Како живеат сириските бегалци во Русија

AP
Според последните податоци, на територијата на Руската Федерација се наоѓаат околу 12 илјади Сиријци. Но, без оглед на тоа што европското сценарио со заземените железнички станици и бегалци кои спијат во парковите не претставува закана за Русија, територијата на земјата може да биде искористена како транзитна зона на патот кон ЕУ. „Руска реч на македонски“ се обиде да дознае што се случува со Сиријците во Русија.

Повеќе од 150 сириски бегалци оваа година стасале во Норвешка преку границата со Русија, пишува весникот Ведомости, повикувајќи се на WSJ. Ова е само капка во водата, имајќи го предвид фактот дека од почетокот на годинава во Европа азил побарале околу половина милион луѓе. За тоа дека Русија претставува точка за премин за Сиријците, од време на време потсетуваат експертите, но тие се уверени дека вакви луѓе во Русија има малку, како и сириски бегалци воопшто.

Транзитен пат

Тешко е да се пресмета бројот на сириските државјани кои се дојдени во Русија од почетокот на граѓанскиот конфликт, со оглед на тоа што тие влегуваат во земјата врз основа на образовни и работни визи. „На аеродром сретнав група девојки облечени во традиционална муслиманска облека кои имаа годишни визи. Тие уверуваа дека се дојдени за да учат руски јазик во Санкт Петербург. Сепак, мислам дека тие ја искористиле единствената можност за да избегаат од војната и, веројатно, во Русија тие нема долго да се задржат“, вели Мунзер Халум, сириски новинар и писател кој живее во Русија.

Според соговорникот на „Руска реч на македонски“, Сиријците кои доаѓаат во Русија можат да се поделат на три категории: транзитери, чија конечна цел е Европа, студенти, кои по завршувањето на факултетот немаат намера да се вратат дома, и Сиријци кои одамна се во Русија, а кои исто така во општиот хаос имаат намера да заминат во некоја поповолна земја.

„Сириските бегалци не сакаат да останат во Русија зашто тука не им се дава парична помош, место за живеење и работа. Згора на тоа мошне е тешко да се добијат документи за легален престој“, објаснува Халум.

Махмуд ал Хамза, претседател на советот на движењето „Декларација на Дамаск во странство“ се согласува со тоа дека сириските бегалци во Русија не можат да се снајдат и не добиваат олеснувања. „Русија прифаќа мал број бегалци од Сирија  и малку им помага. Додека се снајдат, тие мора да поминат низ многу сложени процедури и да плаќаат мито“, вели тој. „Сум се среќавал со случаи кога на граница луѓето ги испрашуваат со цел да се дознае нивната политичка гледна точка и на какви исламски правила се придржуваат. Во Европа постои сосема поинаков однос“.

Притоа Махмуд е уверен дека е тешко Русија да се користи како транзитна зона. „Оттука е мошне тешко да се влезе во Европа. Најпрво луѓето тука доаѓаа со таква цел, но тие беа измамени од превозниците: им ги земаа парите и се криеја“, забележува Сириецот.

„Никој од нив нема да ја каже маршрутата по која тие планираат да дојдат до Европа, зашто се плашат за сопствената безбедност и за безбедноста на оние кои им ја дале таа информација“, вели Халум. „Најчесто некој од познаниците доаѓа нелегално до местото и потоа преку лични контакти по телефон или по пошта кажува како му успеало“.

Интерес за конфликт

Доктор Махмуд е зачуден од рамнодушниот однос на Русите кон сириските бегалци, но признава дека земјата е загрижена за конфликтот во целост.„Русите фактички не знаат дека околу нив живеат бегалци од Сирија. Иако моите колеги се многу заинтересирани за сирискиот конфликт, тие во целост не сфаќаат што се случува во земјата од политичка гледна точка“, вели тој.

Ал Хамза за првпат дошол во Русија во 1974 година, завршил математички факултет и предавал во арапските земји. Кога дошло време неговиот син да студира, тој го донел во Москва, а конфликтот ги начекал тука.

Вкупно на територијата на РФ во моментов има околу 12 илјади државјани на Сирија, од нив на две илјади им е даден привремен азил; на миграцискиот список на Русија има 4.691 лице; привремен престој побарале и добиле 2.666 лица, стален престој добиле 2.029 лица, се соопштува од службата за односи со јавноста на Федералната миграциска служба.

Специјалистите појаснуваат дека 12 илјади се околу 0.1% од вкупниот број странци во Русија.

Како што вели за „Руска реч на македонски“ проректорот за меѓународна соработка на Рускиот универзитет за дружба на народите Ољга Андреева, бројот на студенти од Сирија Расте, иако апсолутниот број секако не е голем. Во 2013 година имавме 162 лица, во 2014 – 190,, а во 2015 планираме да примиме 208.

Украинци наспроти Сиријци

Како што претпоставува претседателот на комитетот „Граѓанска помош“ Светлана Ганушкина, бројот на сириски бегалци тешко дека надминува 10 илјади лица. „Во 2012 година кога УВКБ ОН се обрати до сите земји да ја потпишат конвенцијата за бегалци, со препорака за воведување мораториум за нивна депортација во Сирија независно од тоа дали тие легално или нелегално дошле во земјата, руските служби сосема лојално се поставија кон овие луѓе, па дури почнаа и да им издаваат документи. Сепак, кога минатата година во нашата земја започна наплив на бегалци од Украина, на Сиријците практично и заборавивме“, објаснува таа.

Кога ситуацијата во Сирија се влоши, руските власти дури почнаа да носат одлуки за депортација на овие луѓе. „Мислам дека Сиријците во определен степен ги натераа властите да ги откријат корупциските шеми што претходно функционираа, но на нив никој не обраќаше внимание“, вели борецот за човекови права. „Постојат сириски групи кои се создадени околу некое претпријатие кое е во сопственост на нивен земјак. Овие луѓе имаат деца и ние за нив го организиравме образовниот процес, но наскоро на виделина излезе дека сопствениците на претпријатијата не сакаат тие да се адаптираат на средината, зашто на тој начин се зголемува нивниот светоглед. Луѓето почнаа да сметаат на нашата помош, а не на приходите од работодателот. Бизнисмените почнаа да се грижат дека нивните работници ќе почнат да бараат поголема плата и дека ќе заминат да работат на друго место. Исто така излезе дека овие претпријатија користеле работна сила на неполнолетни лица, кои сега почнаа да одат на училиште, а не на работа и тоа е неисплатливо за работодавачите“.

Ганушкина е уверена дека Сиријците не би се стремеле да заминат во Европа, доколку тука тие биле подобро прифатени. „Самите луѓе велат дека е поевтино и поедноставно да се добие виза за Русија, одошто за Европа“, објаснува таа. „Сиријците кои доаѓаат тука формално не се бегалци, тие имаат виза, а исто така дел од нив е дојден тука за да работи, но сега нема каде да се врати“.

Како и да е, прашањето за масовна миграција за Сиријците во РФ не е актуелно. Сепак, според мислењето на експертите, земјата би можела да прими многу повеќе настрадани од војната, од бројот што сега го прима.

Според податоците на ОН од 26 март 2015 година, речиси половината од населението на Сирија било принудено да ги напушти своите домови. 6.5 милиони луѓе се внатрешни бегалци и речиси 4 милиони Сиријци избегале од земјата. Во Турција азил добиле 1.7 милиони државјани на Сирија, во Либан 1.2 милиони (при што населението на Либан изнесува 4.5 милиони жители), во Јордан 0.6 милиони, во Ирак и во Египет околу 200 илјади лица.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.