Нов руски шпионски брод за следење на американската ПРО

Виталиj Невар / ТАСС
Кон крајот на јули, на Денот на руската воена морнарица, во главната база на Балтичката флота свечено беше крената Андреевското знаме на главниот брод за врски од новата генерација „Јуриј Иванов“, проект 18280. Бродот успешно ги мина фабричките тестирања, како и тестирањата на државната комисија. Сега е во тек негова подготовка за премин на место на постојано базирање, во базата на Северната флота на Колскиот полуостров.

„Јуриј Иванов“ е класифициран како брод за врска, но тој е всушност брод за набљудување. Негови задачи се обезбедување комуникација и команда на флотата, радиоизвидување и радиоелектронска борба. Но, главната задача на овој набљудувачки брод е следење на компонентите на американскиот систем за противракетна одбрана (ПРО). Неговата опрема открива радиосигнали во широк опсег на фреквенција и го локализира нивниот извор.

Поморски надзорник

Засега не се знае која опрема конкретно ќе ја користи овој брод. Само е познато дека поседува систем за контрола и за радиоизвидување со широк опсег, како и систем за собирање информации за работата на радиотехничките средства на веројатниот противник. Бродот е исто така опремен со мултиспектрален систем за набљудување и може да детектира огромен број сигнали со различна сила и во различен дијапазон, а потоа да го анализира нивното потекло.

Со други зборови, овој најмодерен комплекс ќе го следи стратешкото вооружување на други држави, вклучувајќи и лансирање на ракети-пресретнувачи и балистички ракети кои се користат како цели. Ќе може да го контролира и лансирањето на интерконтинентални балистички ракети, дури и на оние што се исфрлаат од подморниците, како и космички ракети-носачи. Од „Јуриј Иванов“ нема да можат да се скријат ни тестирања на перспективни модели за стратешко вооружување, доколку други држави вршат такви тестирања. Овој систем може да ги „види“ хиперсоничните летала, високопрецизно вооружување како што се боевите глави со стабилизатори и наведувачки крстосувачки ракети од различно базирање. И не само што може да ги види, туку и навреме да ја пренесе информацијата на руската воена команда.

Наследник на космичката флота

„Јуриј Иванов“ не е единствен набљудувачки брод на руската флота.

„Советскиот Сојуз исто така имаше набљудувачки бродови. Тие за време на Студената војна се појавија во неутралните води и ги набљудуваа маневрите на потенцијалниот противник“, објаснува Владимир Шчербаков, уредник на списанието „Независимое военное обозрение“.

Во воената морнарица на СССР слични задачи извршуваа бродовите од мерниот систем, кои ги контролираа параметрите на летот на балистичките ракети на различни патеки од патувањето. Тие освен советските ракети го контролираа и лансирањето на странските космички апарати. Мерните бродови во шеесеттите години од минатиот век забележаа американски нуклеарни проби на големи височини. Тие се нарекуваа и „космичка флота на СССР“.

Денес постои само уште еден мерен брод – „Маршал Крилов“. Тој во 1998 година официјално беше класифициран како брод за врска, а во 2012 година беше модернизиран, така што сега продолжува да ги следи тестирањата на руското ракетно вооружување во флотата, а исто така и летно-конструкторски тестирања на космички апарати и на ракети-носачи. Со текот на времето политичката ситуација се промени, технологијата на радиоелектронското набљудување е усовршена, така што денес на морнарицата веќе ѝ се потребни набљудувачки бродови од новата генерација.

„Земајќи го предвид ширењето на американскиот противракетен систем во близина на границата со Русија, сега е приоритетно следењето на американските мобилни компоненти ПРО, а таа компонента е системот Иџис. Новиот брод ќе го следи токму него“, вели Шчербаков.

Во овој момент „Јуриј Иванов“ е најголем набљудувачки брод на руската воена морнарица. Долг е 5 метри, широк 16 метри, депласманот му е 4.000 тони, опремен е со мошне моќни инструменти за електронско собирање податоци. Со текот на времето вакви „шпионски“ бродови ќе има сè повеќе. На бродоградилиштето „Севернаја верф“ веќе е започната изградбата на вториот брод од проектот 18280, кој ќе се вика „Иван Хурс“.

Планирано е да се изградат најмалку 4 вакви брода. По Северната флота со нив ќе бидат опремени и Тихоокеанската, Балтичката и Црноморската флота.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња