Македонија ја засакав на прв поглед

Владимир, Екатерина и Алиса Набакови. Фотографија од лична архива

Владимир, Екатерина и Алиса Набакови. Фотографија од лична архива

Во Македонија сѐ почесто се среќаваме со Руси што се дојдени во земјава и по волја на судбината останале во неа. „Руска реч на македонски“ овој пат поразговара со Катја и со Надја, две прекрасни девојки чија летна романса засекогаш ги спои со Македонија.

Виновна е љубовта

Кај народот постои мислење дека руските девојки „паѓаат“ на балканските мажи. Можеби тоа е навистина точно, зашто нашите две хероини го потврдуваат тоа. И Екатерина и Надежда своите сопрузи ги запознале на одмор. „Со мојот сопруг се запознав во 1998 година во Бугарија. Јас тогаш имав 16, а тој 20 години – тоа беше случајна средба во дискотека. Плажа, излегувања навечер – четири дена поминаа незабележливо. Си разменивме адреси, зашто мобилни и Интернет тогаш немаше. За жал, моите писма останаа без одговор. Се чинеше дека не било судбина, но така само се чинеше. По две години повторно заминав во Бугарија – истите плажи, истите клубови. И во дискотеката моите очи се пресретнаа токму со неговите, оваа неслучајна средба не можеше понатаму да се игнорира. Оттогаш почнавме да се допишуваме, а налето се среќававме во Бугарија. Во текот на тие седум години завршив медицински факултет, а во 2007 година за првпат дојдов во Македонија. Се венчавме и сега имаме тригодишна ќерка“, вели Екатерина Набакова, која веќе осум години живее во Скопје. Надежда Потаракина, пак, својот сопруг го запознала откако го завршила факултетот: „Судбината сакаше тоа лето да се запознаам со еден прекрасен Македонец. Ова запознавање стана судбоносно и стана причина за моето преселување во Македонија“.

Македонија се засакува веднаш

Од моето досегашно искуство, не сум запознал Русин што не ја засакал Македонија веднаш, и тоа вистински. Дури и оние што поминале само неколку дена во Македонија, со години ги раскажуваат своите импресии од неа. Познавам и такви што се толку воодушевени од неа што таа им станала вистинска љубов. „Македонија ја засакав на прв поглед. Климата, планините, националната кујна, волшебното Охридско Езеро, веселите кафеански седенки, неверојатните македонски свадби, народната музика, овоштарниците, мирисот на рози и на свежо мелено кафе што лебди во воздухот. Списокот може да продолжи до бескрај, а за осум години ништо се нема сменето, како и секое утро излегувам на балконот со филџан македонско кафе, ја вдишувам аромата на градината и се насладувам со погледот на планините“, вели нашата соговорничка Катја. Историјата, културното наследство и секојдневниот начин на живот се уште една работа што е особено важна за Русите што доаѓаат во Македонија. „Како прво, Македонија ме восхити со својата богата историја и со својот неповторлив колорит. Богата со православни светилишта и цркви, измешаните стилови, неповторливото соседство на различни религии – сето тоа ве втурнува во необичниот и волшебен свет што се нарекува Македонија. Најсилен впечаток од моето секојдневие во Македонија претставува фактот што сѐ е блиску, за неколку минути може да се дојде до паркот, до центарот или до кое било друго место. За мене тоа е особено важно и значајно, зашто поголемиот дел од својот живот го поминав во Москва, а таму по патиштата човек троши една четвртина од денот. Уште едно пријатно секојдневие е отвореноста и дружељубивоста на минувачите или, едноставно, на непознатите луѓе, кои секогаш со топлина и со разбирање ќе ти пријдат на помош, ќе ти дадат совет или ќе ти го покажат патот“, ни ја отвора својата душа Надја.


Надежда Потаракина и Небојша, Марко и Милица Богоевски. Фотографија од лична архива

Носталгија постои

Но, како секој човек и овие две девојки чувствуваат носталгија. Јасно е дека постојат многу убави места на светот, но џабе не рекле дека не постои поубаво место од дома. Катја е од Сибир, каде што сѐ е сосема поинаку, каде што во најголемиот дел од годината царува зимата, но таа не може да остане рамнодушна на прекрасните снежни денови од детството. „Родена сум и израснав во сибирскиот град Омск. И, секако, мојот роден град зазема посебно место во моето срце. Во текот на овие осум години трипати заминав дома. Особено емоционална беше првата посета, кога сите спомени за животот во Русија беа свежи, имено тогаш за првпат почувствував носталгија. По враќањето во Скопје бев тажна, но со текот на времето стануваше полесно, па враќањето дома ми носеше само радост. Многу е убаво да се сретнеш со пријателите, да прошеташ по познатите улици, да влезеш во пекарницата во која сама одев од пет години. Ништо не може да го замени јануарскиот снег, кој крцка под нозете, погледот низ прозорецот од омилената соба, училишниот двор со мирисливите јорговани, вечерните прошетки по кејот на Иртиш. За среќа, мајка ми често ни доаѓа на гости и ни ја носи топлината на родниот крај“, се сеќава Екатерина. Природно е оваа љубов кон својата татковина да се трудат да ја пренесат и на своите деца. „Секако дека многу тагувам по својата татковина, зашто е невозможно да се заборави и да се престане да се сака земјата каде што си се родил и каде што си израснал, земјата каде што се твоите корени. Тоа е дел од мојот живот, не може да се заборави или да се престане да се сака дел од себе, сето она што е впиено од раѓањето, од мајчиното млеко. Многу би сакала и моите деца да ги имаат истите чувства кон Русија, како овие што ги имам јас“, се надева Надја.

Јазична бариера

Руската македонистика крунисана со признание
Елена Владимирновна Верижникова е во моментов најкрупниот специјалист по македонски јазик во Руската Федерација. Таа неколку децении се занимава со македонистиката, а своите знаења им ги пренесува на новите поколенија, кои допрва треба да дадат придонес во науката за македонскиот јазик. Со одлука на Сенатот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денес, на Денот на Русија, на Верижникова ѝ беше доделена титулата почесен доктор (doctor honoris causa). „Руска реч на македонски“ го проследи настанот и ви ги пренесува импресиите од свеченоста.

Но, преселбата никогаш не може да биде сосема едноставна и лесна. За секој странец е мошне тешко кога е во ситуација да не го разбира јазикот. За Русите ова е пречка, но не голема, зашто, сепак, станува збор за словенски јазик. „Селењето во друга земја секогаш е придружено со тешкотиите на преводот, така што обично јазичната бариера станува првата препрека на патот на емигрантот. Кога дојдов во Македонија не знаев ниту еден македонски збор. Првиот месец се чувствував непријатно поради тоа, тешко беше кога се наоѓам во друштво што разговара на неразбирлив јазик за мене. Но, сѐ се смени многу брзо. Излезе дека јазикот не е толку тежок, а своја улога имаше и тоа што тој е дел од словенската група јазици“, признава Екатерина. За Надја, пак, приказната е сосема поинаква: „Благодарение на тоа што мошне бргу го научив македонскиот јазик ми беше многу лесно и едноставно да се снајдам во Македонија. Отсуството на јазичната бариера ми помогна да го проширам кругот на своите интереси, да запознаат нови пријатели, да се вработам. Благодарение на работата и на моите колеги се чувствувам прекрасно во македонската средина и многу сум среќна што тие ме прифатија, што ме поддржуваат и што покажуваат интерес и внимание за мојата татковина и за руските традиции“.

Се слават и руските празници

Со оглед на тоа што овие девојки се однесуваат кон својата татковина со љубов, не е чудно што тие ги негуваат и традициите поврзани со руските празници. 12 јуни, пак, кој се смета за еден од најголемите државни празници во Русија, тие го прифаќаат на различен начин. „Русите во Македонија ги почитуваат и ги помнат сите руски празници, а 12 јуни не е исклучок. Обично на овој ден се собираме во кругот на сонародниците со кои имаме постојани пријателски односи. Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија организира приеми за големите празници, каде што ние комуницираме на мајчиниот јазик. Сакам да додадам дека за време на празниците се собираме со нашите семејства, нашите македонски сопрузи со задоволство ги поддржуваат руските традиции“, гордо ни вели Катја. Надја, пак, смета дека како во нејзиното така и во други руски семејства, сѐ уште не постои традиција за прославување на овој празник, затоа и не може да го спореди со другите празници што се одбележуваат во Русија. „Претпоставувам дека со помош на Амбасадата на РФ во РМ и со сонародниците во Македонија може да се привлече внимание на Денот на Русија – да се организираат активности, концерти или други настани, кои би ги заинтересирале, во прв ред, децата, со цел тие да ги впијат во себе руските вредности и традиции, да научат да ја сакаат и да ја почитуваат својата татковина, иако се далеку од неа илјадници километри“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.