање систем за одговорност на различни нивоа и органи на власта за донесените одлуки.

Целата статија на руски јазик е објавена во списанието „Вопроси економики“, бр. 10, 2015. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.