Русија во борба против алкохолизмот

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Русите сега помалку пијат, велат стручњаците од Министерството за здравство на Русија (ни испратија статистика која сè уште не е објавена). Овој резултат е постигнат благодарение на мерките што се спроведуваат во Русија, а кои се состојат во построги правила за продажба на алкохол на малолетници, забрана за рекламирање алкохолни пијалаци и забрана за продажба на алкохол во вечерните часови. „Руска реч на македонски“ сака да ви покаже и малку поинакви начини на борба со алкохолизмот во Русија.

Максим (не сакаше да го каже  своето презиме) сега има 31 година, веќе две години не консумира алкохол и учествува во програма за рехабилитација на поранешни зависници од алкохол. Тој вели дека луѓето што го опкружуваат забележале дека тој е зависник од алкохол кога имал 19 години, но тој не сакал да признае. „Моите родители беа млади и постојано се караа наместо да се грижат за мене. Бев препуштен самиот на себе. Сè започна со цигарите, потоа од љубопитство почнав и да пијам, но и за да изгледам посериозно“, вели овој млад човек. На почеток на човека навистина му се чини дека на тој начин се афирмира себеси. Но, подоцна тој станува слаб и не вреди за ништо. Станува обичен ров на својата навика“. Максим вели дека кај него зависноста се појавила на деветнаесет години, а во дваесет и деветтата лекарот му рекол дека не му останува повеќе од половина година живот доколку така продолжи. Тогаш му била укажана помош да најде центар за рехабилитација, и еве, веќе две години тој е трезен, живее без алкохол. 

Чист алкохол 

Како што изјавуваат за „Руска реч на македонски“ од Министерството за здравство, во Русија во тек е реализација на Концептот на државна политика за намалување на обемот на злоупотреба на алкохолни пијалаци и превентивно делување против алкохолизмот меѓу жителите на РФ до 2020 година, со што во периодот од 2008 до 2014 година е забележано постепено намалување на консумирањето алкохол. „Доколку просечното консумирање алкохол по жител се пресмета во чист алкохол, показателот за негово консумирање во 2008 година изнесува 16.2 литри. Истиот показател за 2013 година изнесува 11.6 литри (од планираните 12.5), а за 2014 година, според прелиминарните податоци, 11.5 литри (од планираните 12)“, велат од министерството.

Како да пиете вотка со Руси, а да не се опиете
Странците ги сметаат Русите за љубители на алкохол и често си го поставуваат прашањето „Зошто Русите толку ја сакаат вотката?“, но за време на овие зимски празници станува актуелно друго прашање: „Како да пиете вотка заедно со Руси?“

Сега главните начини на борба против алкохолизмот се строгите правила за продажба на алкохолни пијалаци на малолетници, забрана за продажба на алкохол во вечерните часови, како и забрана за рекламирање алкохолни пијалаци. Како што објаснува раководителот на организацијата „Трезна Русија“ Султан Хамзаев, сиве овие мерки се мошне ефикасни, но не се доволни. „Сега гледаме позитивна динамика во општеството, и гледаме дека државата прави вистински потези. Доколку не отстапуваме од мерките што се преземаат, тогаш сè ќе биде подобро“, вели тој. Хамзаев е уверен дека долната старосна граница за купување алкохол треба да биде 21, а не 18 години, како што е сега, и дека треба да им се одземе лиценцата за продажба на алкохол на продавниците кои во два наврати продале алкохол на малолетник (сега за овој прекршок е предвидена само парична казна). „Децата се ризична група. Ако ним им се оневозможи консумирање алкохол, тогаш ќе добиеме здрави луѓе“, објаснува Хамзаев. Тој, исто така, истакнува дека треба да се градат спортски објекти, со цел децата да се занимаваат со спорт“. 

Смртноста се намалува 

Водечкиот научен соработник на Центарот за демографски истражувања на Високата школа за економија Евгениј Андреев истакнува дека граѓаните на Русија навистина почнале помалку да пијат. „Смртноста е намалена благодарение на намалувањето на претераното консумирање алкохол“, вели тој. „Овој фактор беше причина за речиси половина смртни случаи кај мажите во Русија. Сега луѓето почнаа помалку да пијат лути алкохолни пијалаци и поретко се оддаваат на повеќедневно пијанство“. Експертот истакнува дека сите осцилации на показателите за смртноста биле поврзани пред сè со алкохолизмот. „Кај нас во 1965 година просечниот човечки живот почна да се намалува и тоа траеше сè до осумдесеттите години од минатиот век, односно до кампањата против алкохолот. Потоа на почетокот на деведесеттите години од минатиот век животниот век нагло се намали, а во 2003 година почна да расте. Сиве овие осцилации се поврзани со смртноста од консумирање алкохол“, истакнува тој. 

Наркологот на Националното антинаркотично здружение Марат Агињан за „Руска реч на македонски“ објаснува дека Русија ги презема сите мерки во рамките на светскиот процес насочен кон намалување на штетната консумација на алкохол. Но, и покрај овие мери, Русија и понатаму зазема високо место во вкупната консумација на алкохол. „Можам да кажам дека на ранг-листата за земји, составена според нивото на консумирање алкохол во 2014 година, Русија се наоѓа на четвртото место, како и пред четири години. Пред неа се Белорусија, Молдавија и Литванија“, вели тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.