Путин прогласи економска слобода на Далечниот Исток

Михаил Воскресенски / РИА Новости
Владимир Путин рече дека „економската слобода“ е еден од главните приоритети во работењето на Далечниот Исток. Се планира да се привлекуваат инвеститори во слободното пристаниште Владивосток и во најперспективните гранки, вклучувајќи ја и бродоградбата. Освен тоа, во регионот ќе биде создадена и мрежа на научни центри.

Еден од главните приоритети за развојот на Далечниот Исток треба да биде економската слобода. Ова во својот говор на пленарната седница на Источниот економски форум на 4 септември 2015 година го изјави рускиот претседател Владимир Путин. „Наши главни приоритети на Далечниот Исток се поактивна политика на социјалниот развој, формирање транспортна и образовна инфраструктура, и, секако,зголемување на економската слобода, давање подобри услови за водење бизнис на домашните и на странските инвеститори“, изјави шефот на државата. Според ефективноста на вложениот капитал Далечниот Исток треба уверено да конкурира со водечките делови од центарот. Како што потсети рускиот претседател земјите на АТР, без оглед на тековните проблеми, остануваат локомотива на светската економија и важен пазар за стоки и услуги, а зацврстувањето на односите со овие земји има стратешко значење за Русија.

Услови за инвеститорите

Според Владимир Путин веќе се донесени закони за создавање на територии со предност на развој и за слободното пристаниште Владивосток, кои ќе му овозможат на бизнисот ексклузивни преференции, меѓу кои и олеснета процедура за минување на границите. „Странските државјани кои минуваат низ слободното пристаниште Владивосток ќе можат да добијат осумдневна виза директно на граница, а на резидентите ќе им бидат дадени олеснувања за осигурувањата и за даноците“, изјави претседателот. Според податоците што тој ги посетува, интерес за слободното пристаниште покажале западноевропските партнери, а исто така и бизнисмени од Кина, од Јужна Кореа и од Јапонија, за кои ова е најкраток и најефикасен излез на меѓународниот морски пат. Путин предложи преференциите да се однесуваат и на други премини на Далечниот Исток.

„На Далечниот Исток треба да бидат конкурентни сите основни услови за водење бизнис: пристап кон финансиските ресурси, транспортни и енергетски тарифи“, изјави Владимир Путин. Претседателот подвлече дека тарифите за електрична енергија се стар проблем и предложи да се создадат привлечни, конкурентни тарифи за секој реон одделно, и, доколку е потребно, да се одвојат дополнителни буџетски средства за создавање инфраструктура.

Приоритетни гранки

Како најинтересни гранки за инвеститорите претседателот ги наведе бродоградбата, металургијата, преработката на дрво, биоресурсите, транспортот, енергетиката, здравството и туризмот. Така, според првиот човек на државата компанијата „Роснефтгас“ инвестира 60 милијарди рубли (890 милиони американски долари) во модернизација на бродоградниот комплекс „Звезда“ во Приморје. Вкупната сума за модернизација изнесува 146 милијарди рубли (2.16 милијарди американски долари). Владимир Путин забележа дека врз основа на оваа фабрика ќе се појави современ кластер за цивилна бродоградба, за производство на морска техника, техника за пронаоѓање, експлоатација и транспорт на јаглеводороди. Освен тоа, вкупно компанијата за нафта и гас „Роснефт“ со партнерите планира да инвестира во проекти на Далечниот Исток околу 1.3 билиони рубли (19.27 милијарди американски долари).

Научна база

Друг правец за развојот на Далечниот Исток рускиот претседател смета дека треба да биде создавањето мрежа на научни центри во Азиско-Тихоокеанскиот регион. Според него, соработката во сферата на науката и на образованието е од големо значење. „Сето тоа треба да биде моќен стимул за технолошки развој на сите држави од АТР“, забележа претседателот. Путин подвлече дека Русија во Далечниот Исток има сериозни фундаментални научни основи. „Подготвени сме да предложиме низа иницијативи во врска со овој правец. На пример, предлагаме да се помисли за заедничко создавање на крупни истражувачки платформи, таканаречени проекти „Мегасајенс“, врз основа на кои е можен вистински научен напредок“, изјави тој.

Вакви лаборатории, како што забележа претседателот, најмногу ги има во Европа. „Мислам дека е дојдено време да се создаде ваква инфраструктура, мрежа на научни и образовни центри за соработка и во АТР“, подвлече шефот на државата.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.