На 31 август, откако украинскиот парламент во прво читање ги усвои амандманите на уставот поврзани со децентрализацијата на Украина што ги предложи претседателот Петро Порошенко, пред зградата на Врховната рада изби судир помеѓу радикалните приврзаници на унитарна Украина и органите на редот. Во судирите настрадаа тројца припадници на „Националната гарда“. Првпат по настаните на Мајдан кон крајот на 2013 и почетокот на 2014 година акциите на протест во центарот на Киев однесоа човечки животи. Ваквата ситуација веќе предизвика прегрупирање во владејачката коалиција (која ја напушти Радикалната партија на Олег Љашко), но аналитичарите не сметаат дека овие настани се предвесник на некакви катастрофални сценарија во украинската политика во блиска иднина.
Ресурсите на Порошенко
Политичката криза во Украина започна кон крајот на 2013 година, а сега се заострува, смета Борис Шмељов, шеф на Центарот за политички истражувања на Институтот за економија при Руската академија на науките. И украинските олигарси ја заоструваат меѓусебната борба за зоните на политичко влијание и за пристапот кон финансискиот колач што го контролира државата. Се заострува конфронтацијата и во владејачката коалиција, и меѓу политичките партии, а населението е сè понезадоволно од својата економска ситуација.
Постојат неколку варијанти за решавање на кризата, смета Шмељов. Според него, најверојатно сценарио е дека претседателот Порошенко ќе ја концентрира власта во своите раце. Ова ќе резултира со заострување на контролата на политичкото влијание и уништување на опонентите на претседателот кои се концентрирани во „Опозицискиот блок“ како и на радикалите од „Десен сектор“, инаку поранешни сојузници на Порошенко од Мајдан. Со оглед на тоа што украинскиот претседател ги контролира финансиските и административните ресурси, а ја ужива и поддршката на Западот, Шмељов предвидува дека во таа конфронтација Петро Порошенко ќе ги победи своите противници. Тој, додава експертот, ќе се обиде да го сврти вниманието на населението од вистинските социјално-економски проблеми и со таа цел ќе ја продолжи интензивната кампања против Руската Федерација и против самопрогласените републики од истокот на Украина.
„Стабилна нестабилност“
Борис Кагарлицки, директор на Институтот за глобализација и за социјални движења, смета дека конфликтот во Украина ќе ескалира. Тој воедно додава дека притоа ништо нема радикално да се измени во следниве неколку години. „Во овој момент за Украина е карактеристично хроничното и стабилно генерирање нестабилност“, изјавува Кагарлицки за „Руска реч на македонски“. Тоа ќе продолжи сè дури во Украина не се појави некоја политичка сила која може да стави точка на ваквата состојба. Според него, сегашната украинска политичка класа не може самата ништо да направи зашто е „безлична“, а во парализираното украинско општество не постои никаква социјална група со јасна претстава за развојот. Поради тоа промени можат да иницираат само силите кои се сега надвор од политичката елита. Тоа се или претставници на војската, или некои надворешни, странски актери. Но, и ним и ним им е потребно време за да почнат да дејствуваат.
„Порошенко – заложник на војна“
Украинскиот аналитичар Андреј Ермолаев, директор на Институтот за стратешки истражувања „Нова Украина“ за „Руска реч на македонски“ изјави дека развојот на ситуацијата во Украина е непосредно поврзан со последиците на „Минск 2“, според кој требаше да се дефинира формула за дијалог во самата Украина и да се пронајде политичко решение за Донбас. Меѓутоа, Киев и понатаму демонстрира дека не е подготвен да предложи некаква разумна политичка уставна реформа. „Излезе дека Порошенко е заложник на ваквата ситуација. Тој стравува од намалување на популарноста. Тој можеби и сфаќа дека е неопходен дијалог, но тој е заложник на војната“, смета експертот. Од друга страна, сите надежи во поглед на решавање на конфликтот беа поврзани со предлозите на Порошенко за децентрализација, но тој изнесе половични предлози кои ги поделија украинските политички кругови на неколку табори. Во тие услови темата за мирот и за национален дијалог во Украина е повеќе симболична одошто практична. Нејзината реализација дури и не се разгледува.
Ермолаев ја истакнува важноста на претстојните локални избори. Тие ќе се одржат во Украина и во Донбас, но во Донбас тие ќе бидат контролирани од тамошните власти. Според рускиот експерт, заемното непризнавање уште повеќе ќе го продлабочи јазот помеѓу Киев и Донбас, и веќе во ноември, по изборите, ситуацијата ќе се заостри во голема мета. Ќе стане очигледно прашањето за „нов политички формат на регионот што ја напушта Украина“ и „ќе се појави ризик од абхаско сценарио, кога Москва ќе почне да преговара со Донецк и со Луганск“. По изборите и „по уште поголемиот неуспех на минската спогодба“ мошне е веројатно дека кризата на власта во Киев ќе стане уште подлабока (тоа може да се види уште сега врз примерот на коалицијата), со што ќе се формираат услови за предвремени избори во 2016 година. Подготовката за нив, според Андреј Ермолаев, ќе се одвиваат во услови кога „веќе постојат знаци на колективна диктатура“, односно кога определени политички сили, како што се партиите на Петро Порошенко и на Арсениј Јацењук, ќе заземат високи позиции на власта и ќе направат сè за влијанието на опозицијата да го сведат на минимум. Сепак, експертот не верува во успехот на политика насочена кон монополизација на власта и предвидува дека до пролетта 2016 година во Украина ќе се појават нови политички актери.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче