Европа повторно на линијата на огнот?

Фотографија: Кирил Калиников / РИА Новости

Фотографија: Кирил Калиников / РИА Новости

Кризата во руско-американските односи продолжува да ја уништува нивната институционална база, поставена уште во времето на студената војна. Под закана се најде и Договорот за ликвидација на ракети со среден и мал дострел (РСМД), без кој Европа може повторно да стане арена за нуклеарно спротивставување на наддржавите.

Договорот за ликвидација на ракети со среден и мал дострел, кој беше потпишан во 1987 година, стана еден од клучните чекори за намалување на нуклеарниот конфликт помеѓу СССР и САД. „Според договорот, беше ликвидирана мошне опасна класа ракети – тие имаат кус време на летање до целта, што нагло ги зголеми шансите за кој и да е незначаен инцидент да се претвори во вистинска војна“, објаснува за „Руска реч на македонски“ програмскиот директор на Рускиот совет за меѓународни работи Иван Тимофеев. Освен тоа, по склучувањето на договорот Американците ги повлекоа од Европа своите ракети, па таа престана да биде цел за советските напади. 

Сериозни закани или уцена? 

Сега САД велат дека се подготвени да се повлечат од договорот. Притоа во Вашингтон уверуваат дека Москва веќе две години не се придржува кон него. Во руското МНР подвлекуваат дека тие немаат добиено конкретно објаснување од американските колеги за тоа што и кога Русија нарушувала. Сепак, Американците наместо да конкретизираат, зборуваат за можен одговор, меѓу другото и за поставување ракети со мал и среден дострел во Европа (владата на Велика Британија веќе даде своја вонредна согласност за ова). 

Самитот на НАТО во Турција: Русија сè уште е закана
Посетата на државниот секретар на САД Џон Кери на Русија на 12 мај, даде определени надежи на скоро подобрување на односите помеѓу РФ и Западот. Сепак самитот на НАТО кој минатата недела се одржа во Турција покажа дека ваквите очекувања се избрзани.

Според Иван Тимофеев, голема е веројатноста за денонсација на договорот во следниве три години: За прекинување на договорот се заинтересирани политичарите-јастреби. Освен тоа, против него се изјаснуваат и лобистите на воено-индустриските комисии од двете страни, со оглед на тоа што доколку договорот повеќе не важи, повторно ќе започне трката по вооружување“. 

Според доцентот на Вишата школа за економија Дмитриј Офицеров-Бељски, меѓу руските лобисти на воено-индустриските комисии во последниве три години сè почесто можат да се слушнат разговори за непотребноста од РСМД. „Исто така не се исклучува можноста дека САД имаат план да направат иза земји од Источна Европа квазинуклеарни во случај на измислена руска агресија“, појаснува експертот. 

Сепак, постојат и поинакви мислења. Заменик-директорот на Центарот за комплексни европски и меѓународни истражувања на Вишата школа за економија Дмитриј Суслов не смета дека Американците зборуваат сериозно за денонсација на Договорот. „Станува збор за уцена. Вашингтон ја предупредува Москва за својата подготвеност за сериозна трка за вооружување, која може да доведе до ситуацијата што ја имавме во осумдесеттите години од минатиот век. Освен тоа, сега Белата куќа се обидува да им покаже на граѓаните на САД и на сојузниците дека се подготвени да ги штитат своите интереси исто толку решително, колку и Москва“, објаснува тој за „Руска реч на македонски“. 

Откажувањето од договорот ќе го подели НАТО 

Доколку САД сепак го денонсираат договорот, последиците можат да бидат мошне сериозни, особено на фонот на настаните во Украина, каде Русија и Западот сè уште ги немаат поставено правилата на игра. „Нагло ќе се влоши ситуацијата со безбедноста во Европа. Ќе се зголеми ризикот од конфликт, ќе започне трка за вооружување и, како последица на тоа, ќе се појави ризик од ненамерна ескалација“, смета Иван Тимофеев. 

Излегувањето на РФ од ДОВСЕ е сигнал за Западот
Русија објави дека излегува од Договорот за обични вооружени сили во Европа (ДОВСЕ), нарекувајќи го „бесмислен“. Експертите сметаат дека Москва на ваков начин му го искажува на Западот своето незадоволство од неговите дејствија во контекст на украинската криза.

„Исто така е можен раскол во НАТО, вели Дмитриј Суслов. – Франција и Германија ќе бидат против, зашто не сакаат повторно да станат цели за руските ракети“. Секако, САД можат да се обидат со овој предлог да ја убедат Европа да го поддржи нивниот проект ПРО, но, според Дмитриј Суслов, тоа нема да успее. „Противракетната одбрана неспоредливо заостанува во својата ефикасност зад офанзивното вооружување“, смета експертот. 

Русија треба да зборува директно со Европа 

Руските власти се закануваат со поставување ракети Искандер во Калининградската област, доколку САД го денонсираат Договорот за РСМД. Но, експертите сметаат дека не треба да се брза со ова. 

„Доколку САД го денонсираат Договорот, Москва треба да одговори мошне внимателно и да се обиде да го разгледа проблемот на политичко ниво. Неопходен е дијалог со Европејците. Треба да им се објасни дека главниот губитник во ваков случај е Европа. САД ќе ги постават ракетите таму, а руските, соодветно ќе бидат насочени кон неа“, вели Иван Тимофеев. 

„Американците први изјавија дека се подготвени за денонсација, а не Русија, - потсетува Дмитриј Суслов. – Тоа треба да се искористи за почеток на интензивни разговори со Европејците. Тешко дека ќе го занишаме НАТО или дека ќе започнеме дијалог за промена на основите на европската безбедност, но сепак можеме да успееме да започнеме дијалог за безбедноста, кој досега го немавме. При што тоа би бил дијалог без учество на САД“. И не е исклучено дека токму со овој конкретен дијалог за конкретниот проблем и ќе започне процесот на нормализација на руско-европските односи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.