Извор: Ројтерс
Кон крајот на минатата недела Русија на земјите од ЕУ им достави возвратен „црн список“ на лица на кои им е забранет влез во РФ. Реакцијата од страна на Западот, кој ја бараше оваа информација, се претвори во негодување и обвинување на Москва за тоа дека дејствува спротивно на меѓународното право.
Како што соопштуваат медиумите, рускиот „црн список“ кој претставува одговор на воведените санкции за руските граѓани од страна на ЕУ, им беше предаден на европските земји изминатиов четврток, 28 мај. Списокот на кој се најдоа 89 презимиња беше обелоденет од финската радиостаница YLE. Во него има најмногу политичари од Полска, Германија, Велика Британија, од скандинавските и од балтичките земји. Меѓу нив фигурираат имињата на поранешниот вицепремиер на Велика Британија Ник Клег, поранешниот премиер на Белгија Ги Верхофстадт, лидерот на француските социјалисти Брино Ле Ру. Повикот за обелоденување на рускиот „црн список“ од страна на ЕУ дојде откако во Русија не беше пуштен пратеникот на Бундестагот Карл-Георг Велман.
Прв кој објави дека РФ го предала санкцискиот список беше холандскиот премиер Марк Рите. Тој ја обвини Москва дека нејзиниот „црн список“ “не е заснован на меѓународното право, не е транспарентен и не може да биде оспорен на суд“. Од своја страна надворешнополитичката служба на ЕУ го нарече рускиот список „произволна и неоснована“ мера. Во низа европски престолнини исто така беше изразено негодување. Така, официјален Лондон изјави дека „за ваквиот список не постојат апсолутно никакви оправдувања“.
Симетричен одговор
Шефот на руското МНР Сергеј Лавров, коментирајќи ги ваквите обвинувања, ги нарече апсурдни и смешни. Тој рече дека на „црниот список“ се нашле оние кои „на најактивен начин го поддржувале државниот удар, со што Русите во Украина биле подвргнати на прогон и на дискриминација“.
Според Андреј Суздаљцев, продекан на факултетот за светска економија и за светска политика на Вишата школа за економија, негодувањето во земјите од Западот е предизвикано од фактот што РФ одговара на санкциите што беа воведени против неа. „Симетричниот одговор на Русија категорички не се прифаќа“, изјави експертот за „Руска реч на македонски“, подвлекувајќи дека како што сметаат во ЕУ, тие имаат право на воведување на вакви мерки, при што од тоа право ја лишуваат РФ. Според Суздаљцев, неочекуваното бурно негодување на ЕУ на рускиот список сведочи за тоа дека „Европа и САД не се согласуваат да започнат рамноправен дијалог со РФ. Не само што не се подготвени или не сакаат, туку имено не се согласуваат. Тие сметаат дека со Москва може да се разговара само на јазикот на ултиматум, скандали и барања“. Како што забележува експертот, РФ се судира со искрена недоумица од страна на Европа, која себеси се чувствува како „сопственик на најглавните вредности во светот“, а која одеднаш се нашла под нечии санкции.
Како што смета шефот на Рускиот совет за меѓународни работи Андреј Кортунов, иако користењето црни списоци во политиката предизвикува низа прашања, кои се однесуваат на процедурите, критериумите, условите за можниот делистинг, да се обвинува РФ за тоа би било „малку лицемерно“, со оглед на тоа дека Москва не беше таа која ги воведе овие списоци. Многу од прашањата кои Европејците ѝ ги поставуваат на Русија, би можело да им се адресираат ним, додава аналитичарот.
Сигнал од Москва
На списокот нема претставници од цела низа европски земји, како што се Кипар, Унгарија, Австрија, Грција, кои се познати по поумерените односи кон политиката на Русија. „Тоа може да се смета како определен сигнал кон оние земји со кои РФ продолжува да има добри односи“, смета Кортунов. Во исто време, како што забележува по овој повод шефот на Центарот за политички технологии Игор Бунин, рускиот „црн список“ може да се разгледува како свидетелство за постоење на различни приоди од страна на Москва кон различни држави од ЕУ. „Оние земји кои покажуваат поголема отвореност во однос на Русија, помалку се подвргнати на санкциски притисоци“, вели експертот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче