Американски бомби ги зголемуваат тензиите во Европа

DPA/Vostock Photo
Гласовите за плановите на САД за поставување 20 модернизирани атомски бомби на територијата на Германија предизвикаа остра реакција кај руските власти, кои се заканија со префрлање оперативно-тактички ракети и бомбардери близу до западната граница. Според експертите ова може да доведе до понатамошно зголемување на тензиите во Европа.

Кремљ жестоко реагираше на веста за можното поставување на 20 тактички атомски бомби со нова модификација В61-12 на германската авиобаза Бихел. „Ова е уште еден чекор, при што, за жал, мошне сериозен чекор кон зголемувањето на тензиите на европскиот континент“, изјави на 23 септември портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков. „Секако, ова може да доведе до нарушување на стратегискиот биланс во Европа, и затоа, безусловно, ова од Русија бара да преземе соодветни контрачекори, контрамерки за воспоставување на паритет“, го цитира Песков РИА Новости.

Бундестагот уште во 2010 година донесе одлука дека владата ќе настојува на повлекување на американското нуклеарно оружје од Германија. Сепак, тоа, како и претходно, се чува на базата Бихел, а новиот план фактички предвидува модернизација на овој арсенал. Во случај на војна германските бомбардери Торнадо, можат да ги понесат овие бомби по наредба на НАТО.

Во руските медиуми се појавија известувања дека како одговор на опремувањето на германските бомбардери со нови атомски бомби, Москва ја разгледува можноста за лоцирање на ракетни комплекси Искандер-М во Калининградската област. 

А, претседателот на комитетот за одбрана и безбедност на Советот на федерацијата на РФ Виктор Озеров изјави дека поставувањето на ново нуклеарно вооружување во Германија  може да ја поттикне Русија кон излез од Договорот за ракети со среден и мал дострел (РСМД). 

Европа треба да се загрижи од нова студена војна

Официјалниот претставник на МНР на РФ Марија Захарова во интервју за „Зидојче цајтунг“ изјави дека Русија е загрижена од можноста за примена на американско оружје од земјите кои немаат сопствен нуклеарен арсенал. „Ова претставува нарушување на членовите 1 и 2 од Договорот за нераспространување нуклеарно оружје“, подвлече таа.

САД не сметаат дека го нарушуваат договорот за нераспространување. Сепак заменикот на раководителот на службата за односи со јавноста на Националната управа за нуклеарна безбедност при министерството за енергетика на САД Шели Лавер побрза да изјави дека производството на бомбите В61-12 нема да започне пред 2020 година.

Според Игор Коротченко, директор на Центарот за анализа на светската трговија со оружје и член на Јавниот совет при Министерството за одбрана на РФ, во екот на затегнатите односи на РФ со Западот поставувањето модернизирано американско нуклеарно оружје на германската база ја дестабилизира ситуацијата во Европа и може да доведе до нова студена војна. Тој во интервју за „Руска реч на македонски“ изјави дека во случај на војна базата Бихел ќе стане цел за руските ракети и за далечната авијација.

Кремљ не сака конфронтации

Не сите руски експерти сметаат дека нервозната реакција на Кремљ е основана. Според претседателот на Академијата за геополитички проблеми Константин Сивков, плановите на САД не се неочекувани, со оглед на тоа што програмата за модернизација на тактичката авијација на пет ненуклеарни земји на НАТО со цел да им се овозможи примена на нуклеарно оружје беше донесена пред две години и ќе заврши во 2018 година.

„Единствено нешто со кое можеме да одговориме е преопремување на Искендерите со нуклеарни глави; производство на доволен број ракети за авиони за далечната стратешка авијација; да ги преопремиме и да ги модернизираме нашите авиони Ту-22М3“, вели Сивков во интервју за РИА Новости.

Впрочем, воениот аналитичар на ТАСС, полковникот во пензија Виктор Литовкин, смета дека Русија нема да тргне во трка со вооружување поради плановите за поставување нови бомби на базата Бихел. Според него, Москва нема да преземе ништо кардинално, со цел „да не ја ослаби уште повеќе својата економија“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.