Русија и САД дискутираат за иднината на Сирија

AP
Москва и Вашингтон се обидуваат да се договорат за соработката во решавањето на сирискиот проблем. Сепак, на ова му пречат различните ставови во врска со понатамошната судбина на сирискиот лидер. САД бараат оставка од Башар ал Асад и се противат против каква и да е помош за него, додека властите на Русија не исклучуваат и разгледување на прашањето за воена поддршка.

Редакцијата на весникот Комерсант успеа да најде руски војници во Сирија преку социјалните мрежи. Еден од руските војници на договор кој служи на 720 пункт за материјално-техничко опслужување (ПМТО) на воено-морската флота на РФ во Тартус, вели дека персоналот во објектот на почетокот на сириската криза изнесувал неколку луѓе, а сега го надминува бројот од 1.700 специјалисти. „Тие го чуваат објектот, го реконструираат пристаништето“, вели тој. Рокот на престој на соговорникот на Комерсант е три месеци, по што следува ротација.

Планови за развој на ПМТО во Тартус навистина постојат, изјави извор од Генералштабот, одрекувајќи каква било поврзаност помеѓу модернизацијата на објектот и „подготвување на воена интервенција“.

На 18 септември гласноговорникот на претседателот на РФ Дмитриј Песков изјави дека Москва може да го разгледа барањето на сириските власти за испраќање руска војска за борба со терористите од ИДИЛ. „Доколку добиеме такво барање, во рамките на билатералните контакти, во рамките на билатерален дијалог тоа, секако, ќе биде разгледано и дискутирано. Засега хипотетички е тешко да се зборува за тоа“, додаде Песков.

Испораката на оружје не престанува

Русија, исто така, потврди дека на Сирија ѝ дава воено-техничка помош и дека во земјата има руски воени специјалисти. Сето оружје и сета техника што му се испорачуваат на Дамаск се во согласност со претходно потпишаните договори – исклучиво за борба со тероризмот и за обезбедување на границите. Од ова, според зборовите на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, Москва „никогаш немала тајни“. Тој објасни дека испораките „неизбежно се придружени со испраќање руски специјалисти, кои помагаат да се постави соодветната опрема, да се обучи сирискиот персонал“.

Давањето помош на сириските власти од страна на Русија на почетокот предизвика критика од страна на Западот. „Државноста на Сирија, а не лично претседателот Башар ал Асад, има потреба од поддршка“, парираше официјалниот претставник на МНР на РФ Марија Захарова во интервју за телевизијата Росија 24. „Доколку земјата се претвори во втора Либија, ситуацијата ќе биде неколкупати посложена одошто по соборувањето на Моамер Гадафи. Избувнувањата во самата Сирија ќе доведат до катастрофални последици за регионот“. А, тоа, според неа, е директна закана за националната безбедност на Русија.

Во последниве два дена критиката се смени со обиди да се воспостави дијалог со Москва. Државниот секретар Џон Кери во последниве две недели трипати му телефонираше на Сергеј Лавров, со цел со него да ги разгледаат прашањата во врска со борбата со тероризмот и со иднината на Сирија. На 18 септември се одржа и првиот телефонски разговор од избувнувањето на украинската криза помеѓу министрите за одбрана на РФ и на САД Сергеј Шојгу и Ештон Картер.

САД почнаа да ги разбираат целите на Русија

Перспективите на сириската соработка стануваат посложени со споровите за судбината на сирискиот лидер: САД бараат негова оставка. Владимир Путин, пак, изјави дека Русија „ја поддржува владата во Сирија во својата намера за спротивставување на терористичката агресија, и дека земјата дава и ќе ја дава потребната воена-техничка помош“.

Првиот човек на Московскиот центар „Карнеги“ Дмитриј Тренин смета дека соработката помеѓу Русија и САД во врска со Сирија е реална. „Создавањето на широка антитерористичка коалиција за која зборува Владимир Путин е невозможна – Американците никогаш нема да се согласат Ал Асад да биде нивен сојузник, Сепак во борбата до ИДИЛ соработката помеѓу Русија и САД е сосема можна: на пример, во вид на координирани дејствија, со цел авионите на Русија и на САД да не се нападнат едни со други. Исто така, соработката е можна и во делот на разузнавањето – сепак непријателот е ист“. Експертот подвлекува и дека за една ваква соработка дејствијата на Русија во Сирија треба да бидат „транспарентни“. „Претходно САД сосема не ги разбираа плановите на Русија во Сирија. Тие беа вознемирени дека Москва му дава поддршка на Башар ал Асад во борбата со опозицијата, чиј дел тие самите ја поддржуваат. Сепак, кога руската страна ги увери дека дејствијата во Сирија се насочени кон борба со тероризмот, Американците станаа полојални“.

Целиот текст на руски на страницата на Комерсант. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.