Извор: EPA
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров за време на посетата на Брисел на 18 и на 19 мај говореше на сесијата на комитетот на министрите за надворешни работи на Советот на Европа, се сретна со генералниот секретар на Советот на Европа Турбјерн Јагланд и со шефот на европската дипломатија Федерика Могерини, а исто така имаше и средба и со лидерот на НАТО Јенс Столтенберг.
Незгодна положба
По завршувањето средбите во престолнината на ЕУ Лавров изјави дека во односите помеѓу Русија и Европската унија останува „незгодната положба“ „поради затворањето на сите канали и на сите механизми за заемно делување од страна на Брисел“. Во исто време тој забележа дека постои и „определен напредок“. Тој тука го наведе прогресот кој се однесува на слободните трговски зони помеѓу ЕУ и Украина, кои постојат преку учеството на Русија. Министерот исто така позитивно се изрази и за работата на Советот на Европа, во сесијата на шефовите на дипломатии, каде и тој зеде учество.
Говорејќи на сесијата на комитетот, тој уште еднаш потврди дека Москва е приврзаник на идејата за создавање заеднички простор во сферите на економијата, безбедноста, хуманитарната област „од Атлантскиот до Тихиот океан“. Отсуството на ваква платформа и појавата на нови линии на поделба помеѓу западните земји и Русија во Европа, според министерот на РФ, е причина за моменталната украинска криза. За изнаоѓање решение за неа, како што изјави Лавров, неопходен е директен дијалог помеѓу Киев и бунтовниците, а исто така и спроведување на уставна реформа.
Крај на периодот на злобни изјави?
Според руските набљудувачи решението на кризата во Украина беше основната тема на посетата на рускиот министер. Тие, исто така, ја поврзуваат оваа посета на Лавров со посетата на шефот на Стејт департментот Џон Кери и на неговата заменичка Викторија Нуланд на Русија, кои покажаа промена на приодот на Вашингтон кон настаните во Украина.
Според експертот на Центарот за европски истражувања при Вишата школа за економија Максим Братевски, „под една година злобни изјави“ помеѓу Русија и Западот започнат е дијалог. Зборувајќи за задачите што ги решавал Лавров за време на својата посета, експертот нив ги подели на тактички и на стратешки. Во првата група аналитичарот го вброи стремежот на Москва да ги убеди Европејците да земат поактивно учество во реализацијата на минските спогодби, со цел Европа да изврши притисок врз Киев и да влијае врз отпочнувањето на уставните реформи во Украина. Стратешката задача на руската дипломатија, со која се занимаваше министерот во Брисел, според експертот, е неопходноста од обновување на односите помеѓу Русија и ЕУ и укинување на санкциите.
Проблемот со изборите во Донбас
За резултатите на преговорите на Лавров во Брисел постојат малку информации. Зборувајќи за средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Лавров во основа зборуваше за улогата на организацијата во решавањето на украинската криза. За средбата на министерот со Федерика Могерини беше објавено кусо соопштение од страна на руското МНР. По преговорите со Столтенберг, тој уште еднаш ја повика РФ да го прекине давањето поддршка на бунтовниците и ја повтори изјавата за отворени канали со Москва за политички контакти.
Недостатокот од официјални информации за средбите на Лавров може да биде одраз на сложеноста во преговорите, која, според мислењето на аналитичарите, е поврзана со тоа што РФ и ЕУ имаат принципиелно различни приоди кон тоа како треба да се решава украинската криза. Како што забележува политикологот Сергеј Марков, кој е близок до Кремљ, целта на посетата на Лавров била да се направи обид за зближување на позициите на страните.
Сега, според мислењето на експертот, настапува период на „интензивна дипломатија“, кој тој го поврзува со промената на позициите на САД кон кризата во Украина. Во Вашингтон повеќе не се надеваат на воено решавање на конфликтот во Донбас и „за првпат сериозно се зборува за исполнување на минските спогодби“, чија главна цел е обид за наоѓање на политички пат за решавање на конфликтот.
Промената на позициите на Вашингтон пред сите оние што се на еден или на друг начин поврзани со конфликтот става задача за усогласување на своите приоди во врска со спроведувањето на избори во регионите кои се одделија од централната украинска власт (централното прашање за политичко решавање на кризата), со што и се занимаваше Лавров во Брисел, смета Марков.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче